Фото: Архива „Нова Македонија“

Брисел сака место на преговарачката маса за Украина, но сè уште не знае дали има нешто да стави на неа

  • Европската Унија сака да биде рамноправен соговорник во преговорите за Украина, но меѓу дипломатската амбиција и реалната политичка моќ се отвора сè поголем јаз. Брисел зборува за европска стратегиска автономија, а не успева да изгради ниту убедлива внатрешна согласност за прашањата што непосредно го засегаат животот на неговите граѓани. Во такви околности барањето место на преговарачката маса за Украина повеќе личи на обид да се зачува геополитичкиот имиџ отколку на израз на подготвеност Европа самостојно да ја обликува својата иднина

Постојат индикатори во меѓународната политика кога амбицијата престанува да биде показател на сила и почнува да станува доказ за нејзин недостиг. Токму тој индикатор денес се препознава кај ЕУ. Имено, Брисел сака да разговара со Москва, Брисел сака да биде присутен во преговорите за Украина и сака светот да ја третира Европа како геополитички фактор без кој не може да се донесе ниту една голема одлука за нејзината безбедност. Според повеќе аналитичари што ја следат состојбата во Брисел, веќе нарекувајќи го „болниот во Европа“, „меѓу желбата да се седи на преговарачката маса и способноста да се влијае врз она што ќе биде договорено постои огромна разлика“.
– Способноста да се влијае ефикасно врз геополитичките процеси не се премостува со декларации, самити, соопштенија или со избор на дипломат што ќе ја претставува Унијата. Се премостува со силна политичка волја и планирани зафати што имаат реален основ да се остварат, со единство, со конкретни инструменти на моќ и, пред сè, со способност да се донесуваат одлуки. А на Брисел му недостасува сето ова. Токму последново, за носење одлуки, е всушност хроничен проблем на Брисел! Европската Унија се однесува како актер што има право на рамноправно место во големата геополитичка игра, но премногу често не успева да покаже дека располага со механизми што би го оправдале таквото барање. Нејзината дипломатска реторика одамна ги надмина границите на нејзината политичка оперативност. Зборува за стратегиска автономија, за европски суверенитет и за способност самостојно да ги брани своите интереси, а кога треба да се усогласат интересите на земјите членки, од големите зборови останува долга и мачна процедура на договарање, блокирање и барање најмал заеднички именител. Еве, хипотетички, и да му биде дозволено на Брисел да биде на масата за преговори, што е тоа што реално може да го постигне Брисел доколку седне на масата – едноставно ништо, бидејќи нема ниту сила ниту моќ за преговори – вели по малку разочарано нашиот соговорник од Брисел, високопозициониран во администрацијата на ЕУ.

Геополитика со соопштенија!?

Според нашиот соговорник, Брисел има особен талент да ја претвори сопствената желба во политичка позиција, а потоа таа позиција да ја претстави како доказ дека „има големо влијание“. Но тоа, како што вели тој, од пред извесно време се претвори во „талент на надуван балон“.
– Кога Брисел зборува, на пример, за европската одбранбена автономија, за заедничката надворешна политика или за улогата на Унијата во решавањето на војната во Украина, се остава впечаток дека станува збор за некоја јака централизирана сила со јасни приоритети и единствена стратегија. Грешка… Реалноста е многу понеуредна. Европската Унија не е држава, нема единствен политички суверен и не располага со претседател што може да донесе одлука во име на сите 27 членки како што тоа го прават претседателите на САД или Русија во рамките на сопствените државни системи. Нејзините надворешнополитички амбиции зависат од сложената волја на националните влади, од различните безбедносни процени и од подготвеноста на членките да прифатат заеднички ризик. Тоа не е административна ситница. Тоа е суштинска граница на нејзината моќ. Доволно е да се погледне европската практика во прашањата за буџетските приоритети, земјоделската политика, енергетиката и распределбата на финансиските товари. Таму каде што интересите на членките се судираат, заедничката европска волја често се распаѓа на национални калкулации. Едни бараат повеќе средства, други одбиваат да плаќаат повеќе. Едни сакаат побрза енергетска транзиција, други предупредуваат на нејзината цена. Едни бараат построги правила, други бараат исклучоци за сопствените производители и индустрии. И сето тоа се случува во рамките на унија што веќе има изградени институции, правни механизми и децениско искуство во координирањето на заедничките политики. Ако е толку тешко да се постигне стабилен компромис за прашања што се дел од секојдневното функционирање на Унијата, зошто би се претпоставувало дека Брисел лесно може да изгради единствена и цврста позиција за војна, мир, територијални прашања и безбедносни гаранции во Источна Европа? Геополитиката не е продолжение на бирократијата со други средства. Таа бара одлуки, а одлуките понекогаш бараат цена што не секоја влада е подготвена да ја плати – анализира нашиот соговорник.

Не може да се биде голема сила само затоа што се верува во тоа

– Европскиот проблем не е во тоа што Унијата нема ресурси. Има. Нејзиниот економски, финансиски, технолошки и регулаторен потенцијал е значителен – тврди нашиот бриселски соговорник.
Притоа тој додава дека веќе е проблем што тие ресурси не се претвораат во единствена политичка моќ.
– Европската тежина е важна, но таа мора да биде поврзана со јасна стратегија, со способност за брзо дејствување и со подготвеност за преземање одговорност! Брисел го загуби тоа. На пример, Вашингтон може да преговара со Москва затоа што зад неговата дипломатија стојат државна власт, воени капацитети, разузнавачки структури и можност за преземање одлуки што имаат непосредни последици. Москва, од своја страна, ја води војната, располага со сопствените воени и државни инструменти и настапува со цели што ги смета за суштински за руската политика. Каде е Брисел во оваа споредба? Тој располага со економски инструменти, санкции, финансиска помош и политичко влијание врз Украина. И што? Ништо! Брисел не може самостојно да ја замени американската воена улога, не може да ја принуди Москва да прифати европски услови и не може да гарантира дека сите европски влади ќе ја поддржат секоја одлука што би ја донел некој заеднички преговарач. Тука се урива претставата за Европа како еден силен геополитички центар. Сите веќе го препознаваат тоа. Брисел може да биде влијателен, но сега сѐ повеќе само врз помалите држави, особено да им покажува политички мускули на земјите кандидати за ЕУ. Сега Брисел баш нема преговарачка тежина со САД и Русија. Во политиката, самопроцената не е мерка за моќ. Мерка е она што другите мора да го земат предвид кога донесуваат одлуки – брифира нашиот соговорник.

Кој ќе го слуша европскиот преговарач?

Дебатата за тоа кој би можел да разговара со Владимир Путин во име на Европската Унија ја открива и институционалната несигурност на Брисел. Дали тоа треба да биде претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, високата претставничка за надворешна политика Каја Калас или некој од националните лидери со поголема политичка тежина во безбедносните прашања? Самото постоење на ваквата дилема не е доказ за слабост. Но станува симптоматично кога расправата за личноста ја засенува расправата за мандатот.
– Ајде сега јас вам да ви поставам некое прашање. Во вакви услови и ваква поставеност на ЕУ, кога има страшни несогласувања и меѓу Фон дер Лајен и Каја Калас, кој е тој што ќе му даде овластување на преговарачот? Кои услови ќе смее да ги прифати? Дали сите членки ќе застанат зад неговите позиции? Што ќе се случи ако некоја влијателна влада смета дека договорот не одговара на нејзините национални интереси? И кој ќе ја преземе одговорноста ако европската позиција се распадне во моментот кога од неа ќе се бара конкретна одлука? Ова не се технички прашања. Ова е суштината на проблемот. Путин не би разговарал со европски претставник само затоа што тој е назначен од Брисел. Вашингтон не би ги менувал своите позиции само затоа што Унијата смета дека заслужува поголема улога. Во меѓународната политика авторитетот се гради врз способноста да се влијае на исходот, а не врз институционалниот назив на соговорникот. Европскиот преговарач би бил релевантен доколку зад него стои јасна и одржлива заедничка позиција. Во спротивно, тој би можел да биде само дипломатски глас на една унија што сè уште се обидува да ги усогласи сопствените интереси – отворено зборува нашиот соговорник од бриселската администрација.

Место на масата не значи и место во одлучувањето

– Јас ги бранам позициите дека Европа има легитимни причини да бара учество во преговорите за Украина. Таа ќе биде директно засегната од нивниот исход, ќе има важна улога во обновата на земјата и ќе мора да се справува со долгорочните безбедносни последици. Но легитимниот интерес не е исто што и преговарачка моќ. Ако Брисел сака да биде релевантен, мора да покаже што конкретно може да понуди, што е подготвен да гарантира и кои последици е способен да ги преземе доколку договорот не се почитува. Мора да ги усогласи сопствените позиции пред да бара другите да ги третираат како единствена европска политика. Во спротивно, европската иницијатива ќе остане дипломатски обид да се зачува статусот на актер што верува дека треба да биде присутен, без целосно да докаже дека може да влијае врз исходот. Проблемот на Брисел не е што нема право да разговара со Москва. Проблемот е што сè уште не покажал дека може да зборува со еден глас, да преземе заеднички обврски и да ја претвори сопствената економска и политичка тежина во одлучувачко влијание. Во меѓународната политика никој не добива статус на голема сила само затоа што се прогласил за таква. А уште помалку затоа што смета дека неговото отсуство од некоја маса би било неправедно. На крајот, прашањето не е дали Европа заслужува место во преговорите за Украина. Прашањето е дали Брисел може да докаже дека тоа место ќе промени нешто во нивниот исход. Зашто, да се биде на масата не значи дека се одлучува. Понекогаш значи само дека некој морал да обезбеди уште едно столче – поентира на крајот нашиот соговорник од Брисел, отворено зборувајќи за (не)реалните позиции на Брисел за евентуално заземање место во преговарачкиот процес за Украина. П.Р.