Повод: Триесет и петгодишнина од донесувањето на Уставот
- Македонија не може бесконечно да го менува својот Устав под надворешен притисок, а притоа да очекува тој да остане цврст темел на државноста, правната сигурност и националниот консензус. И не е во прашање само бројот на уставните измени туку и кој ги поставува, условува и менува уставните граници, неговиот карактер, во чие име се носат и колку од нив остануваат израз на суверената волја на граѓаните
Македонскиот Устав како највисок правно-политички акт на државата е многу повеќе од збир на членови, правни формулации и институционални надлежности. Тој е и договор за заедничкото живеење, политичка рамка на државноста и сврзувачка нишка меѓу минатото, сегашноста и иднината. Ако таа нишка почнува да се разлабавува, како повеќепати досега со некои интервенции во него, тогаш и секоја нова наредна интервенција е сомнеж дека таа нема да биде надградба, туку ќе стане прашање на доверба во сопствената држава. Во тој контекст и претседателката Гордана Сиљановска-Давкова по повод 35-годишнината од донесувањето на Уставот отвори суштинска дилема, имено „дали Македонија го третира својот највисок правен акт како стабилна основа на демократскиот поредок или како документ што повторно и повторно се приспособува на политичките околности и барањата што доаѓаат однадвор“.
Не за Устав што сè потешко ја обединува државата
Факт е дека македонскиот Устав претрпе голем број измени. Особено е чувствително прашањето за интервенциите што се случувале под силен меѓународен политички притисок, како и за нивното влијание врз домашниот политички и правен поредок.
– Да, точно дека Македонија е и редок пример во кој преамбулата е менувана двапати, што само по себе ја наметнува потребата од сериозна анализа на причините, последиците и долгорочниот импакт на уставните решенија, и во делот од преамбулата и во нормативниот дел. За мене особено се важни измените во преамбулата, затоа што е интервенирано во политичките темели, карактерот и историскиот континуитет на државноста. Но, згора на тоа, и измените во нормативниот дел не се најсреќното решение и покажуваат голем број слабости. Еднакво е важно дали тие создаваат појасен, пофункционален и поправеден систем или, напротив, како што е сега, отвораат нови недоумици, различни толкувања и дополнителни политички судири. Кога уставните одредби се непрецизни, кога терминологијата е неусогласена, а правните формулации оставаат простор за спротивставени интерпретации, Уставот ја губи својата основна функција, а тоа е да биде јасна и предвидлива рамка за сите. Наместо да ја зацврстува правната сигурност, тој ризикува да стане поле на постојани политички натегања – анализира нашиот соговорник, универзитетски професор на Правниот факултет во Скопје.
Тој додава дека, и во такви услови, уставниот текст мора да остане формално највисок правен акт и апсолутно да се почитува, но неговиот авторитет постепено слабее.
– А кога слабее авторитетот на Уставот, се отвора и прашањето за цврстината на заедничкиот државен договор. Тоа е суштината на опасноста, и тоа не само што Уставот станува сè потежок за читање туку и сè потешко може да се препознае како стабилна основа што ги поврзува граѓаните во една политичка заедница -порачува во јавноста професорот.
Европскиот пат не смее да стане бесконечна уставна условеност
Во тој контекст повторно се отвора прашањето за барањата поврзани со европските интеграции, вклучувајќи ја и обврската за уставни измени во однос на внесувањето делови од бугарската заедница во Уставот.
– Политичката суштина на спорот не е само во конкретната содржина на измените туку и во начинот на кој се поставува условеноста, за тоа каде завршува легитимното барање за исполнување на преземените обврски, а каде започнува ризикот од создавање практика во која Уставот и уставниот поредок стануваат предмет на надворешно политичко договарање. Па, ве молам, јас ова слободно може да го сметам како казнено поведение на „рушење на уставниот поредок“, само со помеки, ненасилни средства, што е највисок степен на напад на суверенитет на секоја држава. Добро, малку со посликовита и попластична теза настапувам за јавноста, но сето тоа е со цел да привлечам внимание на јавноста со какви сериозни противправни поведенија се соочуваме – издвојува нашиот соговорник, универзитетски професор.
Тој секако ги зема предвид евроинтеграциите, но посочува дека секое ново барање кон Македонија не мора автоматски да биде прифатено.
– Да, разбирам дека европската интеграција е стратешка определба на државата. Но таа не може да се сведе на логиката дека секое ново барање автоматски мора да биде прифатено, без оглед на неговиот домашен политички контекст, уставноправните последици и капацитетот на општеството да постигне одржлив консензус. Ниту Париз, ниту Софија, ниту Брисел можат да ја заменат одговорноста на македонските институции да ги оценат последиците од секоја уставна интервенција. Истовремено, обврските преземени во рамките на европскиот процес не можат да се игнорираат без политички последици. Токму затоа е неопходно секое следно решение да биде разгледано низ призмата на правото, суверенитетот и интегритетот и карактерот на Македонија, потоа врз основа на меѓународните обврски, демократскиот легитимитет и долгорочниот интерес на државата – вели професорот.
Однапред наметнати и прифатени политички решенија не доаѓаат предвид
Суштинското прашање е дали европскиот пат ќе се гради врз предвидливи правила и заемно почитување или ќе се претвори во низа нови условувања што постојано ја поместуваат целта, правејќи „подвижна цел“, за што како термин и тема веќе пишуваше нашиот новинар Сашо Таневски. Ако секоја уставна промена се претставува како единствена врата кон следната фаза од интеграциите, тогаш се наметнува потребата од јасни гаранции дека условите нема бескрајно да се прошируваат и дека исполнувањето на преземените обврски ќе биде вреднувано според однапред утврдени критериуми.
– Сепак, не е доволно само да се констатира дека Уставот има слабости. Потребно е да се утврди како тие ќе се отстрануваат и според кои принципи ќе се оценуваат идните измени. Зошто да не, предлогот за активна уставна комисија, со учество и на надворешни уставноправни експерти, заслужува сериозна институционална расправа. Континуираното следење на спроведувањето на Уставот, откривањето на противречностите и усогласувањето на правната терминологија може да придонесат за поквалитетен уставен поредок. Но таквата работа не смее да стане параван за однапред наметнати и прифатени политички решенија. Напротив, таа треба да создаде стручна основа врз која ќе се утврди што навистина треба да се менува, дури и од онаа материја што била изменета, потоа што може да се подобри со обични законски решенија и кои уставни принципи треба да останат трајни и недвосмислени – вели нашиот соговорник, професор по уставно право.
Во време на длабоки геополитички поместувања, нови сојузи и преиспитување на меѓународните односи, Македонија има потреба од стабилни институции, функционална демократија и јасно дефинирани национални приоритети. Нејзината стратегија не може да биде само чекање на следното барање однадвор, ниту механичко прифаќање на секој нов услов во надеж дека со тоа ќе се обезбеди побрз пат кон Европската Унија. Според многумина политички аналитичари, приоритет за Македонија мора да бидат внатрешните реформи, владеењето на правото, независноста на институциите и широкиот општествен консензус за прашањата што ја засегаат иднината на државата. Тоа не значи откажување од европската перспектива, туку настојување таа да се остварува со демократски легитимитет, правна доследност и јасна претстава за сопствените интереси.
Македонија не може да ја запре историјата, ниту да ги избрише последиците од претходните уставни компромиси. Но има правни механизми за т.н. „враќање во поранешната состојба“, за елементи со кои е направен упад во уставноправниот систем на државата со тежок импакт над перемпторните норми и идентитетските инсигнии, што наметнатите измени во македонскиот Устав, како и во дел од познатите меѓународни договори, ги прават – ништовни. Затоа, во иднина секоја следна промена треба да биде резултат на внимателна процена и внатрешен договор за да се избегне уште една епизода на „политичка итност“ и „загарантираност“ дека ќе се направи исчекор напред.
– Ако Уставот постојано се приспособува без јасна долгорочна визија, опасноста не е само во неговата непрегледност. Опасноста е во постепеното губење на она што треба да го прави Уставот највисок правен акт, а тоа е да биде заедничката, стабилна и демократски легитимна основа на македонската држава. А без таква основа, ниту европската перспектива ниту формалниот суверенитет не можат сами по себе да ја надоместат ерозијата на довербата во сопствениот државен поредок. Се разбира дека Уставот може да се менува, но државата и нацијата не смеат да останат без цврстата подлога за сопствените темели. Неговата правна јасност мора да се обновува, а неговата демократска легитимност да се зајакнува. Но новите измени не смеат однапред да се прифаќаат само затоа што се поставени како услов однадвор. Пред секоја таква одлука мора да стојат аргументи, правни последици, меѓународни обврски, а пред сѐ волјата на граѓаните, почитувајќи ја волјата на нашите предци, но и мислејќи за нашите идни генерации – порачува наш соговорник, поранешен пратеник, а сега политички аналитичар. П.Р.































