Фото: „Нова Македонија“

Демонстрантите првично се собрале пред објектот на Владата. Потоа заминале пред седиштето на парламентот, па потоа пред Социјалистичката партија, пред зградата на МВР, пред зградата на локалната самоуправа на Тирана, при што уништувале приватен и јавен имот, фрлале молотови коктели и други запаливи средства, како и тврди предмети кон полицијата и кон јавните установи. Повредени се 10 полициски службеници, а еден од демонстрантите бил зафатен од запален молотов коктел…

Албанија

Државата е во паника и граѓанскиот бунт не може да се запре ниту со солзавец ниту со полиција, изјави генералниот секретар на опозициската Демократската партија на Албанија, Фљамур Нока, по завршување на националниот протест во Тирана, додавајќи оти тоа е првиот чекор на граѓанската непослушност и дека од Собранието веќе излегле на улица. Тој го повтори повикот за техничка влада, сметајќи ја како единствена алтернатива за социјален мир и слободни избори.
– Дајте решение за барањето на граѓаните за создавање техничка влада, во спротивно нема да има мир. Тие денеска разбраа дека битката со граѓаните не се добива со солзавец, ниту со насилство. Граѓанската непослушност ќе продолжи сѐ додека не се исполнат нашите барања – нагласи Нока.
Учесниците во протестот предизвикаа голема материјална штета на улиците на главниот град на Албанија, а особено на седиштето на Социјалистичката партија, при што полицијата употреби солзавец и водени топови. Незадоволните граѓани првично се собрале пред Владата. Потоа заминале пред седиштето на парламентот, па потоа пред Социјалистичката партија, пред зградата на МВР, пред зградата на локалната самоуправа на Тирана, при што уништувале приватен и јавен имот, фрлале молотови коктели и други запаливи средства, како и тврди предмети кон полицијата и кон јавните установи. Повредени се 10 полициски службеници, а еден од демонстрантите бил зафатен од запален молотов коктел, но пожарникарите го спасиле.
Полицијата поднесе кривични пријави против тројца организатори, како и против учесници на протестот. Генералниот секретар на Демократската партија, Фљамур Нока, координаторот на пратеничката група Газмент Барди и организацискиот секретар Ервин Минароли се товарат за „организирање и учество во незаконски собири и демонстрации“. Протестот, на кој немаше говори, се одржа под мотото „Марширање до Тирана – сега или никогаш“. Р.С.