Германското селанско востание и вечниот образец на робовладетелството (1)

Ни едно земно општество не може да се одржи без
нееднаквост меѓу луѓето, Мартин Лутер

Ние сега сме во епохата на либерализмот на Западната цивилизација, која него го прогласи за најлибералниот од сите видови системи и општествени уредувања од почетокот на светот до денес. Но дали е тоа така или е тој само најмаскиран на најсофистициран начин, што значи и најперверзен во својата протејска мимикрија, приспособен на новите модели на опстојување на робовладетелството, или марксистички речено на опстојување на класната поделеност. Со јазикот на еволуцијата, либерализмот е камелеонски, мимикриски гуштер, кој на просторот на зелена површина, во ливадата, и тој е зелен, а на сива карпеста површина е сив, па тешко може да се открие и препознае.
Кус вовед во темата на колумнава, а сега по него in medias res поконкретен влез во неа. Едноставно системот робовладетелство има прастаро потекло и е компониран од робови и господари. Овие вторите титуларно се викаат робовладетели со сите права над потчинетите на себе, со право како господ и на располагање со нивниот живот. Робовладетелство имало во Сумер, покрај Тигар и Еуфрат, и во Египет покрај Нил, во кој робовите како монументални гробници за фараоните ги кренале пирамидите. Посебно робовладетелството било присутно во Стара Грција и во Римската Империја, каде што имало многу повеќe pобови од слободни луѓе. Робовладетелските системи, разбирливо, важат за општества во кои е најостра спротивставеноста на класите, што е гранична ситуација на егзистенцијална подносливост на нештата, егзистенцијално понижение, болка и траума на потчинетите, па оттука и честите буни и востанија на робовите против робовлодетелите. Едно од најпознатите меѓу нив во Римската Империја е Спартаковото востание во 71 г. пр. н.е, кое најверојатно и го инспирирало Микеланџело за неговата позната скулптура „Побунетиот роб“ што се наоѓа во париски „Лувр“. Итн.
Не знам, драг читателу, дали постои некоја посебна книга со хронологија на буните и востанијата на робовите против своите сурови господари, се разбира вклучително и до револуциите во модерното време, до Октомвриската револуција, а некои востанија по неа во колонизираните африкански и други земји од Западот. Но и слични побуни во самиот капиталистички запад како ексклузивитет и показ дека и во земјите што поробуваат и создаваат ропства постои латентно, иако едваj препознатливо робовладетелство, означено со синтагмата експлоатација на работничката класа. Една таква буна беше буната на работниците во Франција означена како буна на „жолтите елеци“. Таа беше посебно истрајна и со јак интензитет со опасност да се прошири понатаму од Франција во целиот неправеден капиталистички свет, но беше брзо неутрализирана од полицијата како орудие на капиталот и капиталистите. Но за неа поконкретно нешто, и во контекст, драг читателу, малку понатаму. Сега веќе е ред да преминеме на селанското востание во 1525 во Германија во средновековна Европа во која имаше егзотичен коктел од ренесанса, хуманизам и феудализам. А зошто го избравме, пак, токму него како еден од помаркантните обрасци за илустрација на големата слика на робовладетелството, кое маршира perpetuum mobile низ времето и епохите и стасува до наши дни, пред нас во епохата на лукавиот либерализам завиткан мимикриски во целофанот на човековите права за да ги скрие и оправда богатите корпорации, капиталот со исцицаната крв на paботниците, односно украдениот вишок на вредноста според Маркс што го присвојува од работникот бескрупулозно капиталистот. Анализата на таа модерна робовладетелска кражба Маркс брилијантно ја расветли во неговото ремек-дело на илјада страници „Капиталот“. Така ние гледаме дека протејското лице на робовладетелството не исчезнало, туку само добило нови модификации и стилизации со во голема мера перверзен карактер по Сумер, Стариот Египет, Стара Грција и Римската Империја каде што тој и суров не се криел како во капитализмот под маска и мимикрија.
Селанското востание во Германија во 1525 е само една приказна, но многу карактеристична за виталниот образец на робовладетелството, карактеристична посебно бидејќи е поврзана и со најкрупната личност на западната средновековно религиозна и воопшто хуманистичка реформација во духот на Светото писмо во Германија и Западна Европа.

Поврзана е со неговата храброст да ѝ се спротивстави на империјата на Католичката црква со своите славни 95 тези против нејзината корупциска индулгенција и да го основа протестантството како некој вид религиозен етички хуманизам. Но потоа, парадоксално и шокантно за оние што му верувале, тој паѓа морално со неговите ставови по однос на буната на селаните, кога го оправдува пред селанските бунтовници робовладетелството, дури и со примери од Светото писмо.
За тоа нешто повеќе потаму, драг читателу, оти сега треба да кажеме нешто поконкретно за селанската буна против царската власт и аристократските господа. Таа буна како увертира почнува меѓу 1522 и 1523 со бунтот на витезите од средната класа, составена од питомците на воените училишта со благородничко потекло, кои своите права ги бранеле со вртење на сабјите, настроени против царската власт што ги понижувала и морално и материјално. Тие притоа за својата побуна барале потпора кај врховниот авторитет Лутер, подготвени да се судрат дури и со трупите на римскиот папа во евентуалниот нивен судир со протестантите. Но поддршката од Лутер не ја добиле, па витезите почнале со колеж на селаните и палење на селата. Потоа се крева селанското востание, едно од најкрвавите востанија во историјата на Германија. Селаните притоа имале идеја да направат синтеза на верските со политичките права во изградба на поправедно општество. За таа цел нивните водачи составиле и манифест од 12 точки. Во него, покрај другото, се барале слободен избор на верските пастори, поправедно плаќање на десетокот, потврда на личната слобода и намалување на даноците. Во манифестот посебно била значајна дванаесеттата точка, која гласела: „Ако меѓу тука формулираните точки се наоѓа некоја што не e во согласност со божјата реч, подготвени сме да ја прецртаме и тоа секогаш кога таа ќе биде дополнета со примери од Светото писмо“. Тоа е важно за востанието и востаниците и нивните етички принципи усогласени во врска со божјото право за личната слобода на секој еден човек како богообразно создание. Така, но факт е дека Бог бил отсутен за време на крвавите востанички оргии со невидена суровост кон благородништвото. Она што е спознание на Достоевски: „Ако нема Бог сè е дозволено“, во слична варијанта кај Ниче: „Отаде границата на доброто и злото“. Но отсутноста на Бог, драг читателу, знаеш, е карактеристична за Западната цивилизација и кога лицемерно се повикува на него. А таа отсутност трае почнувајќи од 11 век на темпларите па наваму, а посебно интензивно по Колумбовото откривање на Америка во 1492 и големите колонијални походи на западните колонизатори, во кои како едно од неговите моќни оружја за асимилирање на поробените и опљачканите домородни народи се користени со насилнички методи и христијанството и неговото Свето писмо. Слично нешто, иако превртено наопаку, се случило и со селанската буна во Германија во која селаните и нивните водачи, иако се потпирале на етичките библиски принципи, сепак не ги заобиколиле ѕверствата и нагонот кон нив во борбата со благородништвото што ги понижувало.
Но не помало било и ѕверството на благородништвото, кога најпосле со царската армија успеало да го задуши востанието на селаните и да почне со уште посурова одмазда кон нив. Во него страдале над 100.000 селани, жени и деца во селата, кои биле спепелени до темел. Многу од бунтовниците биле брутално мачени и набивани на кол. А сè тоа се должи, драг читателу, и на Лутер, кој отсечно им свртел грб на селаните и сиромашните, во кого тие и во Светото писмо гледале потпора и можност за своите верски и човечки права и изградба на едно поправедно човечко општество. Но Лутер тука во својата до екстремност перверзна и антихристова егзегеза се покажал како демагог, овој пат недостоен за Светото писмо. Во таа смисла тој, надвор од новозаветната идеја на Христос за еднаква социјална правда за сите, речиси брутално ја дефинира својата дарвинистичка идеја на тој план кога вели: „Ни еден систем на владеење на земјата не може да се одржи без нееднаквост меѓу луѓето“. Таа децидна изјава е шокантна за Лутер реформаторот, кој своите 95 тези за етиката на христијанството, а критикувајќи ја Католичката црква за нејзината индулгенција и другите морални дефекти, ги окачил на вратата од црквата во Витенберг. Туку работата потоа е во тоа, драг читателу, што тој со својата аподиктична формулација за функционирање на општествениот систем, кој е незамислив без социјална нееднаквост, де факто го промовира како неизбежен системот на робовладетелството како образец на човековото социјално, егзистенцијално, па во крајната инстанца и метафизичко постоење.

Тоа е тоа. Тоа е во овој контекст на селанското востание темата за митот и антимитот, карактеристична за контроверзната природа на Лутер. Темата на херојот и антихеројот како една контроверзна целина.
Од постапката на Лутер секако биле страшно збунети селанските бунтовници и нивните водачи, посебно и затоа што тој бил најголемиот реформаторски авторитет во Западна Европа, кој пледирал според проповедите на Христос за еднаквост на сите луѓе пред бог, што значи за укинување на јазот меѓу богатите и сиромашните и остварување на божјата социјална правда, нешто што го сфатиле есенцијално богомилите неколку столетија пред германскиот водач на peформацијата. Биле збунети од Лутер селаните, а биле збунети и двајца германски гении, сјајниот сликар на германската ренесанса Алберхт Дирер и хуманистичкиот реформатор, исто така теолог како и Лутер, но со пошироки хуманистички хоризонти од него, Еразмо Ротердамски. И двајцата тие во душата биле на страна на селското востание против благородништвото, но јавно не го поддржале него. Веројатно за тоа бил причина и авторитетот на Лутер, кој тие го почитувале, слепи за неговиот став кон селаните и веќе отпаднички ставови од новозаветното евангелие. Но сепак покрај Дирер и Еразмо Ротердамски постои и еден друг гениј што решил да ги покаже своите симпатии кон селското востание и селаните. Тоа е исто како и Дирер, не помал од него гениј, Матис Гриневалд еден од ренесансните претходници, како, и Микеланџело и Тинторето, на модерниот европски експресионизам. Кога пишував, се сеќаваш, драг читателу, за антологиската фреска на европското христијанско сликарство „Оплакување“ во Нерези во колумната/есеј „Зошто Богородица најмногу плаче во Македонија“, во мојата потрага по компаративен пример на нејзиниот космички крик го пронајдов токму Гриневалд со неговите распетија на Христос на Изенхајмскиот олтар.
Гриневалд е типичен пример на уметнички гениј што не е затворен во метафизичкиот кафез на својата уметност, туку е и активен проследувач и учесник во драматичните мигови на своето време, како што е тоа селското востание во неговата Германија, ризикувајќи го и животот за идејата секој човек еднакво да биде осветлен од божјото сонце на вистината и правдата, посебно и социјалната, нешто до што се држеле посебно нашите богомили. Токму нивниот инстинкт за социјална правда, што ја проповедал и Христос, и го привлекол кон нив Рацин, македонскиот Гринвалд. А тоа му недостигало на реформаторот Лутер, кој ги издал на тој план идеалите на Христос, за што по некоја реченица ќе стане збор. Туку сега во тој контекст на Гриневалд и на Рацин во аналогна врска со него, драг читателу, мене ме јаде јанѕа кај беа во ова кукавичко време нашите „силни“ „интелектуалци“, писатели и уметници кога нас цивилизацијата нè ништеше и сè уште нè ништи идентитетски. Да. Но за возот да не излезе од шините на темата, одиме понатаму. Да го дообјасниме Лутер, а со него и кризата на институционалното црковно (набргу по Христос подржавено и мимикриско) или „историско христијанство“, како што го нарекува Берѓаев, а кое, за жал, отсекогаш кокетирало со естаблишментот. Тоа било суптилно и директно вклопено во образецот на робовладетелството, поддржувајќи ги господарите, а не слугите – како што направи и самиот Лутер во случајот со селанското востание во Германија против благородниците во 1525 година.

(продолжува)