Досега се продадени повеќе од 500 милиони примероци од култниот предмет, што ја прави една од најпродаваните играчки сложувалки во светот, не сметајќи ги безбројните фалсификати, а постојат повеќе од 43 квинтилиони начини да се намести
Јубилеи: 50 години од создавањето на Рубиковата коцка
Рубиковата коцка, шарена тридимензионална сложувалка, годинава одбележува 50 години постоење и сѐ уште им ги освојува срцата на децата и возрасните низ светот. Овој едноставен, но брилијантен изум е на Ерно Рубик (80), унгарски архитект и професор. Лансиран е во 1974 година и оттогаш не престанува да ги интригира и инспирира луѓето од сите возрасти.
Досега се продадени повеќе од 500 милиони примероци од култниот предмет, што ја прави една од најпродаваните играчки сложувалки во светот, не сметајќи ги безбројните фалсификати, а постојат повеќе од 43 квинтилиони начини да се намести.
Постојат повеќе од 43 квинтилиони начини да се реши, а квинтилион е милијарда трилиони.
– Дури и по илјадници години сè уште ќе најдете нови начини да ја составите – вели творецот Ерно Рубик.
Во книгата објавена во 2020 година, Рубик откри дека никогаш немал намера да остави свој белег на светот, туку наместо тоа, бил воден од неговата љубов кон градењето геометриски модели.
Врска меѓу умот и рацете
Рубик вели дека „врската помеѓу умот и рацете“, која ја промовира коцката, е „многу важен фактор во развојот на човекот“.
– Мислам дека коцката веројатно нè потсетува дека имаме раце. Не само што размислувате, туку и работите нешто додека го правите тоа – вели тој.
Како почна сѐ?
Рубиковата коцка првобитно е создадена како едукативно средство за помош на студентите во разбирањето на тридимензионалните објекти. Многу брзо станала многу повеќе од тоа. Со своите шест бои и 54 квадрати, наскоро прераснала во глобален феномен. Но во што е нејзината тајна? Она што ја прави Рубиковата коцка толку единствена е комбинацијата на едноставност и комплексност.
На прв поглед изгледа како играчка, но решавањето бара трпение, логично размислување и развивање моторички вештини.
Рекорди и натпревари
Брзината и вештината на решавањето на Рубиковата коцка еволуираа во специфична спортска дисциплина, позната како „спидкјубинг“ (speedcubing). Секоја година се соборуваат светски рекорди во решавањето. Моментниот во решавање стандардна 3х3 коцка е неверојатни 3,47 секунди!
Научни истражувања и инспирација
Рубиковата коцка не е само играчка, таа е инспирација за голем број студии и истражувања во математиката, информатиката и психологијата. Таа е инспирација и во уметноста и културата, се појавува во филмови, музички спотови и во модерни инсталации.
Сѐ уште е ненадмината и безвременска сложувалка што ги предизвикува и ги забавува луѓето.
Ѓорѓи Чешмеџиевски е најмладиот македонски рекордер во решавање Рубикова коцка
Македонскиот најмлад шампион во сложување Рубикова коцка е четиринаесетгодишниот Ѓорѓи Чешмеџиевски, кој досега постигнал 93 национални рекорди и освоил 60 медали на домашни и на меѓународни натпревари. Вели дека самиот си е свој тренер и желба му е да стигне во топ 100 најдобри во светот!
– Не постои нерешлива коцка, јас постојано учам нови алгоритми и се трудам да си го подобрам времето. Секое местење е различно, некогаш можеш самиот себеси да се изненадиш. Но најважно е постојано да се вежба, да се биде упорен – вели Ѓорѓи.
Според него, освен што ова е забавна вештина, со оваа сложувалка се подобрува концентрацијата, помага во развивање разни вештини, но и за работа под притисок.
Ѓорѓи, освен со раце, решава коцка и со нозе, поточно со стапалата. Најголем успех му бил да ја намести Рубиковата коцка со нозе за неверојатни 78 секунди.
Во 2015 година добил Рубикова коцка на подарок и вели дека тоа било љубов на прв поглед.
– Кај повеќето деца интересот за новите играчки е две-три недели, но кај мене оваа љубов сѐ уште трае – открива ова надарено момче.
Тој ја составува коцката за пет-шест секунди, а во 2018 година, на седумгодишна возраст, во Тирана, Албанија, го постигнал првиот меѓународен рекорд.
Има голема поддршка од другарите, наставниците и, се разбира, од семејството.
Татко му Ристо Чешмеџиевски е основач на Македонската кјубинг-асоцијација. Оттаму велат дека досега организирале четири натпревари, а ќе има уште.
– Секој може да научи да сложува Рубикова коцка, мене во тоа на почетокот ми помогна Ѓорѓи. Но за брзина и умешност, е тука се потребни многу упорност и залагање – вели Чешмеџиевски.
Според Македонската кјубинг-асоцијација, во август Ѓорѓи Чешмеџиевски постигнал огромен успех на меѓународен натпревар во Босна и Херцеговина насловен „Зворник самер 2024“ (Zvornik Summer 2024), каде што освоил дури шест медали, од кои три златни и три сребрени. Исто така, подобрил и осум македонски рекорди и поставил пет лични рекорди.
Претходно, во јуни, Ѓорѓи Чешмеџиевски учествувал на натпревар во Србија – „Белград самер 2024’ (Belgrade Summer 2024), каде што освоил два сребрени медала и подобрил два национални рекорда.
М.Т.
И седумгодишниот Павел Цветковски не ѝ одолеа на магијата на Рубиковата коцка
Со неполни седум години, момченцето Павел Цветковски од Куманово почна да ги импресионира сите околу себе со брзото и логично размислување и донесување одлуки, како да е постар од неговата генерација. Тој минатиот месец со своето семејство летуваше во гратчето Парга, во Грција, каде што во излогот на една продавница ја забележал Рубикова коцка и од родителите побарал да му ја купат. Од тој миг Павел не ја испуштил коцката од рацете, сѐ додека еден ден не ја сложил во посакуваната форма, кога сите шест страни од коцката биле во иста боја. На почетокот имал мала помош од родителите, а подоцна работел самостојно.
Во последните две недели тој вежбал и работел интензивно на брзината на сложувањето на коцката, па денеска го прави тоа за пет минути, што за неговата возраст е добар резултат.
Во моментов Павел е ученик во 2-в одделение во ООУ „Крсте Мисирков“ во Куманово, каде што засега покажува добри резултати. Од училишните предмети најомилен му е Македонски јазик и има голема желба за читање и пишување.
Вели дека кога наскоро ќе научи да чита и пишува латиница, на интернет ќе побара сајтови каде што ќе може да го унапреди своето склопување на Рубиковата коцка и да постигне поголема брзина.
Т.Д.