Долгометражниот документарен филм „Љубовната соба“ во режија на Сузана Диневски е номиниран за награда во категоријата на долгометражни документарни филмови прикажани на фестивалот БАФФ. Њујоршката премиера на „Љубовната соба“, кој е реализиран со поддршка на Агенцијата за филм на Македонија, „Сузи Кју продукција“ и „Аворд филм и видео“, се одржа на „Биг епл филм фестивал“.
Пред њујоршката публика, која ја сочинуваат и претставници на македонската дијаспора што живее и работи во Њујорк и претставници на дипломатскиот кор, режисерката и продуцентка Сузана Диневски, во делот предвиден за прашања и одговори, ги презентираше реализацијата и идејата за филмот што раскажува две паралелни интимни љубовни приказни во кој главни протагонисти се двете млади жени чии сопрузи се на отслужување затворска казна во КПД „Идризово“. Филмот го прикажува социјалниот портрет на двете семејства низ призма на интимниот свет од брачните посети во најозлогласениот затвор во Македонија – „Идризово“, и ефектите што тој ги има врз семејството и нивното непосредно опкружување.
„Љубовната соба“ минатата година во март 2022 г. ја доби наградата на „Агора докс“ на Фестивалот за документарен филм во Солун, Грција, а имаше и две меѓународни премиери во текот на март 2023 г.: на Филмскиот фестивал во Финекс, Аризона, во САД, во категорија светски долгометражни филмови и на „Загребдокс“ во официјалната селекција во регионална конкуренција.