Со проекција на култниот филм „Рани трудови“ на Желимир Жилник, вечерва, од 21 часот, Кинотеката го отвора Летното кино. Следната вечер, на 1 јуни (четврток), во 21 часот ќе биде прикажан и документарецот „Журнал за Желимир Жилник“ на Јанко Баљак, посветен на овој анфан терибл и еден од најангажираните творци на ексјугословенската кинематографија. Жилник и Баљак ќе присуствуваат на проекцијата и публиката ќе има можност да разговара со нив.
„Рани трудови“ е филм за една девојка и три момчиња обземени со прашањето дали е можно секој да стане господар на сопствената судбина? Во почетокот наидуваат на публика, луѓе што внимателно ги сослушуваат, но потоа ги отфрлаат нивните идеи бидејќи се премногу радикални. Сфаќајќи дека народот не ги прима нивните пораки, тие решаваат да страдаат заедно со него. Кога им здосадува, момчињата ја спасуваат девојката од маките со тоа што ја полеваат со бензин и таа исчезнува во пламенот… а другите, најпосле среќни и исполнети, си продолжуваат да живеат. Во 1969 година, филмот ја добива „златната мечка“ на Берлинскиот филмски фестивал поради предизвикувачката конфронтација на идеологијата и реалноста, за случајната брилијантност со која ги хуманизира политичките апстракции и ја прави драмата модерна по својата форма и содржина… Филмот „Капитал“, базиран на истоименото дело на Маркс, е снимен во 1971 година како продолжение на „Рани трудови“, но никогаш не бил прикажуван.

Жилник е режисер, сценарист, филмски критичар, роден на 8 септември 1942 година во кампот на Црвениот крст во Ниш, каде што била затворена неговата мајка Милица, подоцна убиена во логорот организиран од злогласниот нацистички Гестапо; татко му Слободан бил убиен од четниците во 1944 година и Желимир пораснал во семејството на неговата мајка. Уште кон крајот на шеесеттите години, поради своите визуелно експресивни филмови како критика на современото живеење добива голем број признанија во Југославија и во странство (за документарниот филм „Невработен“, снимен во 1967 година, добива гран при во Оберхаузен). Во раните седумдесетти години е жестоко критикуван поради идеолошките ставови, а „Рани трудови“ и „Слобода или стрип“ (1972 г.) биле цензурирани и забранети. Одредено време работел на театарски продукции, а во осумдесеттите продолжува да снима играни филмови.
Жилник беше гостин на Кинотеката во 2008 година, кога беше прикажан дел од неговиот исклучителен опус. Петнаесет години подоцна, Жилник повторно е гостин во Кинотеката, на отворање на Летното кино.