Престижната „Лин рекордс“ со двоен албум на нашиот пијанист

Престижната британска издавачка куќа „Лин рекордс“ го издаде двојниот албум на кој пијанистот Симон Трпчески повторно свири со Симфонискиот оркестар на ВДР од Келн, Германија, под диригентство на Кристијан Мачелару. На албумот е изведбата на двата концерта за пијано и оркестар од Јоханес Брамс.
– Нивната незаменлива хемија, најважна во камерните концерти на Брамс, е целосно прикажана во овие нови изведби што го ставаат музичкиот афинитет на двајцата уметници во центарот на вниманието. Ова се два контрастни концерта, едниот почнува во темнина, другиот во светлина, означувајќи го главниот придонес на Брамс во жанрот. Беспрекорната техника на Трпчески и чувствителното свирење на оркестарот обезбедуваат задоволство за пијанофилите – наведува „Лин рекордс“, кој освен на компакт-диск, албумот го нуди за преземање и на современите музички платформи.
Во април годинава „Лин рекордс“ го објави и албумот „Пријателство“ на нашиот пијанист, кој е достапен на дигиталните мрежи за преземање.

Престижната британска етикета „Лин рекордс“ во 2020 година, пак, го објави албумот „Македонисимо“, на кој на многу уникатен начин се обработува македонската народна музика од македонскиот композитор, прекрасниот Панде Шахов, кој со својот посебен музички јазик ја обои на многу поинаков начин, испреплетувајќи со нашата народна музика различни музички стилови. Токму со излегувањето на ова цеде под етикетата на „Лин рекордс“ почна соработката со оваа престижна британска издавачка куќа.
Трпчески деновиве настапи како солист на оркестарот на Романското национално радио, под диригентската палка на Николае Молдовану. Изведен беше биде Концертот бр. 2 оп. 83 во Бе-дур за пијано и оркестар од Брамс. Концертот е дел од тековната „Радиомузичка сезона“ на Романското музичко радио.

В.Д.