Со секој гол сезонава неговата вредност се зголемува и сега изнесува околу 40 милиони евра, но Салцбург, кој го купи за околу 9 милиони во јануари, очекува дека следното лето ќе може да го продаде за повеќе од 60 милиони евра

Јувентус и Манчестер jунајтед се меѓу 20-те клуба заинтересирани за младиот, 19-годишен Норвежанец, Ерлинг Браут Холанд, напаѓачот на австрискиот Салцбург, кој веќе најави дека ќе го продаде следното лето, пишува „Гардијан“. Спортскиот директор на Јувентус, Фабио Паратичи, сакаше да го ангажира Холанд од Молде во летото во 2018 година и беше подготвен да понуди шест милиони евра, но тинејџерот не сакаше да замине во клуб каде што ќе седи на клупата за резерви играчи или ќе му биде позајмен на друг клуб.

Јунајтед подолго време е запознаен со квалитетите на Холанд, Оле Гунар Солскјер го тренираше две сезони во Молде, во 2017 и во 2018-та, и во неколку наврати ја разгледуваше опцијата за негов трансфер. Но Јунајтед и Јуве ќе имаат голема конкуренција од Барселона, Реал Мадрид, Атлетико Мадрид, Манчестер сити, Арсенал, Баерн и Челси и други, кои го имаат снимено Холанд.

Холанд пристигна во Салцбург од Молде во јануари годинава и постигна 23 погодоци на 20-те настапи за австрискиот тим. Сезонава веќе постигна 22 гола на 15 одиграни натпревари, вклучувајќи шест во Лигата на шампионите (ЛШ), еден повеќе од Роберт Левандовски од Баерн, што го прави најефикасен во ова натпреварување.

Со секој гол сезонава неговата вредност се зголемува и сега изнесува околу 40 милиони евра. Салцбург го купи за околу девет милиони евра во јануари, но очекува дека следното лето ќе може да го продаде за повеќе од 60 милиони евра. Тие се надеваат дека тој ќе има слична сезона на онаа на Србинот Лука Јовиќ со Ајнтрахт Франкфурт во сезоната 2018/2019, кога постигна 27 гола на 48 натпревари. Бундеслигашот го ангажира Јовиќ на двегодишен заем од Бенфика со задолжителна откупна клаузула од пет милиони евра пред да го продаде во Реал за 60 милиони евра летово.

Наполи контактираше со претставниците на Холанд, уште пред неговиот хет-трик против Генк во првото коло во ЛШ, но им беше кажано дека нема шанси да се случи нешто пред крајот на сезоната. Салцбург тогаш треба да ја одреди цената и ќе чека да види дали некој е подготвен да ја плати или ќе се оди на лицитација.