Благица пееше песна посветена на нејзината ќерка Марија за која вели дека е смислата на нејзиниот живот, по семејната трагедија од пред 15 години. Текстот на „Горда мајка“ го напиша Ице Беличев, музиката е на Горан Тодоровски, а аранжманот го направи Дејан Миленковски

Благица Калева, родена валандовчанка, е победничка на годинашното 33-то издание на фестивалот „Фолк фест Валандово 2018“. Таа ја исполни песната „Горда мајка“, посветена на нејзината ќерка Марија, за која текстот го напиша Ице Беличев, музиката е на Горан Тодоровски, а аранжманот го направи Дејан Миленковски. На прогласувањето на победниците во саботата во салата „Јанко Узунов“ во Домот на културата во Градот на Калинките, додека Благица ја изведуваше песната, Марија се качи на сцената и ја прегрна мајка си.
– Марија е мојата светлина во животот, за неа живеам – рече пејачката со солзи во очите.
На овој трогателен момент не останаа рамнодушни ни присутните во салата, бидејќи Калева по сообраќајната несреќа пред 15 години во која ги загуби ќерката Викторија и сопругот Костадин, ѝ се посвети на својата ќерка Марија, која денес е успешна млада жена, а најде сили и да му се врати на пеењето.

Наградата од 1.500 евра што ќе ја подели авторскиот тим и статуетката „златна калинка“ на Калева ѝ ја врачи градоначалникот на Валандово, Перо Костадинов.
Второто место го освои Филип Божиновски со песната ,,Умирам по тебе“, дело на Јован Јованов и на Елвир Мекиќ. Тој ја доби и наградата за најдобар дебитант на фестивалот, а третото место му припадна на Благоја Грујовски за песната ,,За нас“, која ја компонираше Григор Копров. Мартин Вучиќ ја доби наградата за најдобар аранжман, гостинката од Србија Мерима Његомир за најдобра интерпретација, а за најдобар текстописец на фестивалот беше прогласен Орце Зафировски, кој со години е присутен на овој фестивал.

Инаку, годинава програмскиот совет го намали наградниот фонд, па, така, за второто место беа издвоени 1.000, а за третото 750 евра, додека другите награди беа во износ од 500 евра. За најдобрите одлучуваа седумчлено жири (60 отсто) и публиката во салата (40 отсто), додека овој пат немаше телефонско гласање. Во паузата за гласање настапи познатата пејачка на народна музика од Босна и Херцеговина, Ханка Палдум, која со интерпретацијата на своите познати рефрени ги одушеви присутните, кои заедно со неа ги испеаја нејзините најголеми хитови.
На втората фестивалска вечер ѝ претходеше ревијална на која се потсетивме на најголемите фестивалски хитови на тројца композитори што на своевиден начин се впишани во историјата на „Валандово фолк фест“: Миле Барбаровски, Љупчо Трајковски-Фис и Григор Копров, кои ги слушнавме во живо во изведба на Народниот оркестар на МРТ, а ги исполнија наши познати пејачи на народна музика.
Според првите впечатоци и коментари, годинашното издание му го врати стариот сјај на овој реномиран фестивал и според изборот на песните, пејачите, гостите и целокупниот изглед и звук на „Фолк фест Валандово“, за што секако големи заслуги има новиот уметнички директор, Живоин Глишиќ, со голема поддршка на другите членови на креативниот тим и на локалната самоуправа. Фестивалот, кој директно се пренесуваше на програмата на Македонската телевизија, го водеа шармантните Ирена Спировска и Нино Величковски.