Според сегашниот план, фудбалските мундијали од 2026 година ќе се играат со 48 селекции, но од КОНМЕБОЛ стигна предлог тоа да се случи веќе од СП 2022 во Катар

Претседателот на Светската фудбалска асоцијација (ФИФА), Џани Инфантино, ја смета за интересна идејата и на Светското првенство (СП) во 2022 година во Катар да играат 48 репрезентации што може да значи дека натпревари би се играле и во другите земји од Заливот. ФИФА лани во јануари гласаше за проширување на финалниот турнир за СП 2026 година од 32 на 48 селекции, но Јужноамериканската конфедерација (КОНМЕБОЛ) побара тоа да се случи и порано.

Би-би-си објави дека на таа тема веќе било разговарано со официјални претставници на Катар, кои, пак, биле скептични во врска со тоа со оглед на логистичките проблеми бидејќи би требало да пречекаат дополнителни 16 тима. Сега на ФИФА ѝ останува да направи сопствена студија за да утврди дали планот Катар да биде домаќин на уште 16 натпревари е изводлив.

– Идејата ми изгледа многу интересна. Но треба сериозно да ја проучиме и ако е можно, зошто да не? Цврсто верувам во проширувањето, бидејќи сум убеден дека тоа е добро за развојот на фудбалот – ја пренесува Би-би-си изјавата на Инфантино. Катар во моментов планира да изгради осум стадиони – четири помалку од кандидатите за СП 2026 година. Финалниот турнир по четири години треба да трае 28 дена, во ноември и во декември, а преместувањето од традиционалниот летен термин беше поради високите температури.