Ќе успее ли Реал Мадрид да ја одбрани титулата, да биде третпат едноподруго европски првак, вкупно 13-ти, или Ливерпул ќе се закити со шестата титула европски првак? Одговорот на овие прашања ќе ги добиеме вечерва, најдоцна до полноќ, по одигрувањето на финалниот меч во Лигата на шампионите (ЛШ), на Олимпискиот стадион во Киев, Украина (почеток 20.45 часот).

Реал се смета за фаворит, барем на хартија, како поради тимскиот и индивидуален квалитет, така и поради огромното искуство во ваквите дуели. Впрочем, трите титули во последните четири години (2014, 2016 и 2017 година), во исто толку финалиња, говорат дека Кристијано Роналдо, Карим Бензема, Лука Модриќ, Серхио Рамос, Тони Крос, Марсело и другите знаат како треба да се одигра еден ваков меч, под огромен притисок.

Но и Ливерпул воопшто не е за потценување. Тие играат брзо, агресивно, напаѓачки за што сведочат 46-те постигнати гола сезонава во ЛШ. Токму брзината, пред сѐ, на феноменалното напаѓачко трио на „црвените“, Садио Мане, Роберто Фирмино и Мохамед Салах, кои можат да му дадат, гол, два на секој тим би требало да бидат решавачки за победникот.
Доколку постигне гол вечерва Роналдо ќе биде првиот фудбалер што дава гол во четири финалиња во ЛШ. Тој на последните 17 меча во ЛШ има дадено 25 гола. Салах сезонава стана најдобриот стрелец во историјата на Премиер-лигата со 32 гола, и даде 44 гола во сите конкуренции.
Реал и Ливерпул веќе одиграа едно европско финале, во 1981 година во Париз, и тогаш славеше Ливерпул со 1-0.

На клупите на двата тима се Зинедин Зидан, на Реал и Јирген Клоп, на Ливерпул. Две различни играчки, па и тренерски кариери. Зидан беше одличен фудбалер, еден од најдобрите во историјата на фудбалот. Клоп со скромна играчка кариера. Но и двајцата се врвни тренери, со таа разлика што Зидан, кој откако седна на „кралската“ клупа освои речиси сѐ што можеше да се освои, две титули првак на Европа, две на светот, на Шпанија итн. Клоп пред неколку сезони освои две титули и еден куп на Германија, со Борусија Дортмунд, но потоа го следат малери и ги загуби петте финалиња со Борусија, потоа и со Ливерпул, во ЛШ и во ЛЕ. Останува да се види дали Клоп конечно ќе се радува или Зидан и натаму ќе реди успеси?