На големата сцена на народниот театар „Добрица Милутиновиќ“ во Сремска Митровица, Србија, во вторник, 17 април, со почеток, во 20 часот, ќе се одржи премиерата на претставата „Со вкус на овошен сладолед“, работена според истоимениот драмски текст на македонскиот писател и драматург Трајче Кацаров. Режијата е на Драган Јовичиќ-Јовиќ, а во претставата играат: Душанка Анојчиќ, Владимир Балашќак, Јелена Јанковиќ, Александар Крстаиќ, Кристина Пајкиќ и Никола Јаношевиќ. Драмата „Со вкус на овошен сладолед“ е приказна за животот и смртта на двајца млади сопружници, која на посреден начин зборува за нас самите, заробени на овие балкански простори, за тоа дека не можеме искрено да го согледаме минатото и да имаме бистар поглед кон иднината.

Затоа тука минатото е поживо од кога било, а иднината претставува патување на кое никому не му се оди. Суштинско е прашањето дали воопшто тука има сегашност. Инаку, ова е трета држава во која се поставува овој драмски текст на Кацаров. Претходно драмата се играше неколку години во Киев, Украина, а имаше можност да ја види и публиката во Софија, Бугарија. Во Киев претставата е издадена и како книга, преведена на украински јазик, и тоа во научно списание со европски референци. Деновиве истиот текст ќе се работи и во Белград, а ќе го режира Пјер Радовановиќ. Автор на плакатот за премиерата во Сремска Митровица е писателот Христо Петревски, кој од неодамна почна пасионирано да се занимава и со сликање.