Белград – Претседателката на Парламентарниот одбор за стабилизација и придружување на Србија во Европската Унија Тања Фајон, во разговор со српскиот претседател Александар Вучиќ, изразила загриженост за слободата на медиумите во оваа земја, но ја поздрави изработката на новата медиумска стратегија. („Нови магазин“)

Приштина – Претседателката на косовската Централна изборна комисија Ваљдете Дака изјави дека конечните резултати од парламентарните избори, кои се спроведоа на шести октомври, ќе бидат објавени до крајот на декември, а ова одложување се должи на повтореното броење на гласовите на повеќе од сто избирачки места поради технички пропусти, но и доцнењето со пребројувањето на гласовите што пристигнале со пошта од централна Србија. (РТС)

Вашингтон – Советот за безбедност на Обединетите нации вчера требаше да го разгледува тримесечниот извештај на генералниот секретар на ОН за работата на УНМИК од мај до септември годинава, а шефот на дипломатијата на Србија Ивица Дачиќ ќе ја изнесе оцената за актуелната ситуација на Косово и за дејствувањето на УНМИК. (РСЕ)


Бисер балкански

Десетка за оптимизам
– Што се однесува на трендот за заминување на младите, бев оптимист кога дипломирав во јуни. Сега е крај на октомври и мојот оптимизам полека паѓа од причина што во мојот случај станав препознатлива во јавноста, а сѐ уште не сум добила ни една сериозна понуда за работа. Престојував во Штутгарт и за една ноќ добив девет визит-картички и ми рекоа да се јавам со најава дека работата ми е загарантирана. Тоа е за работа во Германија, Шведска и Швајцарија, но во БиХ не добив ни една. Всушност, добив само една, но платата што ми беше понудена е најниска – Амна Мухамедовиќ, првата студентка што дипломирала на Правниот факултет во Сараево со просек 10, а која својата иднина ја гледа во Босна и Херцеговина, како адвокат и член на академската заедница.