Издавачкиот центар „Три“ во превод на македонски јазик ја објави интригантната „Хомо деус: кратка историја на иднината“, втората книга на еден од најпознатите современи автори визионери Јувал Ноа Харари. Се чини дека брилијантната „Сапиенс: кратка историја на човечкиот род“ го доби своето неопходно продолжение: истражување на апокалиптичната, технолошки ориентирана иднина на човештвото.

Ако во „Сапиенс“ зборуваше за човековото минато и начинот на кој сме се преобразиле од незначајни мајмуни во владетели на Земјата, во „Хомо деус“ Харари го разгледува основното вознемирувачко прашање: во кој правец ќе се движиме понатаму.

Преку своето препознатливо испреплетување на науката, историјата и филозофијата и со својот единствен стил што воодушеви милиони читатели, авторот констатира дека луѓето успеале да го направат невозможното: да ги победат гладот, заразните болести и војните, да ги претворат неконтролираните сили на природата во предизвици што може да се контролираат.

Сензационалното дело на Харари за помалку од две години беше преведено на 50 јазици и продадено во четири милиони примероци. Последната книга на Харари, „21 лекција за 21 век“, во која се занимава со нашиот актуелен свет и со глобалните и климатските проблеми, „Три“ ја најавува за почетокот на 2020 година.