Вујин и Дувњак ударна сила на Кил

Вардар 22 пати играл со екипи од Германија, има по 10 победи и порази, но во трите нокаут-дуели вардарци двапати победиле (со Фленсбург и со Хамбург). Сега противник во четврт-финалето на ЛШ е Кил

Ракометарите на Вардар преку трикратниот европски првак во ЛШ и во Купот на ЕХФ, германски Кил, ќе го трасираат патот за настап на фајналфорот во Лигата на шампионите (ЛШ) во Келн. Ова е епилогот по осминафиналните дуели во ЛШ, кои актуелниот европски првак ги прескокна, благодарејќи на првото место во групната фаза. Кил не е непознат противник на црвено-црните, бидејќи досега двата тима четири пати ги одмериле силите во ЛШ, а билансот е три победи за Кил, а една за Вардар. Црвено-црните, сепак, немаат негативен скор со бундеслигашите во ЛШ. Досега силите ги одмериле 22 пати, во кои оствариле по 10 победи и порази. Вардар во ЛШ играл со пет германски клуба и тоа со Кил (една победа, ниту едно реми и три порази), Левен (5-2-1), Фленсбург (3-0-1), Хамбург (1-0-1) и со Магдебург (0-1-3).

Два дуела биле четвртфинални (Фленсбург, сезони 2013/2014 и 2016/2017) и еден осминафинален (Хамбург, 2013/2014). Кил во четврт-финалето дојде по победата над унгарски Сегед (29-22 дома, 27-28 на гости). Кил е клуб во кој играат 10 интернационалци, од кои тројца Швеѓани, двајца Данци и по еден Австриец, Хрват, Србин и Словенец. Имаат вкупно шест двометраши, просечната висина им е 193 см, а тежината 94,4 кг. Посебно ударни се српскиот десен бек Марко Вујин (62 гола досега во ЛШ), пикерот Патрик Винцек (61 гол), брзоногиот централен словенечки бек Миха Зарабец (26 погодока), десното шведско крило Никлас Екберг (57 реализации), централниот хрватски бек Домагој Дувњак и извонредните два голмана, Данецот Никлас Ландин и Германецот Андреас Волф. Вардарци, пак, имаат 15 интернационалци (четворица Срби, по тројца Шпанци и Хрвати, двајца Руси и по еден Бразилец, Црногорец и Летонец), седум двометраши, со просечна висина од 192 см и тежина од 100,8 кг. 


Франција има три адута

Првпат во историјата на ракометната Лига на шампионите Нант, за кого настапува Кирил Лазаров, се пласира во четврт-финалето, по дуелите со Мешков. Киелце вторпат беше подобар од Левен на Филип Талески (36-30), а Фленсбург од Кристијанстад. Изненадувања претставуваат елиминациите на Веспрем и на Барселона на Борко Ристовски. Франција е единствена држава со три преставници во четврт-финалето во ЛШ сезонава, два има Германија, а по еден имаат Македонија, Полска и Данска. Г.И.

ЧЕТВРТ-ФИНАЛЕ

Кил – Вардар
Киелце – ПСЖ
Фленсбург – Монпелје
Нант – Скјерн
првите мечеви се од 18 до 22 април,
а реваншите од 25 до 28 април