Кевин де Брујне, Лирој Сане и Давид Силва од Манчестер сити, Мохамед Салах од Ливерпул, Хари Кејн од Тотенхем и Давид де Геа од Манчестер јунајтед се шесте кандидати за најдобар фудбалер во сезоната 2017/2018 во Премиер-лигата во изборот на Асоцијацијата на професионални фудбалери. Како фаворити за добивање на престижното признание се сметаат Белгиецот Де Брујне, кој има одлична сезона зад себе, со 15 асистенции и седум гола, и Египќанецот Мохамед Салах, „откритието на сезоната“, кој е водечки стрелец со 30 гола (плус девет асистенции), најмногу од сите африкански фудбалери што досега настапувале во Премиер-лигата.

На Салах му недостига само еден гол за да ги достигне најефикасните стрелци во една сезона во Премиер-лигата – Алан Ширер, Кристијано Роналдо и Луис Суарез. Сане, Кејн, Рахим Стерлинг и Едерсон од Манчестер сити, Маркус Рашфорд од Манчестер јунајтед и Рајан Сасењон од Фулам се на потесната листа на кандидати за најдобар млад играч на сезоната.