Од почетокот на годината досега инспекторите изрекле 134 мандатни казни, најголем број за фрлање отпад и хартии, догорчиња и слично

Христијан Јосифовски

Можеби не ни се толку валкани улиците како порано, но сѐ уште на многу од нив се забележуваат ѓубре, расфрлани догорчиња, хартии и најлонски ќеси. Проблем не е само ситното ѓубре, туку и создавањето диви депонии, навиката да се фрла ѓубре од станбените тераси или, пак, домашниот отпад да се остава во малите канти за ситен отпад. Жално е што ова се случува и во централното градско подрачје, што вакви слики сѐ уште се гледаат во нашето современо Скопје, кое се стреми да биде европски град. И покрај тоа, во изминатите неколку месеци на дежурниот телефон на „Комунална хигиена“ никој не се пожалил на хигиената во главниот град.

Се поставуваат низа прашања кој е виновен за лошата слика кога е во прашање хигиената на градот. Дали се тоа граѓаните што живеат во него или во прашање е неажурноста на задолжените служби за чистење? Дали граѓаните премногу несовесно се однесуваат и дали може да се дисциплинираат и научат на ред само со казнување за лошото однесување кон сопствената животна средина?

Од јавното претпријатие „Комунална хигиена“ Скопје, тврдат дека се доследни на годишниот план и програмата за одржување на јавните површини. Наместо шест пати, чистат седум пати во неделата и во три смени во текот на денот. Нивна обврска се површините на централно градско подрачје, плоштадот, делот од малиот и големиот ринг и Старата скопска чаршија. Но, додаваат дека и покрај нивните заложби и одговорното однесување во работата и давањето од себе и повеќе отколку што е предвидено, Скопје повторно не е доволно чист град. Ниту казните од инспекциските служби не се доволни да ги опаметат недисциплинираните граѓани, кои фрлаат ѓубре насекаде.

Од градот велат дека инспекциските и редарските служби секојдневно вршат контроли и казнуваат несовесни граѓани. Од почетокот на годината досега имаат изречено 134 мандатни казни за нарушување на чистотата на јавните површини. Оттаму информираат дека најголем број казни се изречени за фрлање отпад и хартии, догорчиња и слично. За направениот прекршок граѓаните биле казнети со износ од 50 евра.
И не е единствениот грев на скопјани што фрлаат ситно ѓубре, бидејќи уште повеќе загрижува фактот што многу често создаваат диви депонии во разни делови од градот. Купишта ѓубре се гледаат дури и зад нивните станбени згради.
– Секој ден гледам како соседот фрла празни шишиња од балкон или хартиена амбалажа. Само од него имаме депонија од шишиња – вели граѓанин од општината Карпош и додава дека тој не е единствениот, бидејќи има и други што постапуваат како него. Додека едни не го фрлаат ѓубрето во определените садови за тоа други, пак, тврдат дека нема доволно ниту контејнери, ниту канти.

Според психолозите граѓаните фрлаат ѓубре како израз на револт бидејќи имаат неисполнети приоритети

Од „Комунална хигиена“, пак, со апел граѓаните и правните субјекти да не го фрлаат отпадот надвор од контејнерите, бидејќи во спротивно директно го кршат Законот за јавна чистота. Со тоа тие ја загадуваат урбаната животна средина. Додаваат дека чистењето на дивите депонии им претставува вонредна активност, која ја реализираат по барање од општините. Сметаат дека граѓаните мора посовесно да се однесуваат.
– Потребно е издигнување на јавната свест кај граѓаните во врска со несовесното фрлање на отпадот. Отпадот треба да се фрла единствено во контејнерите, пластичните канти наменети за индивидуалните домаќинства и кантите поставени на јавни површини – објаснуваат од претпријатието.
Психолозите, пак, имаат свое објаснување зошто граѓаните се однесуваат неодговорно, кога е во прашање фрлањето на отпадот.

– Во Македонија имаме голем број неинформирани и луѓе со ниско образование. Луѓе што се презафатени со обврски и мисли, како да преживеат. Во овие случи еколошкиот момент се заборава или станува минорен. За да се одржи квалитетот на живеењето потребно е да ни бидат овозможени основните барања и потреби за живот, тоа го вели и теоријата на Абрахам Харолд Маслов, познат психолог. Неговата хиерархија за потребите е поделена на пет дела. Физиолошки, потреби од безбедност и сигурност, потреба за љубов и припадност, потреба за почит и самореализација. Ние во нашево општество се справуваме со потребите од сигурност. Нашиот низок стандард ни го отежнува задоволувањето на овие потреби. Кога се грижиме за нашиот опстанок, кога нашата мисла е како да дојдеме до наше место за живеење, како да ги поминеме матурите на нашите деца со скромната плата, како да се скратат месечните трошоци за да се преживее, ние го немаме тој луксуз да мислиме и да зборуваме за еколошка свест – вели психологот Мирјана Стојановска Јовановска.
Таа додава дека кога на луѓето овие потреби ќе им бидат задоволени тогаш можат да одат ниво погоре. Но дотогаш, фрустрацијата од незадоволување на тие потреби ќе се манифестираат преку знаци на агресија. Фрлањето ѓубре претставува немоќен начин на покажување агресија. Револт кон општеството, државата, кон работата, фирмата, кон шефот, кон повеќето работи што нѐ опкружуваат.