„Lost and found“, песната на македонските евровизиски претставници, од почеток беше прифатена од евровизиските обожаватели и тука е една од омилените. Но еуфоријата спласна по првите две тонски проби и одредени технички недовршености, кои, според македонската делегација, вечерва ќе бидат надминати

Игор Трајковски,
специјално
за „Нова Македонија“ од Лисабон

„Евровизија 2018“ официјално беше отворена во неделата на 6 мај, со традиционалниот црвен тепих, кој годинава за промена беше во сина боја. Македонските претставници „Ај кју“ настапуваат единаесетти во првото полуфинале што ќе се одржи вечерва во арената „Алтис“ во Лисабон, Португалија.
За десетте места во финалето, покрај Македонија, ќе се борат и Азербејџан, Исланд, Албанија, Белгија, Чешка, Литванија, Израел, Белорусија, Естонија, Бугарија, Хрватска, Австрија, Грција, Финска, Ерменија, Швајцарија, Ирска и Кипар. Како фаворити во ова полуфинале најмногу се споменуваат Израел и Кипар, а и Финска не е далеку зад нив.

По 53 години од првиот настап на „Евровизија“ во 1964 г., Португалија првпат лани стана евровизиски победник и со тоа ја доби посакуваната можност да ја организира најголемата светска музичка телевизиска манифестација. Атмосферата во португалската метропола личи на една манифестација од светки ранг, но штедењето при организирањето на фестивалот е евидентно од година на година, па, така, и овој пат некои услуги се скратени. Јавниот транспорт веќе не е бесплатен за илјадниците новинари и акредитирани евровизиски љубители, организиран превоз до и од арената „Алтис“ каде што се одржува настанот, речиси и да нема. Работното време на сите придружни простории е скратено, а скратено беше и времетраењето на некои од тонските проби. Единствено не се штеди на безбедноста. Полиција и контроли има на секој чекор, последица од светските случувања, за да се спречи евентуален инцидент.

Македонските евровизиски претставници, членовите на групата „Ај кју“ беа фантастични на израелската официјална забава каде што настапуваа. Интересно е да се види како странската публика ја има прифатено „Lost and found“, го знае секој стих и пее во глас со Марија и со Бојан.

 

– „Евровизија“ би требало да се преименува во евровизиски сценски натпревар. Времето кога сите настапуваа под исти услови, со оркестар, и кога единствен фокус имаа песната и интерпретацијата, одамна помина. Сега сè зависи од тоа кој колку може да плати за сценски реквизити и за осветлување, и кој ќе биде најзабележителен на сцена. Колку пати последниве години се случило една песна да победи исклучиво врз основа на композицијата, без дополнителни ефекти? Еднаш, лани – велат тие.
Александра Јовановска, одговорна за односи со јавност на македонската евровизиска делегација, ни потврди дека буџетот е голем фактор за тоа што може да се направи со сцената и со настапот.

– Тешко е да влегуваш во трка со земји со милионски буџети и делегации од 50 лица. Малите, поскромни земји тука губат здив. Ако „Евровизија“ веќе се смета за битен промотивен момент на Македонија во Европа, па и пошироко, целата приказна околу тоа како се учествува на овој настан би требало стратегиски да се смени, на државно ниво – вели Јовановска.
„Lost and found“ беше од почеток прифатена од евровизиските обожаватели и тука е една од омилените. Кога се појави видеозаписот котираше многу високо и е оценета како можеби најдобра песна што Македонија кога било ја пратила на Евровизија. Еуфоријата спласна по првите две тонски проби, кога многумина што ги проследиле почнаа да предвидуваат „пропаст“ поради одредени технички недовршености.
– Целиот наш настап на „Евровизија“ е замислен да биде телевизиски, не за класичен сценски настап во живо. Комплетната приказна со детали за потребните камери, нивните позиции и движења беше предадена до организаторот уште кон почетокот на март. Од тоа што беше побарано добивме можеби 50 отсто на втората тонска проба, а претходно техничкиот персонал никогаш не нè извести дека можеби тоа што го бараме е невозможно да се оствари, или дека нивните можности тоа не би го дозволиле.

Интензивно работиме со нив и со мали корекции би требало да го добиеме тоа што го сакаме, настапот да стане таа осмислена целина на која работевме. Мали измени може да има и по првата генерална проба, но на жири-полуфиналето и самото полуфинале би требало веќе сè да дојде на свое место – објаснува Јана Андрејевиќ-Лазарова, кореографка на настапот, со веќе шест евровизиски настани зад себе.
Таа ја осмисли и кореографијата за видеозаписот на „Lost and found“, што исто како и песната беше одлично примен и оценет. Марија и Бојан не се опседнати со коментарите околу пробите и не се под стрес заради пласманот.

– Секако дека би сакале да сме во топ 10 во полуфиналето, тоа би било одлично. Првото полуфинале е далеку појако од второто и е потешко за пласман во финалето. Тоа сите го велат. Од 19 композиции во првото полуфинале петнаесетина заслужуваат да влезат во финале, ако ги земеме предвид сите песни, од второто околу 5. Тоа значи дека 5 композиции вечерва ќе отпаднат од конкуренција, условно речено неправедно. Но ние сме тука да го дадеме најдоброто што можеме од себе, понатаму веќе ништо не е во наши раце – вели Бојан.

За Лисабон тие имаат само пофални зборови.
– Организацијата е одлична и задоволни сме и од градот и од луѓето. Најчесто сме во друштво со претставниците на Швајцарија и на Австрија, а од композициите на натпреваров, покрај швајцарската и австриската, многу ни се допаѓа и француската песна – велат членовите на „Ај кју“.