Досега сите титули ги oсвоија селекции од Европа или од Ј. Америка (11-9), но кога СП се играло во Европа само еднаш славела селекција од Ј. Америка (Бразил во 1958) и обратно (Германија во 2014-та)

На светските фудбалски првенства досега учествувале над 60 репрезентации, а домаќини биле земјите од Европа (10 пати, заедно со Русија годинава), Јужна Америка (пет пати), Северна Америка (трипати), Азија (еднаш) и Африка (еднаш).

По двапати домаќини биле Мексико (во 1970 и 1986 година), Франција (1938, 1998) и Германија (1974, 2006). Кога мундијалот се играл во земји од Европа, победувале репрезентации од Европа и еднаш од Јужна Америка (Бразил во 1958 година што се играше во Шведска), а кога натпреварите се играле во Јужна Америка четири пати славеле селекции од тој континент и еднаш од Европа, откако на минатото Светско првенство во Бразил, во 2014 година, победи Германија.

Од петте светски првенства што биле играни на некој друг континент (С. Америка, Азија и Африка), селекциите од Јужна Америка победиле четири пати (Бразил во Мексико во 1970 година, потоа во САД во 1994-та и во Јужна Кореја и во Јапонија во 2002 и Аргентина во Мексико во 1986 година). Од европските селекции на „неутрален“ терен славеше само Шпанија, во 2010 година, во Јужна Африка.

Вкупно Европа води во титули со 11-9 во „дуелот“ со Јужна Америка.