За Баерн и за Реал ова ќе биде седмо меѓусебно полуфинале, а Ливерпул и Рома се сретнаа во финалето во 1984 година. Во полуфиналињата сезонава Крос од Реал порано играше за Баерн, тренерот Хејнкес титулите ги освои со двата клуба, а Салах од Ливерпул до лани ги тресеше мрежите за Рома
Две репризи на поранешни мечеви и неколку враќања „дома“ ќе има во полуфиналето на Лигата на шампионите (ЛШ), откако ждрепката вчера влечена во Нион, во седиштето на Европската фудбалска унија (УЕФА) реши да играат Баерн (Германија) – Реал Мадрид (Шпанија) и Ливерпул (Англија) – Рома (Италија).
Баерн и Реал досега неколку пати се среќаваа во нокаут-фаза во ЛШ, последен пат лани во четврт-финалето, кога победи Реал со вкупен резултат 6-3, но по продолженија, откако двата меча завршија со по 2-1 за секој од тимовите на гости. Тие играа меѓу себе и во полуфиналињата во сезоните 2011/2012 и 2013/2014, со израмнет ефект, како и во уште четири други полуфиналиња на ЛШ (порано Куп на шампиони) од 1976 до 2001 година. Вкупно тие играле 24 пати меѓу себе (со по 11 победи), но никогаш во финалето.
На новиот дуел свое ново враќање „дома“ ќе има германскиот репрезентативец Тони Крос, кој во Баерн играше од пионерските денови и стана сениорски европски шампион во 2013 година, а потоа замина во Реал, со кој досега освои две европски титули. Но и Јуп Хејнкес, тренерот на Баерн, ќе биде со мешани емоции, оти тој европските титули како кормилар досега ги освои со Реал (1998) и со Баерн (2013). Ливерпул и Рома, пак, играа во финалниот меч од тогашниот Куп на шампионите, во 1984 година, во Рим. Мечот на пенали го доби Ливерпул, а средбата остана запаметена и по т.н. специфичниот танц на голманот на Ливерпул, Брус Гробелар, при изведувањето на пеналите. Досега двата тима меѓу себе одиграле пет меча, двапати победил Ливерпул, еднаш Рома. Во нивниот нов дуел можеби во центарот на вниманието ќе биде Мохамед Салах, најефикасниот фудбалер во Англија сезонава (29 гола на 31 меч), кој до лани две сезони играше за Рома (29 гола на 65 меча).