Во „Колибри“, како подарок за сите деца, ексклузивно ја објавуваме серијата „За секоја буква приказна“ во 31 продолжение, на писателот Владо Димовски. Приказните се дел од проектот на издавачот „Арс ламина“ – „Изградување на изговорот, говорот и јазикот кај децата и возрасните“
Приказнарот: Т!!! Т е трска со теме. Ауу, се сетив, Т може да биде тиква или некој што јаде тикви печени во рерна и што сите го викаат тиквар. Ќе ви кажам нешто… Тетка ми Тодорка прави најубави пити со тиква. Таквите како тетка ми Тодорка се ретки жени, бидејќи не само што месат пити туку и туршијата им се годи. За Тодора од Тиквешијата има три приказни. Петтата ја измислив јас.
Толку како за почеток. А, сега ајде да внимаваме и сите зборови што почнуваат на буквата Т да ги заклучиме во нашите главчиња, не за друго, туку за да не ни избегаат. Кога ќе заврши приказната заедно ќе ги отклучиме. Приказната е стокмена за Тодора од Тиквешијата. Демек Тодор бил многу силен и здрав човек, како што се вели, топ не го биело. Ако прашал некој за Тодора… Кој, Тодор наш, ами тој е поздрав и од челик. Ама на Тодора Тиквешијата му била тесна, и затоа тргнал да си ја бара среќата на друго место. Тргнал, така, потамина. Одел, одел и едно време стигнал до една напуштена куќа. Тропнал на врата… жива душа немало. Внатре, ни врати ни прозорци… Погледнал во таванот и таванот истурен како земјотрес да имало. Излегол Тодор надвор, се загледал во местото и многу му се бендисало. Над куќа шума, под неа ливади, до неа река, а преку реката цел рид боровинки.
Тебе те барав- рекол Тодор. Ти ми требаш, тебе те сонував… Овде останувам, така решив и готово! Трева килим, шума џунгла, река…
Боровинките како да ги заборавил.
Другиот ден, Тодор од Тиквешијата ги засукал ракавите, го стегнал куќарчето, го стокмил ко кукла. Те нови прозорци, те нови врати, ги прередил ќерамидите. Внатре си направил огниште, набрал дрва…
Сѐ убаво, бре луѓе, само од што ќе живеам? Овци немам, крави ич, ни куче, ни маче. Ни тавче, ни чинивче…
Ааа, ама, Тодор од Тиквешијата не се предавал лесно. Не рекол тури ѝ пепел на оваа работа, туку слегол до најблиското село и си купил магаре. Попат му смислил и име. Почнал да го вика Тарзан. И, така, Тодор и Тарзан си живееле во куќичката и секој ден размислувале што работа да почнат.
– Газда Тодоре, тажен не сакам да те гледам. Тешко е ама се турка. Жими тетка ми што ја оставив во Таор, смислив нешто. Ќе собираме боровинки и ќе правиме сок. Само направи алат, гребло и самар за мене.
Море што ти бил умен овој Тарзан, а?… Тодор траел, мислел и едно време тргнал да прави самар и гребло. Ете, видовте, ја стокмиле работата како што треба и почнале да прават сок од боровинки. Ама, не ко овој ние што го пиеме, туку сокот бил природен, чист, ништо друго, само сок. Направиле што направиле, та еден ден решиле да се појават на пазар во Тетово. Толку многу им се допаднал сокот од боровинки на тетовци, та колку за некоја минута го снемало.
– Ни тргна работава, а, Тарзан?! – му подвикнал Тодор на магарето.
– Ни тргна, Тодорче, ни тргна! Сега тргај и молчи!
Утре нѐ чека тешка работа, тетовци сакаат уште сок!
Работата со сокот им тргнала ептен убаво, та за две години ја направиле и првата фабрика за сок од боровинки.
Времето си врвело, работата тежела, Тарзан остарел, Тодор си купил трактор, направил пат до фабриката. Тргнал да бара работници, нашол колку што му биле потребни и станал директор на фабриката. Магарето Тарзан станало контролор во фабриката и тоа ако кажело дека сокот е сок, арно, ако не, тешко на работниците. Тодор станал познат од Тетово, до Тополчани и подалеку, велат дуриии до Торонто во Канада. Бил првиот што почнал да зборува за здрава храна, за здрава и чиста природа. И, така, Тодор од Тиквешијата го формирал првото еколошко друштво и го нарекол Тарзан, во чест на магарето со кое ја почнал оваа работа.
Кога пиете сок од боровинки, помислете малку и на Тодора од Тиквешијата. Не за друго, туку можеби ќе се сетите на некоја друга приказна и за некој друг Тодор, кој можеби ја одгледал најголемата тиква во светот. За Тодора, за тиквата и за тикварите во некоја друга приказна. Толку… Што?… Не ми верувате?!… Тешко дека ќе ми поверувате? Така е, но ако ми верувате арно, ако не уште поарно!
За крај зборовите што ги пикнавме во оваа приказна, а кои почнуваат на буквата Т ги отклучуваме: Тодор, Тодорка, Тиквешија, Тарзан, тиква, тиквар, Тирана, Тетово, тетовци, тропа, топ, Торонто, трактор, тетка, трска, теме, тропа, таван, туршија, тесно, тавче, тажен, Тополчани, Таор, турка…