Како здравството точно да ја пренесе пораката во ера на дезинформации

Како што неодамна призна директорката на американските Центри за контрола и превенција од болести (ЦДЦ), Рошел Валенски, лошата јавно-здравствена комуникација и пораки во текот на пандемијата на ковид-19 ја нарушија довербата на јавноста во здравствените агенции и институции. Ова, пак, придонесе за познатите проблеми, како што се недоверба во вакцините, непочитување на препораките за маски и други заштитни мерки и општа дезинформација за вирусот и како се пренесува.
Според анкетата од 2021 година на фондацијата „Роберт Вуд Џонсон“ и школата за јавно здравје „Т.Х. Чан“ на универзитетот „Харвард“, само 52 отсто од Американците имаат голема доверба во ЦДЦ, а само 37 отсто во Националниот институт за здравје или Управата за храна и лекови. Државните здравствени служби имаат малку подобра оцена. Ним им веруваат само 41 отсто од Американците, а локалните здравствени одделенија имаат доверба од 44 отсто, додека истата анкета покажува дека позитивните оцени на јавниот здравствен систем се намалиле од 43 на 34 отсто помеѓу 2009 и 2021 година.
Јасно е дека агенциите за јавно здравје треба да ја вратат довербата на јавноста, не само за да се борат со кризи како ковид-19 и мајмунски сипаници туку и за да се занимаваат со поширок опсег на тековни здравствени проблеми. Овој процес мора да започне со посветеност на ангажман на заедницата, партнерства во други сектори, како што се домувањето и образованието, ефективна комуникација на секое ниво и транспарентност и интегритет во одлучувањето.
Службениците во јавното здравство често мора да ги засноваат своите препораки на нецелосни податоци. Како што се развиваат податоците, така ќе се развиваат и препораките. Меѓутоа, во погрешен обид да изгледаат авторитетни, службениците во јавното здравство ретко се транспарентни за нијансите и променливата природа на она што го соопштуваат.

Совршен пример е раниот совет за тоа како се пренесува коронавирусот. Како што покажува овој пример, кредибилитетот често се меша со непогрешливост, што резултира со службеници од јавното здравство што можеби бавно ги признаваат грешките, што дополнително го поткопува нивниот кредибилитет. Транспарентноста е клучна, особено во време кога оние што шират дезинформации на интернет ќе ја искористат секоја можност да им го нарушат кредибилитетот на службениците во јавното здравство. Успешната јавно-здравствена комуникација воспоставува кредибилитет со тоа што е ефективна, а не со тоа што е непроменлива.
Друг темел на здравата комуникација е јасноста. Службениците на јавното здравство мора да објаснат како податоците и препораките се поврзани со секојдневниот живот на луѓето. Дали информацијата е точна или неточна е спорно прашање доколку јавноста не разбира што се соопштува. Овде, американските функционери повторно паднаа на тестот за испраќање пораки кога не разјаснија дека ефективноста на вакцините за ковид-19 се мери со хоспитализација, а не со инфекции. Јавноста веруваше дека вакцините ќе ги блокираат преносот и инфекцијата, но кога се појавија варијантите делта и омикрон и предизвикаа раст на инфекциите, соодветно следуваа недоверба и незаинтересираност за дополнителни дози. Во овој случај, службениците за јавно здравје можеа да го искористат примерот на вакцината против детска парализа за да ја уверат јавноста дека вакцината не треба целосно да спречи инфекција или пренос за да се искорени болеста. Или можеа да нагласат колку вакцините го намалуваат товарот врз болниците.
За жал, се чини дека не се извлече поука од другите историски лекции. Многу службеници од јавното здравство направија сериозна грешка стигматизирајќи ја мајмунската сипаница како болест што му се заканува само на одреден дел од популацијата. Сепак, иако е точно дека оваа популација е несразмерно погодена од сегашната епидемија, мајмунските сипаници може да се пренесат во секоја ситуација каде што има близок контакт при допир на кожа со лезии.

Пошироко, пораките за јавно здравје најдобро се разбираат и најверојатно ќе им се верува кога доаѓаат од доверливи поединци во рамките на заедниците до кои треба да допре информацијата. Гласникот често е исто толку важен како и пораката, особено во заедниците каде што структурниот расизам и историските трауми се причините поради кои луѓето немаат доверба во здравствените власти.
Наместо да издаваат авторитативни изјави и да претпоставуваат дека ќе бидат послушани, локалните службеници за јавно здравје треба да мислат на нивните пораки како дел од инклузивен разговор. Тие треба да се обратат до гласовите на заедницата и доверливите застапници, како што се верските лидери, менаџерите на засолништата и директорите на банките за храна, за да соработуваат во испраќањето пораки и допирањето до населението, кое може да биде ранливо на здравствени разлики.
Сегашната клима на „алтернативни факти“ и неконтролираното ширење на дезинформациите создаваат многу предизвици за ефективната јавно-здравствена комуникација. Но со учење од грешките од минатото и развивање пораки што се јасни, инклузивни и пренесени од вистинските извори, можеме да го започнеме тешкиот но неопходен процес на обнова на довербата во агенциите за јавно здравје пред да настапи следната голема криза.

Автор: Вилијам А. Хејзелтајн е научник, биотехнолошки претприемач,
експерт за заразни болести и претседател на светската експертска група „АКСЕС хелт интернешенел“