Како да се спречат стоковно-пазарните шпекулации

Цените на многу пазари на деривати на стоки остануваат многу нестабилни, бидејќи хеџ-фондовите и другите видови финансиери сакаат еднакво брзо да се повлечат како и што инвестирале. Недостигот од брза реакција за решавање на ова покажува дека регулаторите и политичарите сè уште ги ставаат финансиските интереси над интересите на сите други

Цените на примарните артикли постојано варираа во изминатата година, а особено во последните шест месеци. На пазарите на фјучерси, цените на суровата нафта се зголемија за 39 отсто во периодот од 8 февруари до 8 март 2022 година, од 89 долари за барел на 124 долари за барел, а потоа паднаа за 23 отсто во следниот месец на 95 долари за барел. Цената повторно се искачи на 122 долари за барел на 8 јуни, но се намали на 88 долари за барел на 4 август, под нивото од почетокот на февруари. Глобалните цени на фјучерсите на пченицата покажаа слична нестабилност. Цената на меката црвена зимска пченица се искачи од 332 долари за метрички тон во јануари на 672 долари за тон во април, но до јуни падна на 380 долари, но е сè уште околу 50 отсто повисока од пред една година, но далеку под максимумот што го достигна оваа пролет.
Овие драматични движења на цените не беа предизвикани од промените во реалното производство и побарувачка. Причината за големите скокови на цените на стоките и за недостигот од снабдување предизвикано од конфликтот во Украина не ја доловува целосната вистина. Конкретно, големите зголемувања на профитните маржи на големите нафтени производители и на агробизнисите укажуваат на тоа дека тие ги зголемиле цените на енергијата и храната над секое ниво што може да се оправда со нивните сопствени зголемувања на трошоците. Но бурната шпекулативна активност, главно од финансиските компании, како хеџ-фондовите што доминираат во тргувањето, само ја влоши состојбата.
На пример, една студија покажа дека инвестициските фондови биле хиперактивни на парискиот пазар на пченица. Уделот на долгите позиции на овие фондови во фјучерси на пченица се зголеми од 23 отсто во мај 2018 година на дури 72 отсто во април 2022 година и остана над 50 отсто во мај 2022 година. Друга неодамнешна студија покажа дека трговскиот обем на Примарниот центар за цените на гасот на европскиот пазар на природен гас постојано се зголемуваше во текот на изминатата деценија, од 14 пати поголема од реалната потрошувачка на гас во 2011 година на повеќе од 114 пати во 2020 година. Хаосот што може да го предизвикаат ваквите шпекулации беше очигледен во март годинава, кога драматичното скокање на цените на никелот ја принуди Лондонската берза за метали да го прекине тргувањето и да ги откаже сите зделки.
Но цените на пазарите на други деривати на стоки остануваат многу нестабилни, бидејќи хеџ-фондовите и другите финансиери сакаат еднакво брзо да се повлечат како и што инвестирале. Нестабилноста на цените на стоките влијае на животниот стандард и капацитетот за производство на стоки и услуги и придонесува за стагфлацијата и гладот, ​​кои сега ги следат повеќето земји со ниски и средни приходи. Оттука, од суштинско значење се одредена стабилизација и регулација на овие цени и не само за ограничување на инфлацијата.
Зошто тогаш е дозволено да се појават овие осцилации? Политичарите, очигледно, се свесни за последиците на бурната финансиска активност на пазарите за основните стоки. Нешто слично се случи во 2007-2009 година, кога цените на нафтата и храната прво нагло пораснаа, а потоа се намалија на претходните нивоа во период од 18 месеци, предизвикувајќи економско уништување. По тоа искуство и како последица на светската финансиска криза од 2008 година, САД и ЕУ се обидоа да ги регулираат дериватите на стоките до одреден степен.

Идеално, регулативите требаше да ги спречат шпекулациите со тоа што целото тргување требаше да се одвива на регулирани берзи, а не на основа на шалтер, и на транспарентен начин со целосни информации за вистинските играчи и нивните понуди. Понатаму, берзите треба да им дозволат само на оние со директен оперативен интерес за стоки да тргуваат со нив. Учесниците на пазарот треба да се придржуваат до ограничувањата на позициите што можат да ги држат, во зависност од нивната вистинска употреба, потреба или производство на таа стока.
Регулативите на САД и на ЕУ се најважни, бидејќи овие пазари во голема мера ги одредуваат светските цени на стоките. Но претходните регулаторни промени не ги дадоа потребните резултат и оттогаш се разводнија. Постојните правила на ЕУ помагаат да се спречи злоупотреба на пазарот на официјалните берзи со ограничување на позициите на поединечните трговци, но тие сепак дозволуваат тргување со стоки преку шалтер, овозможувајќи продолжување на прекумерните шпекулации. САД забрануваат тргување преку шалтер со повеќето стоки, но финансиските агенти сè уште можат да влезат на пазарот преку други претставници. Границите на позициите беа задржани толку високо што не ги спречуваат големите понуди да влијаат на цените.
Како резултат на тоа, финансиските шпекулации со основните артикли сè уште можат да направат хаос со животите и егзистенцијата на луѓето. За среќа, постојат знаци дека регулаторите внимаваат. На неодамнешниот состанок на Г20 во Индонезија, Клас Нот, претседател на Одборот за финансиска стабилност повика на внимателно следење на шпекулативните активности. Но самото следење нема да биде доволно. Регулаторните мерки потребни за ограничување на шпекулациите на пазарот на стоки се очигледни, така што недостигот од брза акција е впечатлив. Тоа сугерира дека регулаторите и политичарите сè уште ги ставаат финансиските интереси над сè друго, без оглед на трошоците.

Џајати Гош е професорка по економија на Универзитетот во Амхерст, Масачусетс, и е членка на Високиот советодавен одбор на генералниот секретар на ООН за ефективен мултилатерализам