Државите ја земаат во свои раце контролата врз енергијата

Неодамнешното зголемување на владините интервенции во енергетскиот сектор делумно е последица на огромните ценовни скокови што произлегуваат од конфликтот во Украина. Но многу од политичките мерки што беа воведени во изминатата година се нецелосни одговори на суштинските предизвици од енергетската несигурност и климатските промени

Иако неизвесноста преовладува на денешниот глобален енергетски пазар, едно нешто стана јасно: владите повторно ја потврдуваат својата централна улога. Мотивот е прагматичен наместо идеолошки, деталите варираат од земја до земја, но трендот е ист. Владите ја враќаат контролата врз пазарот што во голема мера беше оставен на приватни фирми со самоограничена регулатива. Новооткриената самоувереност на државата делумно произлегува од огромните зголемувања на цените, кои се закануваат со енергетска сиромаштија од големи размери и колапс на некои енергетски интензивни бизниси. Цената на природниот гас за потрошувачите во Европската Унија (ЕУ) се зголеми за 12 отсто во втората половина на 2021 година. Но ова беше само увертира за сегашните скокови на цените, кои произлегуваат од конфликтот во Украина. Планот на ЕУ да го намали увозот на руски природен гас за две третини до 2023 година, заедно со намалувањето на руските испораки на земјите вклучувајќи ги Германија и Финска, предизвика европската референтна цена да се зголеми петкратно во текот на 12-те месеци до јуни оваа година.
Втор моќен фактор што ја присилува владината интервенција се климатските промени. Напливот на побарувачка на енергија во текот на изминатата година беше предводен од јагленот, кој останува доминантен извор на енергија во Азија, предизвикувајќи емисиите на стакленички гасови да се вратат на нивното ниво пред пандемијата. И покрај силниот раст на обновливите извори на енергија како што се ветерот и сонцето, континуираното потпирање на светот од јаглеводороди значи дека, без понатамошна интервенција на владите, емисиите ќе продолжат да се зголемуваат во наредните години.

Ниту еден од овие предизвици не може да се реши само од пазарните сили. Пазарните сили можат малку да сторат за да им помогнат на семејствата што се соочуваат со ненадеен пораст на цената на основните стоки. Ниту, пак, пазарите можат да ги прераспределат високите добивки што ги остварија гигантските нафтени компании на многу помалите бизниси за кои енергијата е клучен придонес.
Државната интервенција на енергетскиот пазар користи разновидни методи. Германската влада објави планови два отсто од површината на земјата да се користи за производство на енергија од ветер и смислува итни шеми за рационализирање за да се справи со очекуваниот зимски недостиг од енергија по прекинот на испораката на гас од Русија. Сите британски домаќинства првично добија субвенции од 400 фунти за да им се помогне да се справат со зголемените сметки за енергија, делумно финансирани од итниот данок за производителите на нафта и гас. Но тоа се покажа недоволно, новата британска премиерка Лиз Трас ги ограничи сметките за енергија во домаќинствата на две години и понуди краткорочна поддршка за деловните корисници. Засега, владината интервенција е насочена кон контрола на цените и зголемено производство на јаглеводороди.

Преку Атлантикот, неодамна со донесениот Закон за намалување на инфлацијата на американскиот претседател Џо Бајден се обезбедија 27 милијарди долари како помош за американските домаќинства со ниски и средни приходи да се префрлат на почиста енергија, но и да се финансира одржувањето на загубарот во нуклеарниот сектор во земјата. Во Франција, претседателот Емануел Макрон е во процес на целосна национализација на електростопанството ЕДФ. И таму и низ поголемиот дел од континентална Европа беа зајакнати контролите на цената на енергијата.
За жал, овие и многу други неодамнешни владини иницијативи се нецелосен одговор на основните предизвици на енергетската несигурност и климатските промени. Премногу мерки се недоволно обмислени и не успеваат да ги решат основните пречки за промена. На пример, големата промена кон електричните возила има смисла само ако се достапни мрежите за полнење и безбедните набавки на напредни материјали од кои тие зависат. Малите парични субвенции се скапи и не се однесуваат на концентрираната долгорочна енергетска сиромаштија. Политиките за зголемување на производството на енергија од ветер се ирелевантни, освен ако не постои инфраструктура за справување со дистрибуираните снабдувања со електрична енергија.
Владите посегнуваат по краткорочни решенија за да се покаже дека прават чекори. Но политиките што произлегуваат не се секогаш најевтините или најефективните, а многу се покажаа дека не се ништо повеќе од привремени решенија. Во ниту една од горенаведените земји нема постигнат консензус за обликот на долгорочната енергетска политика. Сепак, трендот кон поголема владина интервенција во енергетскиот сектор е добро воспоставен. Улогата на државата ќе мора дополнително да се прошири, особено за да се реши инвестициската празнина што се појави. Потребни се дополнителни средства за да се задоволи идната побарувачка за сите форми на енергија и придружната инфраструктура. Финансирањето на транзицијата кон економија со ниска потрошувачка на јаглерод ќе бара огромни суми. Владите најверојатно ќе бидат главниот извор на потребниот капитал, како и обезбедување гаранции и субвенции за приватниот сектор. Но дали владите ќе одговорат соодветно е далеку од сигурно.

Ништо од ова не е рецепт за идеален исход. Задачата да се обезбеди континуирано и достапно снабдување со енергија е премногу важна за да биде препуштена на пазарот и премногу сложена за да ја преземат министрите и бирократите. Логиката укажува на кооперативни аранжмани со кои владите поставуваат енергетски цели и стандарди, а фирмите од приватниот сектор се натпреваруваат да играат улога во исполнувањето на севкупните цели. Но постигнувањето таква соработка и рамнотежа во моментов не изгледа ништо повеќе од далечна желба.

Автор: Ник Батлер е визитинг-професор на Кралскиот колеџ во Лондон и основач на Кралскиот политички институт