Светот да изгради подобра глобална здравствена рамка

Неверојатно е да се замисли дека кога се одржа последниот мировен форум во Париз, во ноември 2020 година, сè уште не беше одобрена вакцината против ковид-19. Една година подоцна беа дадени повеќе од седум милијарди дози, со што се спречија безброј смртни случаи и се помогна да се смени курсот на пандемијата во многу земји. Но овој научен триумф е во сенка на неуспехот да осигури дека сите луѓе ќе имаат корист од него.
Повеќе од една третина од населението во светот е целосно вакцинирано. Но во Африка тој удел изнесува само 6,7 отсто, што е неприфатливо и мораме итно да го промениме тоа. Секоја закана по глобалната солидарност е закана по глобалната безбедност и стабилност. Сите влади имаат одговорност да го заштитат својот народ. Но неуспехот на некои влади да споделат клучни ресурси, вклучувајќи информации, биолошки примероци и алатки како вакцини, тестови и други набавки, ги лиши нивните колеги во многу земји со ниски и средни приходи од капацитетот да ги исполнат нивните обврски.
Пандемијата на ковид-19 нема да биде последна. Токму затоа, додека траат обновата и закрепнувањето од оваа криза, треба да се преземат чекори за да може во иднина да се одговори на епидемии на заразни болести со ефикасна соработка, наместо со хаосот и конфузијата што ја влошија сегашната. Глобалниот одговор на пандемијата на ковид-19 е предмет на многу анализи. Имаше многу препораки за мерки што би можеле да ни овозможат рано да ја откриеме следната појава на заразна болест и да ја спречиме да прерасне во епидемија, па дури и пандемија, или да обезбедиме брз и ефективен одговор. Во сите овие прегледи и извештаи се истакнуваат четири аргументи.

Прво, глобалното владеење мора да биде поинклузивно, правично и поодговорно. Постојната глобална здравствено-безбедносна структура е сложена и поделена, а доброволните механизми не го создадоа потребното ниво на колективна акција. Затоа, се залагам за создавање нов меѓународен инструмент во форма на договор што ќе ги предводи подготвеноста и одговорот во случај на пандемија. Со обезбедувањето сеопфатна рамка на глобална соработка, вклучувајќи јасни правила на игра, таквиот механизам може значително да ја зајакне солидарноста меѓу земјите. Земјите-членки на Светската здравствена организација (СЗО) разговараа за оваа иницијатива на специјалната сесија на Светското здравствено собрание.
Второ, потребно е поголемо и подобро финансирање за подготвеност и одговор на една пандемија. Тоа вклучува значајно зголемување на домашните инвестиции, како и многу поголемо меѓународно финансирање за поддршка на земјите со ниски и средни приходи. Од суштинско значење е тоа што сите финансиски капацитети мора да бидат изградени преку постојните финансиски институции, бидејќи создавањето нови само дополнително ќе ја подели глобалната здравствена структура. Освен тоа, таквите механизми не треба да се финансираат само со доброволна развојна помош, што би ја засилило конкуренцијата за и онака оскудните ресурси. Наместо тоа, предлагаме фонд за здравствени закани, во кој ќе се слеваат дополнителни ресурси, кои би можеле да се основаат во Светската банка како финансиски посредник и да бидат финансирани од државите и регионалните организации врз принципот на поделба на товарот.
Трето, треба да се осмислат и спроведат подобри системи и алатки за мултисекторски здравствен надзор. СЗО веќе почна да гради такви алатки. На 1 септември го отворивме новиот центар на СЗО за пандемиско и епидемиско разузнавање во Берлин, кој ќе му обезбеди на светот подобри податоци и аналитика за да го поддржи откривањето и одговор на вонредни состојби во јавното здравје.

Потоа ја имав честа да му се придружам на францускиот претседател Емануел Макрон во Лион на церемонијата за прослава на основањето на академијата на СЗО, која ќе користи врвни технологии за да го прошири пристапот до висококвалитетно, доживотно учење за здравствените работници во светот. Други иницијативи се во развој, како што е биолошкиот центар на СЗО, чија цел е складирање и споделување патогени во Швајцарија, како и прегледот за универзално здравство и подготвеност (УХПР). Креиран според моделот на универзалниот периодичен преглед што го користи Советот за човекови права на Обединетите нации, УХПР ќе ја користи рецензијата за да ги зголеми одговорноста и транспарентноста меѓу земјите-членки на СЗО, бидејќи тие ги идентификуваат јазовите и градат капацитет за подготвеност и одговор на пандемијата.
Конечно, потребна ни е зајакната, овластена и одржливо финансирана СЗО во центарот на глобалната здравствена рамка. Со 194 земји-членки и 152 канцеларии во државите, СЗО се издвојува по нејзините глобални овластувања, досег и легитимност. Но во текот на изминатите неколку децении, таа постепено слабееше со нерамнотежата меѓу проценетите (задолжителни) и доброволните, наменски придонеси. Ова го нарушува нашиот буџет, а со тоа ја ограничува нашата способност да привлечеме и задржиме врвни таленти и да ги исполниме очекувањата на нашите земји-членки.
Пандемијата на ковид-19 ја истакната клучната важност на глобалната здравствена безбедност. Понатамошното слабеење на СЗО и фрагментацијата на институционалната рамка на глобалното здравје се меѓу најголемите ризици за таквата безбедност. Светот сега мора да инвестира во организацијата што вистински го претставува и работи за здравјето на сите земји. Во наредните месеци, други кризи неизбежно ќе бараат наше внимание. Но не смееме да ја изгубиме од вид важноста на зајакнувањето на глобалната здравствена безбедност. Ако светот продолжи по својот сегашен пат, нашето здравје само ќе се влошува, со катастрофални економски и политички последици. Но ако ги прифатиме новите идеи и работиме заедно за солидарност, можеме да изградиме иднина што ќе биде поздрава, побезбедна, поправедна и помирна.

Авторот е генерален директор на СЗО