Пандемијата ги осиромаши богатите држави

Постои широк консензус дека пандемијата на ковид-19 ја влоши нееднаквоста во земјите. Поретко се забележува влијанието врз нееднаквоста меѓу земјите, кое се движеше во спротивна насока, како резултат на непропорционалниот ефект што го имаше вирусот врз напредните економии.
На почетокот на пандемијата многумина очекуваа дека посиромашните земји ќе бидат погодени многу посилно од богатите земји. Во анкетата на панелот на економски експерти од иницијативата за светските пазари спроведена лани во мај, мнозинството се согласи дека „економската штета од вирусот и карантините, на крајот непропорционално најмногу ќе се одрази врз земјите со ниски и средни приходи“. Креаторите на политиките имаа сличен став, како што во април истото тоа го потврди и самата управна директорка на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ), Кристалина Георгиева.
Но податоците покажуваат друга слика. Во еден извештај од јуни 2020 година, заедно со Тристан Рид од Светската банка откривме дека кумулативните смртни случаи од ковид-19 на милион луѓе се значително повисоки кај државите со високи приходи отколку во земјите со средни и ниски приходи, дури и кога би ја изземале Кина. Покрај тоа, текот на пандемијата беше неверојатно различен во земјите со различни нивоа на приход. Како што покажаа новите податоци од декември, ваквиот тренд успеа да се задржи и постои силна позитивна корелација помеѓу приходите по жител и смртните случаи на милион жители.

Сепак сè уште не постои целосно објаснување за ваквите неочекувани показатели. Прелиминарните докази сугерираат дека многу земји со ниски примања можеби имаа корист од некои демографски фактори (помлада популација, пониски стапки на хронични болести) и силен имунитет (во кој вродениот имунолошки систем се репрограмира против некоја болест). Но уште поизненадувачки е неочекуваната „предност“ што ја покажаа посиромашните земји на економскиот фронт.
Како што покажува новиот труд на добитникот на Нобеловата награда по економија, Ангус Дитон, нееднаквоста во светот се намали како резултат на пандемијата, барем на краток рок. Во текот на изминатата година, приходот по жител опадна повеќе во побогатите земји отколку во посиромашните земји, што резултира во неочекувано претопување меѓу богатите и сиромашните. Повеќе смртни случаи на милион жители значи не само изгубени животи туку и поголеми загуби на приход. Еднакво е важно што во овој тренд не спаѓа Кина. Одредени статистики за населението покажуваат дека нееднаквоста во светот е малку зголемена, затоа што Кина (која повеќе не е сиромашна земја) успеа да се извлече лани од кризата пред другите држави, додека спротивните, во кои Кина е изземена, откриваат значителен пад на нееднаквоста во светот.

Намалувањето на нееднаквоста обично е позитивен развој на настаните, барем во услови карактеризирани со големи разлики во животните стандарди во државите во разни фази од развојот. Во овој случај, нееднаквоста во светот опадна не затоа што посиромашните земји се збогатија, туку затоа што богатите осиромашија. Ваквата форма на претопување има вознемирувачки политички импликации. Иако земјите од ниски и помалку ниски приходи релативно добро се покажаа досега, сепак нивните изгледи не се многу надежни во апсолутна смисла. Многумина се соочуваат со зголемување на долгот, забавување на растот, пад во приходите од извозот на стоки и туризмот, како и намалување на исплатите. Покрај тоа, треба да ги согледаме долгорочните последици од загубената година во приходи и инвестиции во човечки капитал.
Да биде уште полошо, природата на оваа неочекувана појава на овој феномен покажува дека напредните економии нема да бидат толку подготвени да ги насочат ресурсите кон посиромашните држави, без разлика дали тие ќе бидат во форма на директна помош, отвореност кон меѓународната трговија и инвестиции или отпишување на долгот. Бидејќи се справуваат со зголемената нееднаквост дома, земјите со високи приходи ќе продолжат да работат на своите внатрешни проблеми, со тоа што приоритет ќе им бидат потребите на сопствените граѓани наместо оние на најсиромашните земји.

Повлекувањето на САД и на Европа од светот во развој ќе отвори простор за другите, особено за Кина, која веќе го врати растот на претпандемиско ниво. Ако пристапот до профитабилните западни пазари стане неодржлив како резултат на зголемувањето на протекционистичкото чувство, алтернативните иницијативи поврзани со Кина, како што е неодамна потпишаното Регионално сеопфатно економско партнерство (РЦЕП), може да станат сè попривлечни за економиите во развој.
Позитивна забелешка е што ниските каматни стапки во САД и во Европа може да доведат до „лов на принос“, што би поттикнало проток на капитал во земјите во развој. Но и во тој случај на овие економии ќе им бидат потребни силни институции и внимателна политика за да се осигурат дека приливот на капитал ќе поттикне раст насекаде и ќе се намали сиромаштијата наместо само да се богати една мала повисока класа.
Најважно е што сите земји ќе треба да продолжат да инвестираат во својот човечки капитал и да ги подобруваат своите домашни институции, без оглед на недостигот од ресурси. Подобрувањата повеќе се прашање на волја отколку на буџет. Ефикасното користење на расположливите ресурси и ефективната имплементација ќе играат најголема улога. Со осиромашувањето на богатите, сиромашните мора да ги земат работите во свои раце.

Авторката е поранешна главна економистка во Светската банка и главна уредничка на „Американ економик ривју“,а актуелно е професорка по економија на универзитетот „Јејл“.