Гласини и медиуми

Лажните вести постоеле отсекогаш, односно во минатото тоа биле гласини, чија цел била да се создадат услови за толкување на вистината онака како што сака тој што ги продуцирал. Денес трендот на борба против лажните вести е најновиот проект околу кој се обединуваат владите, идентификувајќи го како најголема закана и зло по демократската стабилност. На овој вид медиумска аномалија не е имуна ниедна држава или влада

Во неколку наврати пишував за појавата на лажните вести и импактот што го прават кај аудиториумот. Притоа нагласив дека лажните вести постоеле од секогаш, односно во минатото тоа биле гласини, чија цел била да се создадат услови за толкување на вистината онака како што сака тој што ги продуцирал.
Денес, пак, трендот на борба против лажните вести е најновиот проект околу кој се обединуваат владите, идентификувајќи го како најголема закана и зло по демократската стабилност. На овој вид медиумска аномалија не е имуна ниедна држава или влада, имајќи предвид дека лажните вести, пропагандата, па дури и популизмот (како бенигна форма на полулажни вести) постоеле отсекогаш, а денес е неизоставен дел на секоја клетка во интернет-медиумите.

Борбата против лажните вести е предмет за анализа на сите безбедносни агенции и центри што се занимаваат со оваа проблематика. Во медиумската хајка за лажните вести во врска со американските претседателски избори, тие беа претставени како сајбер-акција што направи тектонски поместувања на политичката сцена во најголемата западна демократија, а сите ја препознаа „вишната“ од тортата наречена Западна пролет, во која требаше наводно да се рушат системи и влади во најдемократските држави.

Сепак, сериозните аналитичари сметаат дека оваа демократска акција во недемократска верзија доаѓа во време кога владите на големите западни држави не многу вешто се справуваат со новите предизвици со кои се соочуваат нивните држави. Во периодот што следува владите на големите држави несомнено се соочуваат со растечката моќ на „неконтролираните медиуми“, на кои не им требаат владини пари за да најдат место под сајбер-сонцето.

Интернет-војната од САД се пренесе во Германија, но таму тематиката беше „опасната миграција и црномурестите Германци“, а денес се случува и во Франција. Започна како камионџиски спот (каде што во главната улога се најде еден професионален возач на камион, кој незадоволен од зголемувањето на цената на горивата, облечен во флуоросцентен елек, сочно ја пцуеше владата на Макрон), за интернет-револуцијата понатаму да се пренесе низ улиците на Париз со апокалиптично сценарио за европската цивилизација. Сликите од протестите се шират благодарение на социјалните медиуми и доволно е тие да бидат фатени од „погрешен агол“ за да изгледаат застрашувачки, односно да добијат сосема нова димензија од она што навистина се случува таму.

Според Џозеф Нај, универзитетски професор на Харвард, борбата против лажните вести треба да биде бескомпромисна и тоа е единствен начин за зачувување на демократијата како највисока форма на денешната цивилизација. Во прилог на ова оди и неодамнешната анализа на странските компании што се занимаваат со буџетот на социјалните мрежи каде што е зголемен процентот на средства за справување со овие закани. Односно, справувањето со лажните вести беше истовремено на неколку полиња. Фејсбук и Твитер почнаа успешно да се справуваат со ширењето на лажните вести преку подобрување на алгоритмите за проверка на кориснички профили, но и на содржини што се пласираат преку овие медиуми. Истовремено се зголеми контролата од медиуми што се регистрирани во земји надвор од САД. Наедно се зголеми контролата на ВПН-сервисите, ИП-адресите, а истовремено се заострија критериумите на маркетинг-компаниите како основен извор на приходи на оние што продуцираат вакви вести.

Она со што не се согласувам со професорот Нај е дека лажните вести се вистинската причина за падот или подемот на некој поредок. Нивното постоење, односно продуцирање е за да бидат тука, односно за да бидат искористени од оној кон кого биле насочени. Колку и да звучи парадоксално, токму лажните вести можат да бидат самурајски зафат за да ја „спасат жртвата“, односно жртвата да опстанува токму поради нив. Инаку, генерално, ефектите од лажните вести се краткотрајни, со лимитиран ефект кај одредена популација. Генезата на проблемот со лажните вести лежи во три основи. Првата е економска, односно за комерцијална употреба, и тоа чиста заработка од публика што не ѝ верува на својата влада и се користи психолошкиот момент дека тие помагаат во лустрирање на неделата на големите светски моќници. Вториот момент (па и проблем) е фаворизирањето одредени медиуми (станува збор за мегапопуларните медиуми), кои со децении креираат мислење за општеството, па и светот, и наметнуваат медиумска култура, а притоа се изгустирани од публиката, која сака нешто различно. И трето, нејасна е спрегата на моќните медиуми и мултинационалните корпорации што имаат сопствени наднационални интереси, што, секако, нема да биде тема на оваа колумна. Исто така не е исклучена и можноста преку овие недржавни актери што ширеле вести трети држави да остварувале сопствени цели.