Секогаш кога ќе се потсетам на некој ваков настан (денеска е Денот на македонското судство!), не можам а уште еднаш да не им изразам восхит на сите оние херојски ликови од поблиското и подалечното минато, кои во исклучиво тешки времиња, честопати и под закана за нивните живот или здравје, носеле храбри одлуки. Одлуки со визија, со далекосежно влијание во интерес на поколенијата, на народот, нацијата, државата. Така и оваа повелба за основање судови низ целата штотуку ослободена земја е една таква одлука, бидејќи луѓето на новоформираната власт биле свесни за значењето на владеењето на правото и правната држава. И уште нешто, не помалку важно, што денеска се заборава или се премолчува, се потпикнува под тепих. И оваа повелба, како и многу други слични важни одлуки, е донесена врз основа на претходна одлука донесена на историскиот АСНОМ од 2 август 1944 година. Колку да се знае. И да се памети што значел тој АСНОМ за македонската држава и за Македонците
Каква коинциденција, какво интересно совпаѓање на настаните. Денеска е Денот на македонското судство, денот на основањето на судовите, односно поставувањето на темелите на судството во Република Македонија. Формирањето на првите редовни цивилни судови во Македонија почнува со донесувањето на Одлуката на Второто заседание на АСНОМ од 2 август 1944 година, за формирање судски органи и поверенство за судство, како и судски оддели при народноослободителните одбори. На 31 март 1945 година е донесена Повелба на АСНОМ за устројството на редовните народни судови на Федерална Македонија и Решение на АСНОМ за создавање суд за судење престапи против македонската национална чест. Со повелбата се основани 25 околиски судови, три обласни судови со седишта во Скопје, Штип и Битола и Врховен суд со седиште во Скопје. Поради ова, 31 март 1945 година се смета за ден на основање на судовите, односно за поставување на темелите на судството во Република Македонија.
Секогаш кога ќе се потсетам на некој ваков настан не можам а уште еднаш да не им изразам восхит на сите оние херојски ликови од поблиското и од подалечното минато што во исклучително тешки времиња, честопати и под закана за нивните живот или здравје, носеле храбри одлуки. Одлуки со визија, со далекосежно влијание во интерес на поколенијата, на народот, нацијата, државата. Така и оваа повелба за основање судови низ целата штотуку ослободена земја е една таква одлука, бидејќи луѓето на новоформираната власт биле свесни за значењето на владеењето на правото и правната држава.
И уште нешто, не помалку важно, што денеска се заборава или се премолчува, се потпикнува под тепих. И оваа повелба, како и многу други слични важни одлуки, е донесена врз основа на претходна одлука донесена на историскиот АСНОМ од 2 август 1944 година. Колку да се знае. И да се памети што значел тој АСНОМ за македонската држава и за Македонците. Така што, колку и да сака некој да го брише или да го минимизира, ќе си има премногу работа. Премногу придобивки во кои денес уживаме ги влечат своите корени од тој датум.
И токму на денот кога судиите ќе ги облечат црните свечени тоги за да го прослават својот најголем еснафски празник, проблемите и скандалите како да се наттрчуваат кој ќе биде погласен и поразурнувачки во обид да се урне или барем урниса зградата чиишто темели се поставени пред 78 години.
Се соочуваме со многу низок рејтинг на славеникот. Довербата во правосудството кај македонските граѓани е на многу ниски гранки. Анкетите се поразителни, па дури и американскиот Стејт департмент неодамна, во својот најнов извештај, констатира недозволиво мешање на политиката во судството, со препорака до политичките партии да престанат да се мешаат во работењето на третата власт.
За потврда на ваквата констатација не треба да набројуваме премногу, за да не го расипеме одбележувањето на празникот. Доволно е само да се навратиме на двата последни настана што доволно зборуваат за состојбата во која се најде нашето правосудство во целина.
Најпрво да се истакне неуспешниот обид да се активира кривичниот оддел на Врховниот суд, откако поради политичка лакрдија Судскиот совет не избра никој од петте кандидати. За потсетување, Врховниот суд во кривичниот оддел и натаму останува само со петмина судии, а со толку мал број врховни судии, овој оддел веќе нема да може да работи.
Но што се случило? Според доброупатени извори, апелацискиот судија Енвер Беџети конкурирал за судија во Врховниот суд, но не ја добил согласноста на Судскиот совет. Попусти биле инсистирањата на дел од членовите на Советот тој да биде избран, мнозинството не сакало да ја преиначи одлуката. Тука поддржувачите на Беџети го извадиле за нив клучниот адут – дека во спротивно нема никој друг од кандидатите да добие гласови по „Бадентер“. И – заканата се обвистинила. Ниеден од предложените кандидати не добил поддршка од членовите на Советот што требало да гласаат според Бадентер. Значи, ептен стручно и еснафско гласање.
Вториот случај е исто така индикативен. Актуелен судски процес утврдува дека нашата држава и нејзините највисоки институции повеќе години биле предмет на следење и документирање од страна на грчките сопственици на вториот мобилен оператор во Македонија. Ова го тврдат, под заклетва, двајца вработени во операторот, на високи позиции во тоа време. Тие пред судот сведочеле дека компанијата, без да ги информира надлежното јавно обвинителство, МВР или судот и без да побара согласност од нив, подготвила програма што ја инсталирала во централата и преку таа програма на дневно ниво ги ваделе сите наредби за посебни истражни мерки што се издавале преку судот и обвинителството до УБК.
Она на што укажуваат наши искусни правници е дека, според нивни зборови, „ова е невиден шпионски случај во кој е инволвиран мобилниот оператор, а не е исклучена можноста дека до податоците можела да дојде и грчка тајна служба“. Токму поради ваквите сомневања, истите тие соговорници прстот го вперуваат кон судиите и обвинителите што не повеле веднаш истрага во таа насока, да се види кој и како ги злоупотребувал податоците од незаконското прислушување. Притоа да се утврдат сите пропусти во овој процес, кој со години се влече низ судовите и обвинителствата, при што никој не го регистрирал незаконското прислушување и не презел соодветни мерки.
И за, крај, ако мислите дека старите судии и обвинители не ги бива, не грижете се. Доаѓа нова генерација судии и обвинители, промовирани деновиве. Се намачија сиротите да влезат на академија во силна битка на моќни и влијателни родители, роднини, партиски шефови и други блиски ликови, притоа некои дури и без формално заокружено потребно образование, но, нели, „наши деца“, гревота е да се стопираат, нека учат, па ќе се докажат. На почетокот на нивната обука имаше и една забошотена афера дека некои од кандидатите наводно дошле без знаење странски јазик, ама затоа сите тие точно знаеле каде на мала врата се добива соодветна потврда за тоа, па лесно дошле до неа. По таквите гласини, се отвори предмет во обвинителството, дури се зборуваше дека се побара меѓународна правна помош и – толку. Предметот застана во предистражна постапка. И ете, дојде денот – кандидатите на полузатворена церемонија беа промовирани, без да се дознае колку од тие 40 наводно лажни уверенија за познавање странски јазик се нашле во рацете на оние што влегоа на академија, а колку од нив ја завршија.
И што да се каже по сѐ. Како во секоја приказна, во која на крајот доаѓа шумарот и ги брка и партизаните и Германците од шумата, така и овој пат останува само да почекаме. Да видиме дали некој од влијателните амбасадори, кои како врвен приоритет го имаа ставено заздравувањето на нашето правосудство, конечно ќе преземе некакви мерки, гледајќи колку и како ние како држава се „грижиме“ да го заздравиме. Или, пак, и натаму странците само ќе продолжат со жалопојки дека истуриле овде милиони долари за правосудство какво што треба да биде, а ефектите се минимални. Ние чекаме.