Ветер за промени: Бура или развигорче во Бугарија

Светскиот еврејски конгрес издаде соопштение во кое се вели дека со откажувањето на маршот во знак на почит на Христо Луков, водачот на нацистичка колаборационистичка група од времето на Втората светска војна, „бугарската влада и бугарското граѓанско општество испратија недвосмислена порака дека антисемитизмот, расната омраза и сите други форми на ксенофобија и нетолеранција немаат место во современа Бугарија“. Дали „нови и посилни демократски и европски ветришта имаат сила да ги оддуваат темните облаци на минатото, кои, за жал, сѐ уште се надвиснати над Софија и ги презервираат сегашноста и иднината, во маглата на минатото“?

Две навидум неповрзани вести што доаѓаат од Софија некако фрлаат ново светло на сѐ уште фрагилниот, актуелен политички амбиент во Бугарија. Вестите се однесуваат на порешителни и конкретни чекори кај нашиот источен сосед, во насока на расчистување со крајно десните и радикални структури, кои навидум се малку, но сепак се вкоренети во општеството и имаат свои поддржувачи дури и во политичките партии и поединци во високите институции. Токму тие од скоро преземени зафати за расчистување со споменатите ретроградни феномени во бугарското општество заслужуваат да се проследат со должно внимание, бидејќи низа мои соговорници деновиве оптимистички ми напоменаа со симпатична метафора дека делуваат како во Бугарија да се отворија „нови и посилни демократски и европски ветришта, кои имаат сила да ги оддуваат темните облаци на минатото, кои, за жал, сѐ уште се надвиснати над Софија и ги презервираат сегашноста и иднината, во маглата на минатото“.
Сликовито кажано. Има ли простор за размислување во оваа насока? Имено, во поширок контекст, тоа значи дека соседна Бугарија, во еден процес на политичка ферментација, која се отсликува со неможноста за избирање највисока извршна власт во повеќе обиди и во подолго време, таа (Бугарија) созрева демократски, каде што јасно се профилираат прогресивните европски структури, наспроти ултрадесните, застарени и радикални. Се препознаваат чекорите за расчистување со рецидивите на фашизмот и болшевизмот и во тој контекст се наѕираат и индикатори за реафирмирање на вистинските европски вредности при водење на надворешната политика во регионот и посебно кон Македонија. Токму во последново се крие и посебниот, потесен контекст на ефектите од забележаното „зреење на политиките на Софија“, со посебен осврт на „решителноста, чесноста и храброста за соочување со минатото“ како излегување од заложништвото на погрешните постапки на минатите владејачки структури во бугарската национална историја.
Но да се вратиме на „новите (демократски) ветришта“ во Бугарија, во кои моите соговорници препознаа и „ветришта на промени“. (Постарите во вакви прилики колку за себе ќе кажат „дај Боже!“…)

Имено, првата вест е од изминатиот викенд, а вели дека Бугарија им забрани на неонацистите да маршираат во знак на почит на Христо Луков, водачот на нацистичка колаборационистичка група од времето на Втората светска војна. Како што е познато, маршот Луков беше одржуван од екстремно десничарската бугарска партија национален сојуз – Нова демократија речиси секоја година од 2003 година и тој стана собирна точка за екстремно десничарските движења од целиот континент.
Како што пренесуваат медиумите, нацистичките симпатизери дојдени од цела Европа во последен момент биле блокирани да маршираат по улиците на Софија, а паралелно со тоа се појавила и група контрадемонстранти, кои планирале во исто време да одржат митинг „Нема нацисти на нашите улици“ пред Палатата на правдата во Софија.
Забраната на маршот предизвика реакција од Светскиот еврејски конгрес, кој издаде и соопштение, во кое се вели дека со откажувањето на маршот, „бугарската влада и бугарското граѓанско општество испратија недвосмислена порака дека антисемитизмот, расната омраза и сите други форми на ксенофобија и нетолеранција немаат место во современа Бугарија“. Притоа се укажува дека токму Унијата на бугарските национални легии на Луков беше поддржувач на испраќањето во смрт во Треблинка на повеќе од 10.000 Евреи од Македонија и од Грција.
Втората вест е за повикот на група бугарски научници и интелектуалци во пресрет на 80-годишнината од настаните наречени Спас на бугарските Евреи. Тие повикуваат „комеморацијата на настаните да го напушти каналот на стереотипни и митологизирачки мотиви, на постојаното наддавање во припишувањето на заслугите и на постојаното бегство од одговорноста, размислувањето и неизбришливата темна страна на она што се случи“.

Бугарските научници, водени од научната вистина, универзалните вредности, моралот и етиката, храбро влегуваат во костец со минатото, сегашноста и иднината, идентично како што тоа го направија нивните колеги и високи интелектуалци, но и државници од Германија, соочувајќи се со мрачното минато од сопствената историја, затварајќи го тоа поглавје со извинување (не со ретуширање или ревизија) и исчекорувајќи во новиот демократски свет во овој милениум. Бугарските научници ја повикуваат „бугарската држава јавно, искрено и безусловно да ја признае својата одговорност со нудење извинување за прогонот и депортацијата на Евреите во текот на годините на Втората светска војна“, додавајќи дека „овој морален гест во никој случај не би воспоставил колективна вина на целата воена генерација, а уште помалку на следната. Напротив, тоа би било знак на зрелост и цивилизираност, заслужен подарок кон невините жртви и израз на почит кон оние што всушност придонеле за спасување многу човечки животи“.
Би сакал да додадам дека автори на документот се Румен Аврамов – економист и историчар, Александар Везенков – историчар и вонреден професор, Стефан Дечев – историчар, проф. Лилијана Дејанова – социолог, проф. Стилијан Јотов – филозоф. Нивниот повик веќе го поддржаа уште десетици научници, новинари, активисти за човекови права и јавни личности.
Токму ваквите иницијативи, ставови и (ис)чекори се она што би значело нова страница на сопствената иднина на Бугарија, но и на иднината на регионот и пошироко.
Превезот на очите од дамнешното мрачно минато конечно да падне и во светлината на ваквите настани да се градат новите добрососедски односи на целосно уважување и почитување.