Фото: Маја Јаневска-Илиева

Министерството за образование и наука добило известувања за проблеми во функционирањето на аликацијата Тимс од неколку училишта, но по кратко време вчера учениците се приклучиле на нивните кориснички сметки, велат од МОН за МИА.

– Се користи Тимс-апликацијата која функционира и секој ученик со своето корисничко име и лозинка може да пристапи и да го користи профилот за вклучување во онлајн-настава. Добивме известувања од неколку училишта дека имало прекин во функционирањето, односно користењето на Тимс, но по кратко време учениците се приклучиле со своите кориснички сметки – одговори МОН во врска со поплаките од ученици дека имаат проблеми во користењето на оваа апликација.

Министерството за образование и наука до директорите на училиштата минатата недела испратило допис за итни мерки што треба да ги преземат за непречено реализирање на воспитно-образовниот процес во безбедна и стимулирачка работна средина.

На основните и средните училиштата во општините МОН им даде насоки и начини на користење на електронските адреси, им укажа да ја зајакнат контролата за влез/излез на училиштата и во деновите кога има заканувачка дојава, училиштето да организира учење на далечина (онлајн-настава) наместо целосен прекин (распуштање) на наставата.

Минатата и оваа недела учениците во прва смена од училиштата што добија пораки со закани имаа обврска за еден час да се вклучат од дома на онлајн-настава преку апликацијата Тимс, која беше користена за настава и за време на ковид-пандемијата.

Дојави за поставени бомби пристигнале и утрово на електронските адреси на 18 училишта во Скопје, каде во тек се антитерористички проверки, соопшти МВР.

– Денеска до 8.20 часот во МВР е пријавено дека на електронските адреси на 18 училиште во Скопје е упатена закана за поставена експлозивна направа. Веднаш по добиените пријави, од полициски службеници се преземени мерки за безбедно евакуирање на објектите и во тек се антитерористички проверки и се преземаат мерки за расчистување на случаите – наведуваат од МВР.

Вчера пристигнаа пријави за наводно поставена експлозивна направа во 120 училишта во Скопје, а по направените проверки од страна на МВР беше утврдено дека станува збор за лажни дојави.