Сине, како си?

Целиот Балкан е длабоко потресен од последните настани во Србија, кога најпрво 13-годишник застрела осум свои соученици во ОУ „Владислав Рибникар“ во Белград, а ден подоцна 21-годишник уби уште осум млади луѓе во околината на Младеновац.
Регионот е во целосен шок и неверување како може во рок од само 48 часа да згаснат 16 млади животи, кои имаа свои соништа, свои љубови, желби и многу други планови што никогаш нема да ги остварат. Ранети се уште 20 други луѓе, некои се и натаму во критична состојба, но психички се погодени илјадници деца, кои соочени со ваквите вести почнуваат да се плашат да одат во училиште.
Нема никаква дилема дека двата трагични настана во Србија треба да бидат јасен сигнал за сите земји во регионот, вклучувајќи и за Македонија, дека системот што сите го преземаме во некој дел сериозно потфрла и дека кај некои луѓе остава последици што резултираат со вакви случки со трагични последици.
Затоа првата работа што треба да се направи веднаш и сега е да се активира превентивниот механизам, без никакви одложувања и без изговори дека тоа не се случило кај нас, дека настанот е на 400 километри и дека нам тоа не може да ни се случи.
Вистината е дека секому може да му се случи бидејќи младите растат во глобален свет во кој она што се случува во САД, во ист момент се гледа во Малезија, во Германија, во Хрватска, во Македонија и секаде низ светот, а децата се најподложни на таквите влијанија и ако системот не ги заштити, нема кој друг да го стори тоа. Самите родители едноставно не можат да ги стават децата под стаклено ѕвоно и да ги исклучат од надворешниот свет, оти и тоа носи други негативни последици.
Кога веќе дојдовме кај системот, системот е државата и органите што треба да се грижат за безбедноста на државата и на сите нејзини граѓани. Тука на прво место треба да биде полицијата, која можеби треба да биде повеќе присутна во училиштата, но не како „застрашувач“, туку како едукатор на децата. Ништо лошо нема во тоа ако и полицаецот добие улога да ги подучува децата како безбедно да се однесуваат во сообраќајот, како да избегнуваат петарди, да им гради наратив за лошото влијание на оружјето, на психотропните супстанции, на насилството врз послабите, булингот и слично. Поинаку е кога ќе се воспостави таква пријателска релација меѓу полицијата и децата, релација на доверба и сигурност, кога секое дете што ќе биде малтретирано ќе може да се пожали, наместо да трпи и да собира во себе гнев што утре никој не знае како и каде ќе се манифестира.

Тоа во училиштата, но полицијата може и друго да направи, а тоа е да побара од сите граѓани доброволно да го предадат сето нелегално оружје што го поседуваат, а го поседуваат во огромна бројка, во спротивно енормно да се зголемат казните со цел да се демотивира секакво држење на вакво оружје. Пред повеќе години имаше една акција наречена „Го обравме бостанот“, која имаше цел да се собере сето нелегално оружје. Очигледно малку „лубеници“ се собраа тогаш оти и натаму има неколку стотици илјади парчиња нелегално оружје. Доволно е понекој полицаец да отиде на свадбите, особено во западниот дел на земјата и акцијата да биде повеќе од успешна. Факт е дека има огромно присуство на нелегално автоматско оружје што лежи скриено по таваните (заедно со чизмите), подрумите и каде уште не, а од деца никој ништо не успеал да скрие и порано или подоцна тие ќе го најдат.
Потоа, нема да пречи полицијата да направи контрола и на сите оние што имаат дозвола за држење оружје, да се види каде го чуваат, дали е тоа безбедно, но и да им се направат годишни психијатриски контроли на сопствениците на оружје, оти во меѓувреме никој не знае низ што тие поминуваат, дали се корисници на разни дроги и слично. Во поранешната држава, пред некој да добие дозвола за ловечка пушка, полицијата со месеци истражуваше за тој човек, ги испрашуваше соседите, каков е, дали е лабилен, дали пие, дали се скарал со некого. Не му се даваше секому оружје, дури ниту за лов.
Постојано се зборува за фамозниот Кривичен законик, но се чини кај нас дека прениските казни како да ги мотивираат луѓето да си набавуваат пиштоли под рака и нелегално да ги поседуваат. Тука се потребни сериозни затворски казни и ништо повеќе. Имаш нелегално оружје, одиш во затвор. Толку е едноставно. Оние еден куп разузнавачки агенции што постојат во државава можат повеќе да ги контролираат тие таканаречени „дарк вебови“ оти таму се прават трговии со оружје, таму се набавуваат разни рецепти како да се направат експлозиви и слично.
Втор момент на кој треба да се обрне особено внимание е воспитниот момент, односно воспитувањето на децата. Прва воспитна ќелија е семејството. Тежнеењето кон таканаречените „западни вредности“ направија од луѓето обични машини што од утро до мрак трчаат само по пари, по бизниси, училиштето го подразбираат само како дневен престој за нивните деца, а откако ќе ги земат од училиште, брзаат да ги однесат на тенис, на фудбал, на музичко, на балет и во целата таа бркотница забораваат да им постават само едно обично прашање: Сине, како си?
Секое трето семејство веќе не е семејство, нема повеќе заеднички ручеци, слави, долги разговори меѓу родителите и децата, дружење со роднините, со пријателите… Се купува готова храна, кујните повеќе не мирисаат на чорба и супа, туку на вештачки ароми, се јаде набрзина молчешкум, а потоа секој се задлабочува во телефонот и во својот свет. Така и децата се повлекуваат во некој свој виртуелен свет и молчат. Работат „Фортнајт“, „Ге те а“, „Асасинс крид“, наместо „Робинсон Крусо“, „20.000 милји под морето“, „Рудниците на цар Соломон“… Општеството стана себично, необразовано, а себично и необразовано општество создава себични луѓе што се гледаат само себе, не чувствуваат никаква емпатија, туку газат преку други за да дојдат до подобра позиција и пари. Само парите им се во глава на сите. Е, тоа се тие „западни вредности“.

На сето ова и училиштето целосно ја загуби воспитната улога, односно прецизно кажано повеќе нема никаква воспитна улога. Наставниците со години се жртви на лошите образовни програми, не смеат да стават единица оти веднаш ќе заѕвони телефонот со познатата реченица: „Знаеш ли кој сум јас? Утре ќе леташ од работа!“, родителските совети станаа помоќни од гласот на наставникот, така што нормално е веќе ниту децата да не гледаат никаков авторитет во своите наставници. А кога нема авторитет, нема ниту послушност. Затоа крајно време е да прекинат експериментите во образованието и тоа да си ја врати воспитната компонента. Учителот секогаш бил оној „мудрец“ што луѓето го паметат цел живот, го паметат и кога ќе им подвикнел, кога ќе ги удрел со стапчето, кога ќе ги ставел во ќош оти биле немирни, но и кога бил нивен втор родител, кога знаел да ги сослуша и да ги заштити оние послабите од локалните училишни „џамбази“. Такви секаде и секогаш имаше, но беа посочувани како лош пример, а не како денес, кога се величаат токму тие што прават најмногу бели.
Уште поважно е да се зајакне и улогата на педагозите и психолозите во училиштата, кои треба што повеќе да разговараат со децата за сè и сешто оти преку разговор тие можат да откријат дали некаде има некаков проблем и навреме да алармираат.
Воспитна улога треба да одиграат и медиумите. Постарите генерации добро паметат дека од утро до некаде 15 часот на телевизија одеше исклучиво таканаречена „школска програма“, почнувајќи со „Бранко коцкица“, „Колариќу паниќу“, „Бушава азбука“, „Опстанок“, „Ученичко кино“ и многу други образовни содржини, преку кои на децата им се всадуваа вистински вредности за важноста на заедништвото, другарството, толеранцијата, ненасилството. Сега од утро до полноќ одат турски серии во кои секоја втора реплика гласи „Ќе те убијам“, ѕвечка оружје насекаде, сето тоа дополнето со серии од типот на „Јужни ветар“, „Клан“ каде што криминалците се величаат така што возат убави коли, живеат во раскошни куќи, поседуваат јахти, сето тоа наспроти обичните и чесни луѓе. Кога децата го гледаат тоа од мали нозе, добиваат искривена слика за рецептот за успех. Сфаќаат дека тоа не е образованието, туку криминалот и дека само така може пристојно да се живее, во спротивно ќе бидат губитници. Затоа треба малку да се поработи и на таа компонента, децата да растат со емисии што образоваат.
Крајно време е да се стави прстот на главата и да се подразмисли каде сме тргнале, оти очигледно по патот што сме тргнале нема далеку да стигнеме. Сите израснавме во некои времиња во кои се негуваа вистински традиционални вредности и во кои пиштоли и пушки носеа само полицајците и војниците оти нивна задача беше да се грижат за безбедноста на сите. И беше безбедно. Денес со пиштоли и пушки „фрлаат“ на секоја свадба, „решаваат“ несогласувања во сообраќај, покажуваат дека силата е во нив… Време е како општество да се освестиме, да почнеме да се грижиме едни за други, а не да бидеме само една обична себична маса на која повеќе за ништо не ѝ е грижа.