По свадба тапани!

Неспроведувањето на вкупно 166 пресуди на ЕСЧП е најдрска демонстрација на поткопување на кредибилитетот на судот, така што крајно време е Советот на Европа, наместо изјави во ракавици, да излезе со решителни мерки, со кои ќе ѝ покаже на Бугарија дека таа не е попаметна од сите други земји, кои правата на малцинствата ги усогласиле во согласност со европските конвенции и им овозможиле на сите малцински групи на своја територија соодветни малцински права. Нема да кажам највисоки, бидејќи единствена земја во Европа што дала највисоки малцински права е Македонија

До крајот на овој месец Бугарија треба да ги промени законите и да овозможи малцински права за Македонците, што подразбира слободно право на здружување и слободна употреба и изучување на мајчиниот јазик, како и други малцински права, во спротивно Комитетот на министри би можел да ја исклучи од Советот на Европа (СЕ).
Пристапувајќи во членство во СЕ, Бугарија ја прифатила Европската конвенција за човекови права, со што се обврзала дека ќе ги почитува човековите права на сите национални малцинства, вклучувајќи го и македонското малцинство. Но за официјална Софија очигледно Европската конвенција за човекови права важи исклучиво кога се загрозени правата на бугарското малцинство надвор од Бугарија, додека внатре во земјата таа конвенција едноставно како да не постои.
Со години Македонците во Бугарија се борат за основните малцински права, барајќи да ги остварат своите национални, јазични и културни права, но, за жал, Бугарија одбива да го направи тоа. Одбива да ги регистрира здруженијата преку кои огромен број Македонци што живеат во соседната земја сакаат да ги остварат своите права. Едно од тие нерегистрирани здруженија што со децении им пркосат на бугарските притисоци е ОМО Илинден-Пирин. Во исто време, Софија беше особено гласна давајќи поддршка кога во Македонија се отвораа бугарски здруженија со имиња на докажани соработници на фашистичкиот режим, јасно истакнувајќи дека се бори и ќе продолжи да се бори за правата на Бугарите во Македонија. Каков апсурд, Бугарија се бори за правата на 3.000 Бугари во земјава, а одбива да им даде малцински права на над сто илјади Македонци на бугарска територија, игнорирајќи ги сите препораки што стигнуваат од меѓународните институции.
Неодамна и Парламентарното собрание (ПС) на Советот на Европа усвои два извештаја што се однесуваат на приспособеноста на уставите на земјите-членки со Европската конвенција за човекови права, како и за спроведувањето на пресудите на Европскиот суд за човекови права, чија основа за работа е токму Европската конвенција за човекови права.

Она што беше јасно констатирано, иако повторно со некаква разводенета формулација за да не се навреди премногу Софија, тоа е дека Бугарија не ја почитува Европската конвенција за човекови права, одбивајќи да ги спроведе 16-те пресуди што Македонците ги добија токму против Бугарија пред Европскиот суд за човекови права од Стразбур.
Бугарија е членка на Европската Унија, но и на Обединетите нации, со што јасно се обврзала дека ќе ги почитува меѓународното право и сите конвенции што произлегуваат од него, вклучувајќи ја и онаа за правата на малцинствата. Неспроведувањето на вкупно 166 пресуди на ЕСЧП е најдрска демонстрација на поткопување на кредибилитетот на судот, така што крајно време е Советот на Европа наместо изјави во ракавици, да излезе со решителни мерки, со кои ќе ѝ покаже на Бугарија дека таа не е попаметна од сите други земји, кои правата на малцинствата ги усогласиле во согласност со европските конвенции и им овозможиле на сите малцински групи на своја територија соодветни малцински права. Нема да кажам највисоки права, бидејќи единствена земја во Европа што дала највисоки малцински права е Македонија.
По извештајот на ПС на СЕ, неодамна и новиот македонски министер за правда Кренар Лога се окуражи и испрати писмо до американската амбасада, Делегацијата на Европската Унија, Мисијата на ОБСЕ и Програмската канцеларија на Советот на Европа во земјава, во кое ги информирал за неспроведувањето на пресудите на Европскиот суд за човекови права (ЕСЧП) од страна на Бугарија.
Овој потег е за поздравување, бидејќи покажува како една држава треба да се грижи за сопственото малцинство каде и да се наоѓа, придржувајќи се строго до меѓународното право, бидејќи тоа е и единствениот механизам за борба со посилните и помоќни држави.
Но, од друга страна, сето ова е задоцнето и, што би рекол нашиот народ, „по свадба тапани“.
Зошто е така?
Негирањето на правата на Македонците во Бугарија е неколкудецениски проблем, уште од ерата на поранешниот бугарски комунистички лидер Тодор Живков, кој во своето неколкудецениско владеење успеа да избрише над 150 илјади Македонци во Пиринска Македонија, забранувајќи им да се нарекуваат Македонци, да го говорат својот јазик, да ја негуваат сопствената култура и да имаат право на образование на мајчин јазик.

Ништо не се смени и по падот на живковистичкиот режим во Бугарија, бидејќи односот кон македонското малцинство во оваа соседна земја стана уште поригиден. За сето тоа придонесоа и македонските власти, кои во име на некакво „добрососедство“ се откажаа од грижата за малцинствата во соседните земји и им го оставија тоа на тамошните власти, чиј однос кон Македонците е познат од поодамна и е многу јасен – Македонци никогаш немало и нема да има!
Писмото на министерот Лога (уште ако е испратено преку „Македонска пошта“) секако нема да стигне до крајната адреса, односно до меѓународните институции, туку ќе се изгуби некаде на релацијата Скопје – Брисел, најверојатно во близината на Табановце. Дотука допира нашиот глас, кој очигледно никој не го слуша. Но затоа надалеку се слуша гласот на Бугарија.
Неодамнешната забрана за влез во Македонија на бугарскиот европратеник Ковачев, кој беше придружуван од неколкумина провокатори, силно одекна во Брисел, по што следуваа цели трактати како земјава не смеела да забрани влез на европратеник на нејзина територија, иако оцената на овдешните безбедносни служби беше дека луѓето што биле во негова придружба носат одреден безбедносен ризик. Но кога истите тие бугарски европратеници среде Скопје извикуваа Македонија е бугарска и Македонците не постојат, Брисел молчеше или кратко коментираше дека тоа не е став на ЕП, ЕУ и на другите европски бирократи.

Сега, откако Македонија покажа дека е подготвена да истрпи и најниски понижувања само за да ги реализира стратегиските цели, нема враќање назад. ЕСЧП и натаму ќе бара од Бугарија да ги спроведува пресудите, Софија ќе ги игнорира ваквите барања, но затоа ќе продолжи најдрско да ја блокира земјава во евроинтеграциите со отворени етноцидни политики, негирајќи цел еден народ, неговиот јазик, неговата култура и историја.
Повеќе од јасно е дека Советот на Европа нема да ја исклучи Бугарија, без оглед уште колку пресуди да не спроведува и конвенции за човекови права да не почитува, оти така ѝ се може. Прашањето е што треба да направиме ние?
Она што можеме да го направиме е постојано да инсистираме на меѓународното право и на почитувањето на конвенциите за малцински права. Ако некој се откажал од малцинството, тоа не значи дека конвенциите не важат. Утре можеби Хрватска, можеби Словенија, можеби Чешка и Словачка, па дури и Австрија, ќе прашаат „некаде“ како Бугарија ги почитува малцинските права. Секогаш има начини за борба, но таа борба треба да биде континуирана и добро осмислена, оти кревањето раце значи само едно – пораз. А од порази, доста беше.