Рома на свој терен го совладаа со 1-0 бундеслигашот Баер, додека Јувентус и Севилја одиграа 1-1 во Торино, во првите полуфинални дуели на ЛЕ

ФУДБАЛ – ЛИГА ЕВРОПА, ПОЛУФИНАЛЕ

Фудбалерите на италијанскиот прволигаш Рома пред своите навивачи минимално со 1-0 остварија победа над бундеслигашот Баер Леверкузен, во рамките на првиот натпревар од полуфиналето на Лига Европа (ЛЕ). Единствениот гол го постигна Едоардо Бове во 63-та минута.
На вториот натпревар од полуфиналето на ЛЕ, Јувентус во Торино одигра без победник 1-1 против шпанска Севилја. Гостите поведоа со голот на Јусеф Ен-Несири во 26-та, а израмни Федерико Гати дури во седмата минута на судиското продолжение.
– Натпреварите на ова ниво се израмнети. Севилја е многу искусна и секогаш е тука некаде. Премиерлигашот Манчестер јунајтед најдобро го почувствува тоа, кога водеше со 2-0, потоа се опушти, Севилја не застана, дојде до 2-2, а потоа успеа и да слави со 3-2 – изјави тренерот на Јувентус, Масимилијано Алегри.
Капитенот на Торино, Леонардо Бонучи, по јубилејни 500-ти пат играше во дресот на „старата дама“, но поради повреда беше заменет по еден час минат на теренот. Реванш-дуелите се закажани за седум дена. Г.И.