На дело се покажа она што целиот Балкан, но и целиот слободољубив свет го сонува – неприкосновени човекови права и слободи, владеење на правото, функционален систем во кој поединецот е на прво место. Овој судски случај покажа дека дури и во земјите со стриктно почитување на законите, правилата и прописите, одделни политичари не се воздржуваат да ги злоупотребат механизмите на власта за да постигнат одредени отстапки што може да бидат на штета на луѓето. Но случајот исто така покажа дека и тие политичари, сепак, може да бидат срушени на колена
Целиот свет се крена на нозе за случајот на српскиот тенисер Новак Ѓоковиќ. Од неговите обожаватели, поддржувачи, па до оние што воопшто не се љубители на спортот, речиси сите внимателно следеа што се случува со светскиот рекет број 1 откако не му беше дозволен влез во Мелбурн, каде што треба да учествува на турнирот Австралија опен.
Што точно се случи? Ѓоковиќ тргна за Австралија, за да игра на првиот годинашен гранслем, откако претходно доби официјална дозвола за влез, врз основа на комплетираната сложена документација, дополнително компликувана со ковид-протоколите. Но на аеродромот во Мелбурн не му беше дозволен влез, со образложение дека не поднел целосна документација во врска со медицинското изземање да не прими вакцина против ковид-19. Царината тврдеше дека нашла проблем во визната документација, а по барање државата Викторија да го одобри неговото барање, тие го одбиле, па Новак неколку часа помина на испрашување, за на крајот да се најде во своевиден притвор.
И оттука почна голготата за Ѓоковиќ, кога тој неколку дена беше задржан во хотел претворен во прифатилиште за бегалци и баратели на азил од целиот свет. Таму, во услови на работ на пристојноста, изолиран од преостанатиот свет, тенисерот чмаеше затворен во собата со запечатени прозорци, очекувајќи австралиските власти да се смилуваат и да го пуштат да влезе регуларно во државата за да игра тенис.
Таквиот однос на властите, кои го ставија најдобриот светски тенисер, а за многумина и најдобар спортист воопшто, во прифатилиште за баратели на азил, без да му овозможат да комуницира со своите блиски но и со адвокатскиот тим, ја крена јавноста на нозе. Протести се организираа во Мелбурн, во Белград, па и во други градови, во знак на поддршка за тенискиот ас. Стегите малку попуштија, но тој остана и натаму во изолираната соба.
Многумина тогаш си го поставуваа прашањето зошто толку ригорозни мерки. Не треба да се заборави дека Австралија важи за земја со ригорозни правила за патување и миграција, односно со строга гранична политика. Наедно, таа е една од првите земји што целосно ги затворија границите со појавата на коронавирусот, што, за волја на вистината, успешно го спречи ширењето на пандемијата.
Сепак, сето ова не беше доволно силен аргумент за да се оправда ситуацијата во која Ѓоковиќ се најде пред депортација назад во својата земја. Врвни австралиски правни експерти, но и светски авторитети од оваа сфера беа едногласни во толкувањето дека извршната власт, која најпрво регуларно му издала дозвола за влез на Ѓоковиќ, а со тоа и влезна виза, со одбивањето да го пушти да влезе во земјата слободно, едноставно ги прекршува законите. Иако се појавија толкувања дека во случајов станува збор за судир меѓу властите на државата Викторија и оние во федералната влада во Канбера или, пак, премиерот на Австралија собира предизборни поени, правниците беа едногласни дека во случајот „Ѓоковиќ“ законите се прекршени и дека власта забегала во толкувањето на правото.
Таквиот однос на австралиските власти го поттикна тенисерот да ги преземе сите правни инструменти што му беа на располагање. Како резултат на добро подготвената аргументација и доставените докази, неговиот правен тим извојува победа против аргументите на силата. Во судската постапка, која преку директен телевизиски пренос ја следеше целиот свет, судијата донесе одлука Ѓоковиќ да биде ослободен од имиграцискиот притвор, оценувајќи дека одлуката на Владата да му ја одземе визата за влез во земјата е „неразумна“.
Судијата Ентони Кели нареди Новак Ѓоковиќ да биде ослободен во рок од 30 минути и да му бидат вратени пасошот и другите исправи, со што повторно се отвори шансата на светскиот рекет број еден да ја освои рекордната 21. гранслем-титула на претстојниот Австралија опен.
Со тоа заврши една непријатна епизода за најдобриот светски тенисер, кој и натаму останува во неизвесност како ќе заврши целата оваа сага со неговиот настап во Мелбурн. Она што има посебно значење за нас, но и за целиот свет, се поуките од судскиот процес со кој му беше одобрен влезот во Австралија на Ѓоковиќ.
На дело се покажа она што целиот Балкан, но и целиот слободољубив свет го сонува – неприкосновени човекови права и слободи, владеење на правото, функционален систем во кој поединецот е на прво место. Овој судски случај покажа дека дури и во земјите со стриктно почитување на законите, правилата и прописите, одделни политичари не се воздржуваат да ги злоупотребат механизмите на власта за да постигнат одредени отстапки што може да бидат на штета на луѓето. Но случајот исто така покажа дека и тие политичари, сепак, може да бидат срушени на колена.
Во Мелбурн се покажа дека поединецот е над сѐ, дека човековите права и слободи не само што се неприкосновени туку и никој не смее да ги прекршува. Се покажа дека владеењето на правото и судскиот систем се во служба на човекот и неговите слободи и права. Токму слободите и правата што еден човек ги ужива во едно општество и колку ги ужива говорат за карактерот на тоа општество.
Истовремено тие се најјасниот показател за карактерот на власта. Колку се понапредни човековите слободи и права, толку повеќе се стеснува можноста на власта за нивна злоупотреба.
И сосема за крај, голготата за Ѓоковиќ не е готова, односно, и покрај тоа што му беше дозволено да влезе и со тоа да учествува на турнирот, останува отворена можноста министерот за имиграција повторно да му ја одземе визата на Ѓоковиќ. Доколку тој чекор сепак биде преземен, на Ѓоковиќ ќе му биде забранет влез во земјата на три години. Новак ја доби битката, но не и војната. Останува да видиме дали демократијата докрај ќе биде во служба на човековите права и слободи, или ќе потклекне под ситната и евтина политика за придобивање симпатии од евентуалните гласачи.