Нова централа отворај, но не затворај ја РЕК „Битола“!

Доколку се проанализираат сегашните состојби во кои се наоѓа Македонија во енергетскиот сектор, забрзувањето на зелената агенда, која би подразбирала и целосно откажување од користењето јаглен во домашните термоцентрали, би претставувало и сериозен ризик од нарушување на оваа каква-таква енергетска стабилност на земјата. Како што е познато, во минатото, околу седумдесетина проценти од потребите за електрична енергија се добиваа од домашните производствени капацитети за струја, кои користат јаглен. Со супституција на овој енергент во домашните термоцентрали и нивно преориентирање кон увоз на природен гас, македонските фирми и граѓани целосно ќе бидат препуштени на суровите пазарни односи

Многу милијарди евра (европски) пари „протекоа“ изминатите месеци низ дебатите на многубројните политички и бизнис-форуми, кои се однесуваат на земјите од Западен Балкан. Од пред пет месеци, од претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лејен, пристигна најавата за ефектуирање на финансискиот план за реформи и раст на земјите од регионот, кој би бил поддржан со шест милијарди евра. Најновата најава за нова финансиска помош се однесува на тоа дека Mакедонија ќе биде вклучена во планот за финансиска помош од четири милијарди евра за енергетска транзиција од јаглен кон обновливи извори на енергија. Финансискиот подарок на прв поглед изгледа привлечен за ушите на македонскиот граѓанин, кој е навикнат да слуша за „милијардите евра“ уште од времето на Васил Тупурковски, а во меѓувреме дополнувани со ветувања за меѓународна и, секако, европска финансиска помош преку грантови или одобрување кредити под поволни банкарски услови! Но ако се „прочепка“ малку повеќе во тоа што предвидува меѓународниот план за енергетска транзиција на Македонија, ќе дознаеме дека нашата земја ќе мора да направи сериозни исчекори во сопствената енергетска стратегија, кои доколку би се остварувале избрзано и без претходна сериозна анализа може да се одразат катастрофално на нашиот национален економски суверенитет во производството на електрична енергија. Суштината на планот за енергетска транзиција се однесува на група земји и е прашање колку Македонија ќе извлече од овој финансискиот колач. Конкретно, условот за нашата земја е затворање на двете електроцентрали на јаглен во земјата, во Битола и во Осломеј, и нивна замена со 1,7 гигават обновлива енергија. Двете „обновливи“ електроцентрали ќе имаат инсталирана моќност од околу 800 мегавати.

Доколку се проанализираат сегашните состојби во кои се наоѓа Македонија во енергетскиот сектор, забрзувањето на зелената агенда, која би подразбирала и целосно откажување од користењето јаглен во домашните термоцентрали, би претставувало и сериозен ризик за нарушување на оваа каква-таква енергетска стабилност на земјата. Како што е познато, околу седумдесетина проценти од сегашните потреби за електрична енергија се добиваат од домашните производствени капацитети за струја, кои користат јаглен. Со супституција на овој енергент во домашните термоцентрали и нивно преориентирање кон увоз на природен гас, македонските фирми и граѓани целосно ќе бидат препуштени на суровите пазарни односи, каде што условите за продажба и транзит на природниот гас зависат од геополитичките односи на големите светски сили. Македонија, и покрај напорите да воспостави алтернативни коридори за снабдување со гас, претставува „гасоводно“ слепо црево, поради што плаќа и превисока пазарна цена. Во овој момент, Македонија сѐ уште не може да ги почувствува придобивките од тоа што минатата година и официјално стана дел од проектот за изградба на терминал за течен природен гас и гасна централа во Александропули, со што се очекуваше и стабилно и континуирано снабдување со овој еколошки енергент во земјава. Наместо тоа, нашата земја е изложена на нова енергетска блокада од Бугарија, која самоволно и без економска логика наметна дополнителен данок за транзит на гасот низ „Бугарски тек“.
Според мислењата на домашните енергетичари, Македонија мошне лесно влегува во „приказната“ за откажување од користењето јаглен, во период кога во многу земји од нашиот регион, но и во Европа и светот, економски развој и раст се потпираат на енергијата произведена од „црниот“ енергент. Процесот на враќањето на централите на јаглен за посиромашните, но и за некои земји од Европската Унија, беше поизразен за време на економската криза, која беше предизвикана и со нарушувањето на снабдувањето со руски гас, поради војната во Украина. Притоа, не треба да се занемари и фактот дека производството на струја од обновливи извори на енергија има ограничени можности, поради променливиот карактер и зависи од природните услови (сонце и ветар). Затоа е потребно да постојат доволен број хидроцентрали, со чие производство би се вршело балансирање на дневните потреби за струја. Засега, во најава е хидроенергија што би се добивала од „Чебрен“, но овој капацитет ќе се гради најмалку десет години, што само ја наметнува потребата од задржување на јагленот како главен и посигурен извор на електрична енергија за домашните компании и граѓани.

Потребна е највисока внимателност од креаторите на енергетските стратегии на земјата, кои не треба да подлегнуваат на моменталната успешност во проширувањето на обновливите извори на енергија. И многу побогати земји од Европската Унија не тргнаа во овој процес за една или две години. Добро е да се потсети дека зелената транзиција во ЕУ беше поддржана од силни финансиски фондови, кои Македонија реално ги нема и ќе биде принудена да зависи од волјата на меѓународните кредитори. Тоа што е сосема неизвесно е колкав дел од ветените четири милијарди ќе може да бидат наменети за полесно пребродување на „дупките“ во енергетскиот годишен биланс со преминување кон струја добиена од ветер и сонце

Во секоја од поразвиените земји, а особено за помалку развиените економии, темпото за спроведување на енергетската транзиција, претставува(ше) и национално прашање, од кое зависи и безбедноста и економската независност на одредена земја. Од секој погрешен и, пред сѐ, избрзан потег ќе зависи и крајната цена што нашата земја ќе ја плати поради затворањето на термоцентралите во Битола и во Осломеј. Потребна е највисока внимателност од креаторите на енергетските стратегии на земјата, кои не треба да подлегнуваат на моменталната успешност во проширувањето на обновливите извори на енергија. И многу побогати земји од Европската Унија не тргнаа во овој процес за една или две години. Добро е да се потсети дека зелената транзиција во ЕУ беше поддржана од силни финансиски фондови, кои Македонија реално ги нема и ќе биде принудена да зависи од волјата на меѓународните кредитори. Тоа што е сосема неизвесно е колкав дел од ветените четири милијарди ќе може да бидат наменети за полесно пребродување на „дупките“ во енергетскиот годишен биланс со преминување кон струја добиена од ветер и сонце. Повеќето развиени европски земји ја направија оваа транзиција благодарение на другите поиздашни извори на струја, како што се нуклеарните и гасните централи, и секако на големиот хидроенергетски потенцијал што го поседуваат. Затворањето на термоцентралите на јаглен ќе значи и целосна зависност на Македонија од увозна енергија, која ќе се одрази и со поскапа производна цена за домашните компании. Затоа, при примената на зелената транзиција треба да се раководиме од народната мудрост „нов бунар копај, но не плукај на стариот“. Тоа би значело да се продолжи со истражувањето и со експлоатацијата на природните резерви на јаглен во Македонија во наредниот дводецениски период на зелена транзиција, практика што ја користеа многу понапредни индустриски земји пред нас.