Фото: Архива

Предупредувањата на енергетичарите се дека Македонија не може да си дозволи брзо да се откаже од користењето јаглен за производство на електрична енергија, ако се има предвид високата зависност од увоз на енергија, која се одрази неповолно на економските активности за време на претходните кризи. По нарушувањето на пазарите по војната во Украина, енергентите станаа понедостапни и поскапи, а многу земји во Европа ги ревидираа своите првични планови за брзи транзиции кон зелена енергија

По најавите дека Македонија ќе биде вклучена во меѓународната финансиска помош за енергетска транзиција

Македонија ќе биде вклучена во планот за финансиска помош од четири милијарди евра за енергетска зелена транзиција од јаглен кон обновливи извори на енергија. Овој енергетски план е поддржан од меѓународните финансиски институции, меѓу кои и Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) и Светската банка, а се очекува да биде објавен на климатскиот самит КОП28 во Дубаи, кој почнува на 30 ноември. Помошта се однесува на група земји, а за Македонија се предвидува затворање на двете електроцентрали на јаглен во земјата, во Битола и во Осломеј, и нивна замена со 1,7 гигават обновлива енергија. Двете нови „зелени“ електроцентрали ќе имаат инсталирана моќност од околу 800 мегавати. Портпаролот на Климатскиот инвестициски фонд (ИЦФ) на Светската банка потврди дека Македонија би можела да добие средства во износ од 85 милиони долари, но инвестицискиот план, вклучувајќи ја конкретната сума на пари, ќе треба да го одобри управното тело на ИЦФ кон почетокот на следната година.

Претседателот на ЕБОР, Одил Рено-Басо: Јагленот претставува многу голема и многу важна ставка за Македонија

– Јагленот претставува 40 отсто од изворот на енергија во Македонија, што е многу голема и многу важна ставка. Ова е еден пример што би сакале да го прикажеме на климатскиот самит КОП28 во Дубаи, да го претставиме овој пристап и што може да даде, како и посветеноста на земјата – изјавил претседателот на ЕБОР, Одил Рено-Басо за „Ројтерс“.
Наречен „Инвестициска програма за енергетска транзиција“, планот следи слични примери за затворање електроцентрали на јаглен во Јужна Африка, Индонезија, Виетнам и во Сенегал, со поддршка од кредитори, влади и приватни инвеститори. Македонија во 2021 година се приклучи кон „Пауеринг паст коал алијанс“, на групата земји посветени на постепено укинување на енергијата на јаглен. Откако првично беше предвидено тоа да биде завршено до 2027 година, рокот беше одложен до 2030 година. Но во 2021 година повторно беше активирана електроцентралата на јаглен РЕК „Осломеј“ за да се намали увозот на електрична енергија. РЕК „Битола“ и РЕК „Осломеј“ заедно обезбедуваат 79 отсто од вкупното дневно производство на електрична енергија.

Поблиската иднина на енергетиката во Македонија е во веќе утврдените и потенцијални резерви на јаглен!

Предупредувањата на енергетичарите се дека Македонија не може да си дозволи брзо да се откаже од користењето јаглен за производство на електрична енергија, ако се има предвид високата зависност од увоз на енергија, која се одрази неповолно на економските активности за време на претходните кризи. По нарушувањето на пазарите по војната во Украина, енергентите станаа понедостапни и поскапи, а многу земји во Европа ги ревидираа првичните планови да се затворат централите на јаглен.
Поблиската иднина на енергетиката во Македонија е во веќе утврдените и потенцијални резерви на јаглен. Но проблемот, како што посочуваат енергетичарите и геолозите, е што досегашните влади недоволно вложувале во искористувањето на новите ископи на јаглен, иако тоа било посочувано во изборните програми на сите политички партии во земјата. Од вкупно утврдените 664 милиони тони геолошки резерви на јаглен во Македонија, се проценува дека 38 отсто можат да се експлоатираат со површинско откопување, а остатокот со јамско-подземна технологија.

Димитров: Со проектот да се замени јагленот со 1,7 гигават обновлива енергија нема да се задоволат македонските потреби за струја

Според претседателот на Центарот за енергетска ефикасност на Македонија, професор Константин Димитров, со проектот на Европа за финансиска помош за енергетска зелена транзиција и планот да се замени јагленот со 1,7 гигават обновлива енергија, нема да се задоволат македонските потреби за струја.
– Македонија има потреба од 7.500 гигават-часа годишно. Со користењето јаглен, секој блок во РЕК „Битола“ треба да прави од 1.200 до 1.300 гигавати годишно. Во трите блока треба да се прават од шест илјади до 6.500 гивават-часа годишно. Остатокот до 30 проценти треба да дојде од хидро и од обновливи извори. Ако со планот се планира производство од обновлива енергија на 1.700 гигават-часа, тоа е само околу 20 проценти од вкупната годишна потрошувачка на енергија, што значи дека нема да го реши проблемот со снабдување со енергија – вели Димитров.
Според неговото објаснување, на Македонија ѝ треба енергетски капацитет што ќе работи и ноќе и дење и во лето и во зима. Но обновливите извори произведуваат струја кога има сонце и кога дува ветер. Единствено нова инвестиција за хидроенергија е „Чебрен“, но тој ќе се гради десет години, а енергетското значење е занемарливо, затоа што тој е водостопански објект, тој обезбедува вода за напојување на Пелагонија.

Македонија е прва земја на Западен Балкан што наведе конкретни датуми за напуштање на јагленот и затворање на термоцентралите

Со усвојувањето на Енергетската стратегија во февруари 2020 година, Македонија стана прва земја на Западен Балкан што наведе конкретни датуми за напуштање на јагленот и затворање на термоцентралите. Со усвојувањето и на другите стратегиски политики, тоа во даденото оптимистичко сценарио треба да се случи пред 2030 година. Според стратегијата за развој на енергетиката, во следните 20 години треба да се поттикне значително зголемување на уделот на обновливите извори на енергија во бруто-потрошувачката на финалната енергија, односно од 35 до 45 отсто, според поставените цели.
Во согласност со Стратегија за долгорочно снабдување на РЕК „Битола“ со јаглен за периодот 2016-2046, изработена во 2017 година, произлегува дека од технолошко-технички аспект, државата има можност да ги искористува резервите од јаглен до нивното исцрпување, што според сегашното ниво на расположливи податоци и врз основа на стратегиските определби од актуелните стратегии на ЕСМ, се посочува на периодот до и по 2050 година, изјави Васко Ковачевски, поранешниот генерален директор на АД ЕСМ, на прашањето колкави се резервите на јаглен и до кога би можел РЕК „Битола“ да работи на домашниот јаглен.

Завршни активности околу почнување на експлоатацијата на новиот рударски капацитет за јаглен во РЕК Битола – „Живојно“

Во врска со новиот рудник за јаглен во РЕК „Битола“, „Живојно“, во тек се завршни активности околу документацијата и се прават технолошки активности и последни подготовки за почнување на експлоатацијата на овој нов рударски капацитет. Намерата е да се ископува јагленот од наоѓалиштето Живојно во наредните 14 години на површински коп за снабдување на електроцентралата во Битола, а пресметките на ЕСМ покажуваат дека се очекува оттаму да се извадат 23,6 милиони тони јаглен.
Намерата за отворање нов рудник во Пелагонија доаѓа во време на намалени резерви на јаглен во рудниците „Суводол“ и „Брод-Гнеотино“ од каде што се копа јаглен за РЕК „Битола“, но истовремено и кога државата усвои голем број стратегии и меѓународни документи за декарбонизација на енергетскиот сектор. Министерката за животна средина и просторно планирање Каја Шукова, неодамна во интервју за Радио Слободна Европа изјави дека плановите за отворање на новиот рудник во наоѓалиштето Живојно дошле поради енергетската криза, која државата ја чинело многу пари за увоз на струја и за набавка на јаглен од Косово за потребите на РЕК „Битола“ и другите термоцентрали во државата. Според Шукова, опцијата за отворање на рудникот сѐ уште стои, но посочува дека државата паралелно е насочена и кон производство на струја од обновливи извори на енергија! М.Ј.