(Не)валидноста на личните документи го компромитира легитимитетот на изборите

Мандатот на актуелната преодна влада, која функционира според т.н. пржински модел, е пред сѐ да создаде услови за организирање мирни, фер и демократски избори. Ускратувањето на правото на глас на колку било граѓани, поради немање валидни документи, чие издавање е во надлежност на државата, секако не оди во прилог на доверба во капацитетите на преодната влада да ја изврши основната задача на својот мандат – организирање легитимни избори!

Се чини дека мандатот на третата преодна (техничка) влада, но и на актуелниот пратенички состав во Собранието на Македонија во своите последни денови имаат големи шанси да останат „трајно забележани“ во колективната меморија на македонските граѓани по недоумиците и хаосот што го продуцираат со важноста и издавањето на личните документи. Иако за обврските за замена на личните документи на сите граѓани на Македонија се знаеше (но и манипулираше) од првиот момент на објавувањето на Преспанскиот договор со Грција, пред шест години, некако испадна „згодно“ за оние што ја презедоа обврската за негово спроведување – со реалното административно соочување на граѓаните со последиците од овој договор, да се справува преодната предизборна влада. Најмногу, Министерството за внатрешни работи, кое, според пржинскиот договор, во техничкиот мандат на Владата го презеде министер предложен од најголемата опозициска партија.
Оставајќи ги настрана политичките заплети и интриги во неколкумесечната афера со престанокот и продолжувањето на важноста на некои од личните документи (личните карти и возачките дозволи, но не и на пасошите издадени од Република Македонија) и недостиг од обрасци за издавање нови, главната фрустрација од таквата административна неодговорност на надлежните служби се истури врз граѓаните по повеќе основи. Најпрвин го „јадеа стравот“ дека со личните карти без географската одредница во името на „издавачот“, Република Македонија, нема да можат да си ги остварат своите права и потреби поврзани со финансиското функционирање преку банкарскиот систем. Потоа, во последен момент се откри дека возењето со важечка возачка дозвола според рокот на важност, но со „неажурирано“ име на државата, би било на сопствен ризик од казнување и плаќање штета при евентуална сообраќајна незгода… Таквите „стравови“ на граѓаните, сепак, беа интервентно решени со законски измени (иако во „12 и 5“) со кои се продолжи нивната важност до крајот на годинава. Но за продолжување на важноста за пасошите насловени на корицата со Република Македонија, пратениците во Собранието со потребно мнозинство изразија „доследно придржување до меѓународните договори“, наспроти фактот што со тоа им го загрозија основното човеково право за слобода на движење на значителен дел од македонските граѓани. Посредно е загрозена и егзистенцијата, односно договорите за работа на македонските граѓани што работат во странство и својот престој го регулираат со македонскиот пасош. Официјален Брисел на земјите членки на ЕУ им го остави правото за „слободна процена“ дали ќе го прифатат за важечки стариот македонскиот пасош, доведувајќи го во своевиден парадокс меѓународното право – странски држави да го признаваат македонскиот пасош, а државата што го издала (Македонија) да не си го признава документот што го издала.

Но, сепак, тука не завршуваат заплетите и импликациите со потребата од продолжување на важноста на „старите“, но важечки пасоши според датумот на важност забележан во нив. Во овој предизборен период „навремено“ е забележан пропустот дека на 100.000 граѓани може да им биде ускратено правото на гласање. Имено, 100.000 граѓани што имаат над 18 години, кои се жители на Македонија, немаат лични карти, но имаат пасоши со рок, но со старо име на државата. Голем број од нив се граѓани што во овие речиси два месеца до изборите стануваат полнолетни и се стекнуваат со право на глас, но немаат сѐ уште извадено лична карта, а немаат ни реална можност да го направат тоа поради техничките проблеми на службите за издавање лични документи. Актуелниот министер за внатрешни работи Тошкоски, пред Владата изнел предлог дека овој очекуван проблем може да се надмине (повторно) со продолжување на важноста на пасошите издадени од Република Македонија. Сличен предлог има и од Државната изборна комисија, кој веќе е доставен до Собранието. Имено, ДИК до Собранието достави предлог, во кој како решение се наведува во Изборниот законик да се направи измена, во која ќе има преодна одредба само за овие избори – да бидат валидни и старите важечки документи за да можат да гласаат сите граѓани. Дали тоа ќе се усвои или не, зависи од Собранието, но според законските одредби, сега може да се гласа само за валидни документи, а меѓу нив не се вклучени пасошите со старото уставно име.

Бројката од 100.000 граѓани на кои им е загрозено правото на глас, од „технички причини“ на неможност да се стекнат со валидни документи за учество на избори, предизвикува веќе сомнежи за скриени политички намери во „аферата“ со личните документи, која и понатаму трае. А таквите сомнежи веќе ја компромитираат и легитимноста на претстојните избори.
Мандатот на актуелната преодна влада, која функционира според т.н. пржински модел, е пред сѐ да создаде услови за организирање мирни, фер и демократски избори. Ускратувањето на правото на глас на колку било граѓани, поради немање валидни документи, чие издавање е во надлежност на државата, секако не оди во прилог на доверба во капацитетите на преодната влада да ја изврши основната задача на својот мандат – организирање легитимни избори!