Со цел да ги продолжиме нашата мисија и општествено одговорна работа, а со оглед на тоа што нашите анализи го разбудија граѓанскиот интерес, па добивме многу позитивни реакции за обработените теми, нашата екипа ќе продолжи со анализите на сообраќајните теми во интерес на граѓаните и нивната сообраќајна безбедност. Секако дека очекуваме и ќе преземеме иницијатива за проширување на ваквите акции, бидејќи се од витална важност за креирање безбедни сообраќајници, безбедни
возачи и патници
Изминатите неколку месеци „Нова Македонија“ како општествено одговорен медиум, на кој граѓанскиот интерес му е приоритет, формираше истражувачка група што работеше на подигање на безбедноста на сообраќајот на патиштата, не само во Скопје туку на територија на целата држава и преку серија текстови посветени на сообраќајни теми се обиде да влијае не само на сообраќајната култура туку и на сообраќајната свест.
Па така, ги анализиравме боите на возилата и дали и колку тие влијаат на безбедноста при учествувањето во сообраќајот, обрнавме внимание и на дефанзивното возење како еден од начините со кои најдобро може да се зголеми безбедноста во сообраќајот, ги објаснивме законските обврски и корисноста од користењето трепкачи, образложивме зошто е штетно да се вози со слаб вид, колку маглата е опасна за сообраќајот, колку е важен појасот и зошто треба да го користиме не само за нас туку и за сопатниците, колку е важна едукацијата на возачите при возење на кружни текови и зошто е од круцијална важност носењето зимска опрема.
Се обидовме да дадеме коректни совети за безбедно возење во есенски услови и да им посочиме на возачите зошто е важно да бидат екстремно внимателни кога возат на лизгав терен и паднати лисја, а исто така се осврнавме и на постарите возачи и зошто е важно да бидат внимателни кога седнуваат зад воланот.
Се осврнавме и на староста на автомобилите како еден од најголемите ризик-фактори за возачите, а посветивме внимание и на важноста од имањето резервна гума во возилото и зошто е важно возачите да знаат да ја менуваат.
Исто така посветивме внимание и на естетскиот декор на возилата, како затемнети стакла, колку се тие безбедни и како се регулирани во законот, а во летниот период им посветивме внимание на причините поради кои може да се случи опожарување на возилото, како најбезбедно патниците да се евакуираат, а ја потенциравме и важноста зошто е важно да се вози одморен.
Нашата екипа во изминатиот период успешно таргетираше проблеми со кои возачите се соочуваат, со непрописно паркираните возила, кои претставуваат опасност за учесниците во сообраќајот, па на тој начин и успешно успеваме да допреме до институциите, кои по нашите анализи, ги решаваат.
Со цел да ја продолжиме нашата мисија, а и со оглед на тоа што нашите анализи го разбудија граѓанскиот интерес, па добивме многу позитивни реакции за обработените теми, нашата екипа ќе продолжи со анализите на сообраќајните теми во интерес на граѓаните и нивната сообраќајна безбедност.
Секако дека очекуваме и ќе преземеме иницијатива за проширување на ваквите подвизи, бидејќи се од витална важност за креирање безбедни сообраќајници и безбедни возачи и патници.
Во иднина ќе го прошириме фронтот и ќе се стремиме да им станеме партнер на граѓаните и на институциите, бидејќи сообраќајната безбедност не само што е во интерес на граѓаните туку е во интерес на целата држава.
Факт е дека треба многу да се работи на едукацијата на возачите, треба да се обрне посебно внимание на возењето како вештина, бидејќи само на тој начин, со заеднички сили, ќе успееме да го намалиме црниот биланс што доаѓа од патиштата во земјава.
Нашиот медиум секогаш се води од граѓанскиот интерес, од она што е важно не само за безбедноста на сообраќајот на патиштата туку и воопшто. „Нова Македонија“ останува да им биде партнер на граѓаните и на институциите и, како нивни очи, уши и застапници, секогаш ќе работиме во интерес на најважното – безбедноста и сигурното учество во сообраќајот.