Македонско наследство што обврзува и опоменува!

Во Европа не се оди со празни куфери, а нашите се расфрлени, скриени, ограбени, но барем она малку што ни останало, да успееме со гордост да им го покажеме на сите

Родната куќа на познатиот македонски писател Стале Попов во селото Мелница, Мариово, се распаѓа и наскоро нема да остане ни камен од неа, и тоа во годината кога се слави 120 години од неговото раѓање. Необјавени документи на Живко Чинго фрлени на буниште, заедно со вредни лични предмети. Над 8.000 изворни народни песни од Македонија и од Балканот, забележани од раката на Васил Хаџиманов, познатиот македонски етномузиколог, композитор и мелограф, никако да ја здогледаат светлината на денот… Ова навистина звучи парадоксално во миговите кога соседните земји на сите ѕвона оспоруваат сѐ што е македонско.

И најлошо од сѐ е што никому не му е грижа за тоа што самите се обезличуваме, ги бришеме корените, минатото, а со тоа и сегашноста и иднината.

По укажувањето на социјалните мрежи од страна на потписникот на овие редови за состојбата на родната куќа на Стале Попов, пост фестум реагираа од Друштвото на писателите на Македонија дека ќе се иницира акција за враќање на нејзината автентичност. Секако, тоа е добар потег и да се надеваме дека ќе се реализира, но нели требаше ДПМ, локалната самоуправа, државата… да го иницираат тоа. Најавена е и изградба на музеј на македонските писатели, за да не се случи, пак случајно, фрлени во ѓубре, да се пронајдат ретки предмети и записи на Живко Чинго, еден од основачите на современата македонска литература.

До кога само повремено некој ќе се сеќава да направи нешто повеќе за некој наш значаен културен деец, заслужен за она што сме денес, заслуга заборавена и омаловажена? Зошто за работите од национален интерес не се грижат институциите задолжени за тоа?

„Вера, ќе дојде време кога ќе дојдат некои нови млади учени луѓе што ќе знаат да го ценат ова што јас го работев и ќе ги побараат собраните песни“, ѝ велел Васил Хаџиманов на својата сопруга, разочаран од незаинтересираноста за неговиот долгогодишен труд. Тој целиот свој живот макотрпно собирал македонски народни песни, ги снимал, а потоа ги нотирал. Кога сакал целиот свој опус да ѝ го предаде на Македонската академија на науките и уметностите, чекал долго некој да се сети дека станува збор за значајна оставнина, која ги потврдува македонскиот идентитет, самобитност и посебност. За жал, не дочекал. Дури по неговата смрт, син му Зафир Хаџиманов го средил целиот собран материјал и сфатил на што согорел животот на татко му и каква мисија самиот си задал, да го собира и зачува од заборав народното творештво. Кога го видел тој огромен број на песни, над 8. 000, сите магнетофонски ленти, нотните записи што макотрпно со часови ги симнувал од лентите за да ги зачува како исклучително важно културно наследство, станал свесен на што тој го потрошил својот живот. Откако го средил и сортирал целиот материјал, ѝ го понудил на Македонската академија на науките и уметностите да го откупи, но тоа се случи по цели 18 години. За жал, досега, од над 8.000 запишани песни од раката на Васил Хаџиманов, снимени се само педесетина.

„Имаме илјадници песни во архивите на МАНУ, запишани од мојот татко Васил, и наместо да им ги покажеме на светот и на соседите што не нѐ признаваат и со нив да ги удриме по глава, ние молчиме“, велеше Зафир разочарано во последното интервју што го даде за нашиот весник.

Внукот на Васил Хаџиманов, кој со гордост го носи неговото име и е познат светски џез-музичар, неодамна апелираше да се објави оставнината на неговиот дедо, што, несомнено, ќе претставува битен доказ за македонската самобитност, но и за нашето културно издигање.

Македонскиот фолклор е македонско духовно богатство од звуци, тонови, музички колорит, но пред сѐ богатство од емоции со кои изобилува македонската народна песна, која никого не го остава рамнодушен. Врвни светски познавачи на фолклорот се поклонуваат пред оваа големина, а ние? Постојано се повторува иста приказна, немаме доволно почит кон нашето културно наследство и полека се губи националната стратегија за негово изучување и негување. Забораваме дека традицијата и фолклорот се едни од најважните фундаменти за зачувување на идентитетот и посебноста на еден народ.

Според Стефче Стојковски, наш познат инструменталист на народни инструменти, „народната музика е симбол на нашиот ентитет. Таа е наша традиција што нѐ одржала со векови, симбол на македонскиот културен идентитет“, а композиторот и инструменталист Никола Мицевски вели дека „сите околу нас сакаат да грабнат од нашата традиција, а само ние не сакаме да сме тоа што сме“.

За катадневното осиромашување на нашето културно наследство сведочат и честите кражби на артефакти од македонските цркви, манастири, археолошки наоѓалишта… Некои од најстарите манастири во земјава поради негрижа на институциите беа и опожарени, а нивната реставрација трае со години. Значајни цркви од 15 и 16 век, па и постари, пропаѓаат поради негрижа, а во некои случаи поединци со доброволен приход или донации придонесуваат тие да не бидат сосема уништени.

Крајно време е државните институции задолжени за културното наследство да почнат да се занимаваат со она за што се основани, како што се прави тоа во околните држави, бидејќи од Европа сме многу далеку на тој план.

Нашето богато културно наследство сѐ погласно опоменува! Доколку продолжи овој негативен тренд на бришење на нашиот идентитет, наскоро сето она што е зачувано со векови и она зафрлено во фундусите на разни установи, неповратно ќе се уништи.
Очигледно, на многумина им одговара овој македонски порив за самоуништување, но да се надеваме дека ќе преовладее свеста и ќе успееме да им го вратиме дигнитетот на македонските творци и неимари со зачувувањето на сето она на кое тие го посветиле целиот свој живот.

Во Европа не се оди со празни куфери, а нашите се расфрлени, скриени, ограбени, но барем она малку што ни останало, да успееме со гордост да им го покажеме на сите, заедно со кандилцето чиј пламен сѐ уште ни покажува дека колку и да ни одзема некој, ние сепак имаме, и тоа како, со што да се гордееме.