Четиригодишнината од Преспанскиот договор: Што понатаму?

Стефан
Петрушев

За разлика од Западна Европа, каде што поимот нација најчесто се третира исклучиво политички и се поврзува само со државата, во Источна Европа поимот нација се однесува на народната заедница чии припадници ги врзува заеднички етницитет

Анте Поповски во една пригода за името ќе запише: „Македонското име е едно од најгордите, најголемите, најхрабрите, но и најстрадалнички имиња низ историјата.“ Тоа е име на народ што себеси се идентификувал со почвата на која се раѓал и умирал. Проучувањето на корените на името Македонци е мошне старо и длабоко.
Името претставува штит од исчезнување на родот вековен, втиснато во печатот на историјата, кое се пренесувало од една на друга генерација, кое во одредени моменти исчезнувало и повторно како феникс од пепелта се воздигнувало.

Во науката, пристапот до името на една етничка заедница има различни значења. За разлика од нацијата, која се смета за модерен продукт на модернизацијата од XVIII век, племињата и народите се етнички заедници што ги обединуваат сличниот јазик, обичаите и историските процеси. За појавата на нациите и национализмите, Ентони Д. Смит, британски историски социолог, преиспитува дел од постулатите на модернистичкото стојалиште.

На тој начин, тој развива нов приод кон овие општествени феномени, познат како етносимболизам, за кого традициите, културата, заедничките сеќавања и историскиот континуитет имаат централна улога при формирањето на етниите, а оттука и на нациите. Според него, нациите и национализмите се творба на традициите што постоеле претходно и што сраснале меѓусебно во текот на вековите, па, така, модерните политички национализми не можат да бидат разбрани без да се земат предвид оние рани етнички врски и сеќавања.

Па, така, во контекст на тоа, вели: „Јас не сакам да тврдам дека секоја модерна нација мора да биде заснована врз некоја претходна етничка врска, ниту, пак, врз постоење на некоја оформена етничка заедница. Но, сепак, многу такви нации биле и сè уште се базирани на таквите врски, вклучувајќи ги и првите нации формирани на Запад – Франција, Англија, Кастилја, Холандија, Шведска – а токму тие им служеле на другите народи како модели и биле пионери на идејата за нацијата.“

За разлика од Западна Европа, каде што поимот нација најчесто се третира исклучиво политички и се поврзува само со државата, во Источна Европа поимот нација се однесува на народната заедница чии припадници ги врзува заеднички етницитет.
Македонската нација е резултат на многувековни историски процеси, културни и етнички мешања што создале македонско национално сознание. Кога станува збор за етничките заедници, името претставува симбол на препознавање на посебностите, односно симбол на самосознание, а Македонците горди на своето име и потекло, отсекогаш имале изразено чувство за етничка припадност. Од средината на XIX век, името се користело како етноисториско, а од 1944 година, со формирањето на македонската држава, како национално.
Па, затоа, Македонија не треба да се откаже од правото на своето културно-историско наследство.

Повеќе од еден век сме сведоци на посегање по името „Македонија“ и „Македонец“ од страна на соседните држави, кои го посакуваат за себе, a денес „благодарение“ на двата документа, Преспанскиот договор и Договорот за добрососедство, пријателство и соработка меѓу Македонија и Бугарија, го распламти огнот за македонското национално постоење. Она нешто во што се единствени двата документа е во тоа да се избрише македонскиот народ како национална индивидуалност.

Двата документа го сведуваат на ништожност постоењето на македонскиот идентитет.
Со Преспанскиот договор се деградираат суверенитетот на државата и правото на нацијата слободно да го одредува својот национален идентитет, односно се прави историско, идентитетско и именско редефинирање на македонскиот народ. Додека, пак, ако се согласиме со бугарското барање дека Македонците се „народ без корен“, тогаш ќе исчезнеме засекогаш, бидејќи како што кажал и Кочо Рацин: „Народ што нема свое вчера, кој нема свое денес, не може да има ни свое национално утре.“ Денес, во XXI век, сведоци сме на негирањето на името Македонија и придавката македонски.

Со промената на името, повеќе не можат да се употребуваат термините „Македонија“, „Македонец“, „македонско“, кои во меѓународната употреба се резервирани само за Грција, па, така, денес, за сите сме северномакедонци, а не Македонци.
Затоа, како што кажува и претседателот на МАНУ, академик Љупчо Коцарев во својата колумна: „До 2018 година Македонија беше признаена како Република Македонија од повеќе од 130 земји, вклучувајќи ги сите десет најнаселени земји во светот. Во еден ден, 17 јуни 2018 година, со еден потпис, сето тоа беше избришано“.

Меѓутоа, историјата многупати досега покажала дека ниеден договор не е вечен. Наша обврска е да продолжиме да пишуваме за Македонија и македонското, бидејќи во секојдневната употреба никој не може да ни го забрани тоа, за да му се претставиме на светот водејќи сметка за македонскиот идентитет.

Бидејќи, како што кажал и Крсте Петков Мисирков: „Свеста и чувството дека сум Македонец треба да стојат повисоко од сѐ друго на светов.“

(Авторот е магистер по историски науки)

respublica.edu.mk