По дефиниција, државник е политичар што се истакнува во водењето на државата и креирањето на политиките. Е, сега, има ли Македонија државник од тој маштраф, лидер од таков калибар. Политичар што ќе се истакнува во водењето на државата, ќе биде ценет и сакан дома и почитуван надвор, неговите пораки ќе се слушаат и уважуваат, а државата ќе цвета и напредува на секој план. Државник што ќе умее да процени кога и за што треба да каже ДА или НЕ, кој секогаш ќе го опипува пулсот на народот и никогаш нема да постапува спротивно од народната волја или спротивно од државните интереси
Во хиерархија на ценети и почитувани политички звања и ословувања поимот државник зазема високо место. Зашто секој може да биде политичар, но не секој станува и државник. Или што вели народот, од секое дрвце свирче не бидува. Светот памети голем број истакнати државници, кои со своето дејствување, секој на свој начин, оставиле траен белег во историјата.
Добар дел од нив во различни временски периоди, без разлика на идеалите, политиките и ставовите што ги застапувале, останале ценети и почитувани до денешен ден токму поради своите државнички потези и визионерска политика. Списокот на истакнати светски државници е долг, но доволно е да споменат барем некои од нив, како Махатма Ганди, Нелсон Мандела, Винстон Черчил, Владимир Ленин, Џорџ Вашингтон, Вили Брант, Хелмут Кол итн. Некои го вбројуваат и Јосип Броз Тито во листата на влијателни и признаени светски државници, но за тоа во некоја друга прилика.
Инаку, по дефиниција, државник е политичар што се истакнува во водењето на државата и креирањето на политиките. Е, сега, има ли Македонија државник од тој маштраф, лидер од таков калибар. Политичар што ќе се истакнува во водењето на државата, ќе биде ценет и сакан дома, и почитуван надвор, неговите пораки ќе се слушаат и уважуваат, а државата ќе цвета и напредува на секој план.
Државник што ќе умее да процени кога и за што треба да каже ДА или НЕ, кој секогаш ќе го опипува пулсот на народот и никогаш нема да постапува спротивно од народната волја или спротивно од државните интереси. Еве, да бидам искрен, јас лично не можам да се сетам на ниедно име од домашната политичка сцена што вистински би го заслужило епитетот државник. Ако ви текнува на некого, замолувам да ме известите.
Секако, имаше обиди во минатото одредени политичари самите себеси да се претставуваат како државници. Дури еден од нив својата изборна кампања ја водеше под паролата државник. Но истиот тој „државник“ потоа самоволно целосно се изолира, се повлече од јавниот живот и никаде го нема да се произнесе за низа значајни прашања што ѝ се случуваат на државата. Но нејсе. Да се вратиме на темата за домашниот дефицит на вистински државници.
За волја на вистината од осамостојувањето до денес сме имале и одредени проблесоци и некои државнички потези или изјави, но тоа е само мала капка во морето разочарувања и промашувања. Да беше поинаку немаше да бидеме таму каде што сме денес.
На самото дно на општеството, уценети, понижени, омаловажени, со највисоки стапки на корупција, непотизам, руинирани институции, погазена правна држава, високи стапки на сиромаштија, со еден збор потонати во бесперспективност. Или, како што вели еден познат домашен аналитичар, Македонија денес е како во времето на владеењето на наркокартелите во Колумбија. Ете до каде сме стигнале со нашите „државници“. Поблиску до Колумбија отколку до ЕУ.
Затоа, генерален впечаток е дека Македонија сиве изминати години на раководни функции имаше повеќе махери за дворски игри отколку вистински државници. Имаше повеќе туѓи послушници и послужавници отколку македонски државници. И тука листата е навистина долга и нивните имиња не вреди ниту да се споменуваат. Читателите сами ќе ги препознаат.
Но, секако, не смее да се заборави дека сите тие, во суштина антимакедонци, ги жртвуваа интересите на државата и на сопствениот народ и им слугуваа на нечии туѓи замисли и интереси. Не може да се заборави дека овие антидржавници (од премиери, пратеници, министри, разни функционери и раководители на институции, претставници на власта и опозицијата, квазипрофесори, квазиисторичари итн.) како на послужавник ги нудеа и тргуваа со македонскиот идентитет, македонското име, македонското знаме, македонската историја, култура итн. Застрашувачко е тоа што ваквите личности се спремни и дете од родена мајка да продадат само за функција и позиција. Тоа е реалноста во нашата Македонија. И затоа стигнавме до оваа состојба.
Но не е сѐ толку лошо и не е сѐ толку црно. Добра вест е што мнозинството од македонскиот народ, демократската и прогресивна јавност, интелектуалците и мислечките луѓе во државата не се помируваат и не ги прифаќаат уцените и погубните предлози на штета на државата.
Генерален впечаток е дека, за жал, Македонија сиве изминати години на раководни функции имаше повеќе махери за дворски игри отколку вистински државници. Имаше повеќе туѓи послушници и послужавници отколку државници. И тука листата е навистина долга
Дури ако подобро размислите, многу повеќе вистински државници во Македонија ќе најдете во области што немаат директни допирни точки со креирањето на високата политика. Така, денес многу подржавнички и промакедонски ставови застапуваат македонски академици, црковни лица и владици, професори, историчари, правници, новинари, лингвисти. Со своите научно фундирани тези, издржани анализи по значајни прашања, тие многу повеќе се борат и се залагаат за Македонија отколку оние што се назначени да го прават тоа. И тоа е нешто што поттикнува и охрабрува. Дека сепак не е сѐ изгубено. Дека Македонија има потенцијал да се избори со сите предизвици. Дека не смее да се попушти и отстапи пред уцените и дека вистината и правдата сепак ќе победат.
Еве, неодамна, на пример, многу подржавнички став во однос на одбрана на вистината и интересите на Македонија искажа еден странец отколку МНР или вицепремиерот во Владата.
Холандскиот експерт за Западен Балкан, Ханс ван ден Берг, категорично и јасно појасни дека „не постои нешто како ’северномакедонски‘, туку има само македонски идентитет. И ова го знае секој студент од прва година на балкански студии“.
Но ова што го кажува Берт, сѐ уште не го знаат, или не сакаат да го сфатат, македонски министри како Бујар Османи, вицепремиери како Артан Груби и други функционери што веднат глава и премолчуваат кога некој ги ословува како северномакедонци. Затоа тие никогаш не можат да бидат државници. Може да послужат само како туѓи послужавници.
Велат времето и историјата ќе дадат свој суд и најдобро ќе проценат дали одредени политички потези биле добри или не. Но за обидите за искривоколчување на вистината, негирање на историските факти не треба никаква временска дистанца. Таквите настојувања се видливи со голо око уште сега. И не смеат да се премолчуваат. Сите подли, ниски удари, негирања или уцени, кои доаѓаат било од Бугарија или од некои европски емисари, треба веднаш и категорично да се отфрлат. Да се покажат карактер и став во однос на заштитата на македонските национални интереси. Тоа е државничко однесување.
Тоа го очекуваат граѓаните од своите избраници, без разлика дали се од власта или од опозицијата. Зашто странските емисари што доаѓале и ќе доаѓаат во државата се грижат само за својата кариера и својата работна биографија. Да напишат таму дека наводно успеале да решат некој проблем. Ним воопшто не им е гајле што и колку македонскиот народ и држава ќе изгубат. Како Метју Нимиц што, наводно, успеа да го реши долгогодишниот спор за името. А дали навистина е решен? Напротив. Прашањето за името и идентитетот сега е уште повеќе продлабочено и заплеткано. Ако беше решено, зошто сега ни ги преименуваат идентитетот и сѐ што ќе стигнат. Затоа на Македонија сега, повеќе од кога и да е, ѝ требаат вистински државници. Да го охрабрат и обединат народот. Но истовремено да ги разбудат и потсетат Европа и светот на вистинските вредности, на принципите на меѓународното право, на историската вистина, на сувереноста и посебноста на македонскиот народ. Тие факти и таа историска вистина никој не може да ни ги одземе, ускрати или преиначи. Освен ние самите!