Спортот број еден во Македонија во неделата имаше финалисти, откако Ѓорѓи Начевски и Славе Николов, нашите најдобри ракометни судии, ја делеа правдата на најзначајниот меч, тој за светската титула. Одличното судење, без грешка, не е новост за една од најдобрите ракометни судиски двојки во светот, а мечот беше како круна на нивната досегашна кариера, во која суделе и финалиња на ЕП и на ЛОИ и на многу други значајни натпревари на континентално и светско ниво. Големо е признанието, во секоја професија, да се биде во светскиот врв, а во случајов македонски судии беа одбрани да судат натпревар на највисоко планетарно ниво. Тоа е само уште една потврда дека и Македонија има капацитет и квалитет, а токму поради квалитетот се заслужува едно вакво високо признание. Тоа, истовремено, е и потврда дека само со упорна работа, со посветеност, одрекување, вложување во себе… може да се достигнат и светските врвови. На секое поле. Токму тоа треба да ни биде мотив, на сите нивоа да работиме повеќе на себе, на надградување, оти и настапот на македонските финалисти на годинашното Светско првенство е доказ дека можеме, дека со посветеност, со многу труд во тоа во што сме добри, во тоа што го сакаме, можеме да добиеме и светски признанија
Македонската ракометна репрезентација е на 27-то место на Светското првенство што се одигра овој месец. Сега следуваат анализи од сите задолжени, реално, трезвено, педантно, професионално, но и етички и морално да се анализира како понатаму. Дека потфрливме, тоа е вистина. Дека тешко потфрливме, тоа е факт. Добрата страна е што таа речиси е пласирана на Европското првенство в година, а со тоа потоа и малку полесен е патот за пласман на следниот планетарен шампионат, за одржување на континуитетот, кој особено ќе биде важен, оти и во спортот може да се напредува само ако се учи во континуитет, само ако се натпреварува со подобрите од себе.
Спортот број еден во Македонија, сепак, во неделата имаше финалисти, откако Ѓорѓи Начевски и Славе Николов, нашите најдобри ракометни судии, ја делеа правдата на најзначајниот меч, тој за светската титула. Одличното судење, без грешка, не е новост за една од најдобрите ракометни судиски двојки во светот, според неподелените оцени на ракометните стручњаци, а мечот на ова Светско првенство беше како круна на нивната досегашна кариера, во која суделе на многу значајни натпревари и на европски првенства (финале на ЕП 2020, полуфинале на ЕП 2018 и 2022, меч за трето место на ЕП 2016), но и на летни олимписки игри (финале во 2021 година на ЛОИ 2020) и во Лигата на шампионите…
Големо е признанието, во секоја професија, да се биде во светскиот врв, а во случајов македонски судии беа одбрани да судат натпревар на највисоко планетарно ниво. Тоа е само уште една потврда дека и Македонија има капацитет и квалитет, а токму поради квалитетот се заслужува едно вакво високо признание. Тоа, истовремено, е и потврда дека само со упорна работа, со посветеност, одрекување, вложување во себе… може да се достигнат и светските врвови. На секое поле.
Токму тоа треба да ни биде мотив на сите нивоа да работиме повеќе на себе, на надградување, оти и настапот на македонските финалисти на годинашното Светско првенство е доказ дека можеме, дека со посветеност, со многу труд во тоа во што сме добри, во тоа што го сакаме, можеме да добиеме и светски признанија.
Но само ако се тргне со идејата за достигнување на врвот во која било област, ќе има и врвен резултат. Само за неколку часа во неделата, на два краја на светот, спортски мегаѕвезди, во поединечен и во екипен спорт, ја посочија главната состојка во нивните успеси – сонувањето. Новак Ѓоковиќ испиша нови историски страници во тенисот, а репрезентацијата на Данска достигна нови височини во ракометот. „Сонувајте големи нешта, затоа што можете да ги остварите“, рече Ѓоковиќ, а Микел Хансен, репрезентативец на Данска, изјави: „Оваа ситуација во која се наоѓаме е нешто за што можеш да сонуваш само кога си дете. Сонувате да ја претставувате вашата земја на големите турнири“. Секако, нивната секојдневна работа, негувањето на талентот, максималниот професионализам, самодисциплината… се заслужни за нивните успеси, но сѐ почна многу пред тоа. Со сонувањето.
Секој јануари уживаме во натпреварите на Македонија, а за одржување на тој ритам клучот е во клубовите, во нивните школи и академии, и токму таму треба да биде фокусот. Конкурентноста се потпира на продукцијата. За од по победничките патеки мора да се работи, но методолошки, искуствено, не со наметнување сила и авторитет без основа. Сите спортски и други успеси се должат на постојано вложување труд, долгорочни цели и стратегија…, но пред сѐ за висок дострел прво треба да се сонува за највисоката цел, затоа што само така може да се стигне далеку, како Начевски, Николов, Ѓоковиќ, Данска, Мароко, Лестер, македонската кошаркарска репрезентација во 2011 година, македонската ракометна селекција во 2012 година, младата фудбалска и младата ракометна репрезентација во 2017 година, Дејан Георгиевски во 2021 година…
Сонот, секако, далеку од тоа дека е доволен сам по себе. Тој е составен од идеја, стратегија, упорност, дисциплина, самомотивација, посветеност, откажување…, и само таков ќе понесе кон успесите, признанијата, медалите… Во примерите на Начевски и Николов, на Ѓоковиќ и на Данска…, има уште пораки, а тоа е дека и по толку години успеси секогаш се наоѓа мотив за повеќе работа, за нови достигнувања, за нови рекорди, за нови победи…
Многу славни луѓе посочиле некои насоки за достигнување успех, па, така, легендарниот американски бејзбол-играч Томи Ласорда изјавил „разликата помеѓу невозможното и возможното лежи во одлучноста на човекот“, Теодор Рузвелт, поранешен претседател на САД, пак, рекол: „Верувај дека можеш и веќе си на половина пат дотаму“, а за сонувањето, амбициозноста, приодот кон работата, одлучноста, вербата во себе, невозможното-возможното… Владимир Богоевски, славниот македонски одбојкар, кој своевремено играше и за Реал Мадрид, пак, рекол: „Ќе играв за Реал и да бев фудбалер или кошаркар“.
Сон. Работа. Посветеност. Успех. Нема пократок пат.