Конкуренцијата секогаш е здрава и е клучна за да се одбере најдобриот и најквалитетен кандидат што може да придонесе за раст на партијата, но истовремено и на самата држава. Ако веќе се определивме дека чекориме кон ЕУ, тогаш треба и партиите да почнат да се однесуваат европски и, пред сè, демократски. Во спротивно, изгледа дека лекцијата за плурализмот не е научена. Со години го осудувавме еднопартискиот систем, за на крајот да завршиме во еднокандидатски систем. Еден кандидат за претседател на партија ниту е демократски, а уште помалку нуди некаква конкурентност или вистински избор
Македонија официјално ги започна пристапните преговори со Европската Унија и пред земјата е еден долг пат на кој треба да се приспособи на европскиот начин на функционирање во секоја сфера.
Тоа значи дека повеќе не може да има изговори за неспроведувањето на неопходните реформи, за неефикасната борба со корупцијата, за лошото здравство, образование, за енормното загадување, општо гледано за севкупните демократски процеси во државата.
А демократијата во секоја држава извира од демократскиот капацитет на политичките партии, кои, за жал, во Македонија и по 30 години плурализам едноставно како да не можат да се одвојат од едноумието, па еднопартискиот систем го заменија со еднокандидатски систем. Во суштина, тоа е истата работа, само во различно пакување.
Неодамна две партии на конгрес избираа партиски лидер и наместо изборот да биде највисок чин на демократски изблик во партијата, тоа се сведе на формално гласање за само еден понуден кандидат, за кој уште со месеци однапред се знаеше дека ќе биде избран бидејќи немаше противкандидат. И тоа не е само одлика на овие две партии што неодамна избраа лидери, туку така се однесуваат сите политички партии во земјава, од најголемите до најмалите.
Први го промовираа овој проверен еднокандидатски систем партиите што во овие 30 години се менуваат на власт и во опозиција, фингирајќи конкуренција на конгресите само за да покажат некаков демократски капацитет, кој во суштина го немаат.
Партиски лидер станува оној што ќе добие благослов од актуелниот претседател на партијата и тоа се гледа од авион. Нема вистински внатрепартиски кандидатури, нема спротивставување на концепти, на програми, ниту пак еднакво презентирање на овие кандидати и програми пред целото членство, па и пред македонската јавност, сите да знаат со каков човечки потенцијал располага секоја партијата и каков кандидат утре би можел да ја води државата. Сè се сведува на тоа што ќе каже лидерот (султанот) и затоа не попусто сите партии во земјава го добија прекарот „султан-партии“.
Едноставно домашните партии немаат демократски капацитет и тоа е многу сериозен проблем со кој се соочува Македонија, бидејќи таквото недемократско однесување внатре во партиите се отсликува генерално и врз сите процеси во државата. Имено, наместо министри и други функционери да даваат отчет пред премиерот или првиот човек на одредена институција, тие реферираат пред партискиот лидер затоа што тој ги назначил на функцијата и чувствуваат потреба тој да решава за нивната судбина.
Затоа и партиите преку своите подмладоци, локални разграноци, унии на жени и слично раѓаат послушници што само кимаат со глава на она што ќе го каже претседателот на партијата, дури и тогаш кога не се согласуваат со него. Класично едноумие. Затоа и не може во ниту една партија нормално да профункционираат конкурентноста, борбата на идеи и концепти, групи да се обединат околу некој кандидат и да се борат внатре во партијата тој да стане лидер. Тоа е вистинска внатрепартиска демократија.
Неодамна Велика Британија избра нов премиер, но борбата внатре во партијата беше голема. Сите кандидати презентираа свои програми за тоа како ја гледаат партијата во иднина, но што е уште поважно, како ја гледаат и иднината на својата држава. И во другите држави во светот внатрепартиската конкурентност е многу поизразена.
Конкуренцијата секогаш е здрава и е клучна за да се одбере најдобриот и најквалитетен кандидат што може да придонесе за раст на партијата, но истовремено и на самата држава. Ако веќе се определивме дека чекориме кон ЕУ, тогаш треба и партиите да почнат да се однесуваат европски и, пред сè, демократски. Во спротивно, изгледа дека лекцијата за плурализмот не е научена. Со години го осудувавме еднопартискиот систем, за на крајот да завршиме во еднокандидатски систем. Еден кандидат за претседател на партија ниту е демократски, а уште помалку нуди некаква конкурентност или вистински избор.
Поразително е што Македонија уште на почетокот на преговорите со ЕУ ќе се сопне токму во делот на неконкурентноста и неквалитетот. Кога внатре во партиите лидерот одлучува за сè, истиот тој лидер утре ќе одлучува кој ќе биде во преговарачките тимови, кој ќе биде задолжен за реформи во судството, кој ќе ја предводи борбата со организираниот криминал и корупцијата, кој ќе биде министер, пратеник, градоначалник… Со ваков еднокандидатски систем, Македонија едноставно нема никаква шанса ни да се доближи до европските стандарди, а не, пак, да ги живее.
Крајно време е партиските реформи да започнат токму од тие партиски подмладоци, кои треба да почнат да функционираат европски бидејќи сите партии се дел од некакви сестринства или братства на европските партии. Од нивните искуства, наместо само шетање и сликање низ европските метрополи, младите треба да научат дека партиите се првиот израз на демократија во државата. Тоа значи дека секој од нив треба да се бори за свое место во партијата, да сака да напредува врз основа на сопствените квалитети, наместо само слепо да слуша што некој друг ќе му каже.
Во спротивно, партиите ќе продолжат да бидат обични акционерски друштва за богатење на поединци и вработување на оние што беспоговорно ќе го прифаќаат она што ќе им се каже.
Крајно време е партиите да се вратат на своите идеолошки матрици, да дозволат внатрепартиска дебата, борба, спротивставување на идеи и концепти, што на крајот ќе резултира со промовирање квалитетни кандидати за иден лидер на партијата, но и на државата. Сè друго е обично замајување на јавноста и глумење демократија, што секојдневно се одразува и врз државата, но и врз животот на македонските граѓани, кои со право очекуваат од политичките субјекти да работат на обезбедување подобар живот за сите, наместо да се грижат само за партиската благосостојба.