„Камените падат од небото“

Иницијаторката на каменувањето на македонскиот културен клуб во Благоевград вели дека со кршењето на стаклото на клубот тие ги покажале длабоката огорченост и незадоволство од случувањата на бугарско-македонската граница. Ако стотина бугарски државјани не можеле да влезат во Македонија на 4 февруари и чекале три-четири часа предизвикувајќи револт и незадоволства кај целата нација, што да кажат речиси два милиона македонски граѓани што чекаа повеќе од две години Бугарија да се смилува и да го крене ветото за и тие да имаат право на европска иднина и подобар живот, исто како и бугарските граѓани. Требаше ли и тие да бидат незадоволни и огорчени и да фатат да фрлаат со камења каде што ќе стигнат? Ако тргнеа по таа логика, ќе испаднеше по онаа песна „Камените падат, падат од небото“

Европската комисија неодамна ги повика Бугарија и Македонија да промовираат атмосфера на дијалог и да избегнуваат непотребни тензии, коментирајќи ги последните случувања во односите меѓу Софија и Скопје.
Кратко соопштение, класично бирократско, но два збора во целиот текст лиферуван од седиштето на ЕК во Брисел ја откриваат суштината на целиот проблем – непотребни тензии.
Повеќе од јасно е кој ги предизвикува тие непотребни тензии и Европа многу добро го знае тоа, па не случајно и пораката што ја упати Комитетот на министри на Советот на Европа до официјална Софија е јасна и недвосмислена, да не се прави проблем онаму каде што го нема.
Македонците и Бугарите повеќе децении живееја како соседи едни покрај други без никакви проблеми и тензии, не со некоја преголема меѓусебна љубов, но сепак постоеше некаква минимална почит. Бугарија прва ја призна македонската независност во далечната 1991 година и во тој момент барем кај македонските граѓани се роди надеж дека двата соседни народа конечно ќе почнат да бидат вистински соседи, кои заеднички ќе чекорат кон иднината и ќе си помагаат на тој пат. Но овој сон многу брзо заврши, во истиот оној момент кога бугарските политичари повторно ја вратија старата живкоистичка мантра за непризнавање на македонскиот народ, неговиот јазик, култура и историја, што беше иницијалната каписла за креирање нова тензична атмосфера меѓу двете земји и двата народа.
Таа прикриена тензија тлееше до потпишувањето на Договорот за соработка и пријателство, кога проблемите наместо да исчезнат, уште повеќе се наталожија поради нечија наивност дека Бугарија ќе заборави на вековниот стремеж во однос на Македонија и дека несебично ќе ѝ помага на европскиот пат, без притоа да побара нешто за возврат. И како што нашиот народ вели „нема ништо бесплатно“, така и официјална Софија си го испорача списокот на желби ако сакаме да ја имаме нејзината поддршка. Тој список, всушност, е пресликан од нивната декларација донесена од Народното собрание во 2019 година, во која сè е јасно кажано: не постојат Македонци, нема македонски јазик, заедничката историја е бугарска и друго повеќе не треба ништо да се додава. Сè е кажано.

И кога на сето тоа две години некој ќе ви става вето на почетокот на преговори со ЕУ, тогаш е јасна адресата од каде почнуваат, како што вели ЕК, „непотребните тензии“.
Македонија со ништо не ги предизвика тензиите, туку напротив, постојано бараше начини да им угоди на соседите често постапувајќи и дефетистички, отиде дури дотаму што направи невиден преседан и го промени Уставот, откажувајќи се од грижата за сопственото малцинство во соседните земји, само за да нема тензии.
Во еден момент се доведе во ситуација постојано да трпи навреди и закани од страна на многу бугарски политичари, кои продефилираа изминатите години низ нашата земја, давајќи разни негаторски и хегемонистички изјави, без, притоа, да бидат санкционирани.
Среде Скопје се виореа бугарски државни знамиња, се извикуваа пароли „еден народ, две држави“ и „Македонија е бугарска“, па дури и на тоа, македонските институции реагираа млако, повторно само за да нема тензии.
Тензично беше и на 4 февруари кога се одбележуваа 151 година од раѓањето на македонскиот идеолог Гоце Делчев, откако претходно тензиите ги подгреаја разни бугарски фондации со најавите дека илјадници бугарски граѓани ќе дојдат на чествувањето на Делчев во Скопје. Почна да врие уште на границата, кога не беше пуштена група бугарски граѓани чија главна интенција не беше чествувањето на Гоце Делчев, туку провоцирање и предизвикување инциденти, кои подоцна ќе беа искористени за некакви други цели. Се разбира, немаше да има никаква тензија доколку Бугарија ги признаваше македонскиот народ, неговиот јазик, неговата историја, онаа историја во која Делчев се борел за самостојна Македонија. Нека го признаваат тоа барем кога се на гости, а дома нека си ја толкуваат историјата онака како што самите сакаат, ние нема да правиме тензии поради тоа.
На сето тоа, следуваше каменувањето на македонскиот културен клуб „Никола Вапцаров“ во Благоевград. Иницијаторката на овој насилен чин тврди дека со кршењето на стаклото на клубот тие ги покажале длабоката огорченост и незадоволство од случувањата на бугарско-македонската граница.

Ако стотина бугарски државјани не можеле да влезат во Македонија на 4 февруари и чекале три-четири часа поради што целата бугарска нација станала револтирана и незадоволна, што да кажат речиси два милиона македонски граѓани што чекаат повеќе од две години Бугарија да се смилува и да го крене ветото за и тие да имаат право на европска иднина и подобар живот, исто како и бугарските граѓани. Требаше ли и тие да бидат незадоволни и огорчени и да фатат да фрлаат со камења каде што ќе стигнат? Ако тргнеа по таа логика, ќе испаднеше по онаа бугарската „Камените падат, падат од небото“.
Тензично наострена е и бугарската јавност, каде што генерално преовладува расположението дека треба да се врати ветото за Македонија сè додека не го прифати сето она што го бара Бугарија од неа, или, со други зборови, сè додека не добие исто онолку колку што доби Грција со Преспанската спогодба. Тоа беше целата приказна. Видете Грците што сè добија со блокадата, зошто и ние да не го добиеме тоа.
Несомнено, „непотребните тензии“ ќе растат и во следниот период бидејќи Бугарија влезе во нов изборен циклус и темата „Македонија“ повторно ќе биде главниот слоган на изборните кампањи. Да имаа тамошните политички партии да им понудат поубав и подостоинствен живот на бугарските граѓани, тие сигурно немаше да се занимаваат со нечиј туѓ идентитет, јазик и историја, туку многу поблиски ќе им беа европските вредности.
Вака е лесно. Викни „Македонија ги дискриминира Бугарите“ и сите ќе се налепат на таа приказна. За среќа, тоа не поминува ниту кај Европа, ниту кај САД бидејќи остана уште малку од она што некогаш се нарекуваше меѓународно право и, според кое, лесно може да се оцени кој дискриминира малцинства во својата земја, а кој не. Македонија никогаш не била на тој тапет, но Бугарија и натаму е.
Затоа на крајот една препорака до ЕК: генераторот на „непотребните тензии“ се наоѓа во Софија, не во Скопје, поточно кај одреден број бугарски политичари што го трујат бугарското општество со омраза кон македонскиот народ, само за да можат да се задржат на политичката сцена.
Македонија била и ќе биде куќа за сите нејзини граѓани, без оглед како се декларирале. Од неа не потекнале никакви тензии кон никого и нема да потекнат ниту во иднина. Ако Бугарија мисли дека со креирање тензии ќе успее да ги задоволи сопствените аспирации, тогаш се излажала бидејќи единствено нешто што ќе постигне е само создавање дополнителна омраза меѓу двата блиски народа, македонскиот и бугарскиот. Тие не го заслужиле тоа.