УЕФА го објави четиринаесеттото издание на „Европскиот клупски фудбалски пејзаж“, годишен извештај за лиценцирање клубови за европскиот клупски фудбал, кој дава детален преглед на финансиите на европскиот фудбал, натпреварувањата и на играчите, а годинашното издание се фокусира на тоа како европските клубови од врвните лиги излегоа од пандемијата

ГОДИШЕН ИЗВЕШТАЈ НА УЕФА

Овој извештај јасно покажува колку е извонредна отпорноста на европскиот фудбал за време и по пандемијата на ковид-19. Откако пропуштивме неверојатни седум милијарди евра во овој предизвикувачки период, среќни сме што гледаме дека приходите на клубовите од највисоките дивизии се повисоки отколку на периодот пред пандемијата, изјави Александер Чеферин, претседателот на Европската фудбалска унија (УЕФА), откако европската куќа на фудбалот го објави четиринаесеттото издание на „Европскиот клупски фудбалски пејзаж“, нејзиниот годишен извештај за лиценцирање клубови за европскиот клупски фудбал.
Извештајот дава детален и сеопфатен преглед на финансиите на европскиот фудбал, натпреварувањата и на играчите, а годинашното издание внимателно се фокусира на тоа како европските клубови од врвните лиги излегоа од пандемијата, пишува УЕФА.
– Додека фудбалот се движи низ своите најтемни времиња, мора да се потсетиме на лекциите што ги научивме во овој период. А она што постојано го нагласувам е единството на европското фудбалско семејство. Можеме да ја надминеме секоја закана или предизвик со тоа што ќе работиме заедно и ќе останеме верни на нашиот прекрасен спорт – рече Чеферин.
Приходите во повеќе од 140 клуба се зголемени во просек за 4,6 отсто и покрај долготрајните ефекти од пандемијата, кои влијаат на почетокот на финансискиот период што се разгледува. Спонзорите, инвеститорите и гледачите покажуваат невиден интерес, со рекордни спонзорски и комерцијални приходи за 13 проценти повисоки отколку што беа пред пандемијата, рекордни нивоа на активност за преземање клубови и рекордни приходи од влезници пријавени од клубовите во земјите целосно вратени во игра во текот на целата сезона, каде што протоколите за целосно враќање во игра беа во сила во текот на сезоната, пишува УЕФА.
Сепак, извештајот нагласува некои загрижувачки знаци на страната на трошоците, па во споредба со нивоата пред пандемијата, оперативните трошоци се зголемени за 11 отсто, а трошоците за финансии се зголемија за 18 проценти, бидејќи клубовите се под влијание на пошироките економски трендови, но, сепак, повеќе од сѐ, континуираниот нагорен тренд на платите е тоа што го загрозува враќањето на клубовите на профитабилноста пред пандемијата, пишува УЕФА.
– И покрај невидените превирања во последните години, платите продолжија да растат, зголемувајќи се во просек за 16 отсто во споредба со стандардите пред пандемијата. Платите на играчите од највисоките дивизии, на пример, се повеќе од двојно зголемени во претходната деценија и иако ова не е негативен тренд сам по себе, јасно е дека многумина ја загрозуваат нивната економска одржливост со нивната непромислена потрага по успех – вели Чеферин, пренесува УЕФА. Н.М.