Искривено бугарско огледало

Таа политика на постојано барање закачки, провокации, инциденти и издигнување банални работи на ниво на меѓудржавен проблем е стара живковистичка практика на измислување проблеми и онаму каде што ги нема

Интензивирањето на соработката меѓу македонските и бугарските работни групи во последниот период раѓа трошка надеж дека можеби досегашните недоразбирања ќе почнат да се надминуваат, но за да успее целата работа се потребни искрен пристап и желба од двете страни, врз основа на заемно почитување, уважување и во духот на европските вредности.
Македонија досега покажа дека искрено, па дури понекогаш и наивно, пристапува во разговорите со Бугарија, со единствена цел конечно да ги започне пристапните преговори со Европската Унија, не барајќи и не условувајќи го со ништо својот сосед, туку напротив, повикувајќи се само на критериумите што ги наметнува Унијата, а кои земјава во целост ги исполни. За жал, тоа не може да се каже за другата страна. Повторно, за жал, Софија во овие добрососедски разговори препозна одлична шанса за уцени и за остварување на нејзините вековни апетити, па преку блокада на почетокот на пристапните преговори наметна редица апсурдни барања кон Македонија, кои се несвојствени за Европа во 21 век. Барања до еден народ да се откаже од сопствениот идентитет, јазик и историја ако сака да стане дел од европското друштво. Оваа матрица на функционирање не е променета, без оглед што во Бугарија дојдоа на власт прогресивни сили, кои колку и да сакаат да ги надминат недоразбирањата како да немаат доволен маневарски простор, бидејќи се под постојан надзор на старите структури, кои не дозволуваат ниту милиметар да се отстапи од добро утврдената повеќедецениска национална политика за негирање на македонизмот. Или со други зборови, Бугарија пред себе има поставено искривено и застарено огледало во кое не може да се види и препознае ништо од тоа што значат европски вредности, почитување на меѓународното право итн.

Таа политика на постојано барање закачки, провокации, инциденти и издигнување банални работи на ниво на меѓудржавен проблем е стара живковистичка практика на измислување проблеми и онаму каде што ги нема. Како поинаку да се протолкува мобилизирањето на целиот дипломатски капацитет на Бугарија само затоа што било скршено стаклото на дуќанот на Македонец со бугарска самосвест во Битола?
Бугарите дури не почекаа на резултатите од истрагата, па веднаш ова го оквалификуваа како меѓудржавен инцидент, поради што бугарскиот премиер Петков морал да му врти на телефон на неговиот македонски колега и да прашува зошто се предизвикуваат вакви инциденти.
И да биде апсурдот уште поголем, излезе дека инцидентот бил предизвикан поради семејни недоразбирања меѓу поранешни сопружници. Токму за тоа реагирала бугарската дипломатија, за семејна кавга. Ете, кога се немаат други аргументи, дури и една банална семејна кавга Бугарија ја користи и злоупотребува за свои цели и креирање лажна перцепција пред јавноста. Тоа е таа бугарска стратегија на искривено огледало и измислени и извртени тези.
Не дај боже утре дома да им текне на некои други сопружници да се скараат, тогаш е можно Бугарите да упатат и протестна нота до македонското МНР, да провери што навистина се случило и дали на крајот луѓето се смириле. Слична дезинформација имаше пред неколку месеци, кога некои од бугарските медиуми пренесоа вест дека при изградба на пат некаде во Кавадаречко безмилосно биле уништени бугарски воени гробишта. По увидот на терен токму од страна на бугарските новинари, излезе дека патот се гради подалеку од гробиштата и тие воопшто не биле чепнати.
Ова само покажува дека кога нема никакви суштински забелешки во однос на Македонија, Бугарија се фаќа за најбанални работи и ги издига на ниво на меѓудржавен проблем, претставувајќи го сето тоа пред европските партнери како чин направен од омраза.

Или со други зборови, Бугарија пред себе има поставено искривено и застарено огледало во кое не може да се види и препознае ништо од тоа што значат европски вредности, почитување на меѓународното право итн.

Преку измислени тези и неосновани обвинувања, источниот сосед сака да создаде искривена слика за земјава како нетолерантна, агресивна, полна со омраза кон Бугарите, сакајќи со тоа да најде алиби за ветото за кое не може да најде разумни аргументи пред Брисел. И можеби капак на сите бугарски небулози и измислици се нивните тези за наводниот тоталитарен режим во некои земји од регионот. Дали притоа мислат на себе, на нивното фашистичко и живковистичко минато? Зашто кога се споменуваат тоталитарни режими чесно и доблесно е најпрво да се погледне околу себе.
Зашто рака на срце, Западот добро знае која земја беше на страната на Оската за време на Втората светска војна, која остана тоталитарна до падот на комунизмот. Европа, Македонија и светот многу добро знаат кој беше на страната на фашизмот и тоталитаризмот, а кој се бореше против тоа зло. Таа бугарска дамка и траума не се бришат со вето и со празни зборови.
Ако сака Софија барем за нешто да покаже европски дух на кој постојано се повикува, тогаш најдобро би било да ги спроведе 17-те пресуди на Судот за човекови права од Стразбур и да им ги овозможи на Македонците во Бугарија нивните меѓународно загарантирани човекови права. Што треба да кажат тие Македонци таму? Кому да му се пожалат кога се тепани, кога сакаат да им оддадат почест на македонските дејци, да го искажат својот мајчин збор, да се афирмираат како македонско малцинство? Ова се вистински суштински работи поради кои треба да се алармира Европа, а не за семејни кавги, навивачки лудории и слични баналности, за кои бугарското МНР и амбасадата во земјава постојано неосновано реагираат и се жалат.

Како и да е, станува збор за добро осмислена тактика со која се создава искривена слика на нетрпеливост кон сè што е бугарско во земјава, иако во реалноста тука никој воопшто не покажува никаков анимозитет кон Бугарите. Напротив, македонските граѓани секојдневно се бомбардирани од бугарската пропаганда од најнизок тип емитувана преку бугарската национална телевизија, која слободно ја пренесуваат македонските кабелски оператори, за разлика од македонските телевизии, кои ги нема во бугарскиот етер. Токму таа БНТ со лажни и измислени тези се обидува да ги побугари македонските револуционери, македонските градови, песни, па наместо да понуди содржини што ќе ги зближуваат двата народа, се обидува да наметне само една вистина, бугарската.
Ова што сега го прави Бугарија потсетува на човек кој себеси се гледа во искривено огледало. Ги знае сите свои маани и недостатоци, но сака да верува дека тие се производ на искривената слика во огледалото. За жал, надвор од собата со искривена огледала сите ја гледаат Бугарија онаква каква што навистина е, слаба и немоќна европска држава која и натаму се обидува фрустрациите од минатото да ги лечи блокирајќи ги помалите држави и нивните соништа за европска иднина.