И демократијата во рецесија

И колку, сега, да изгледа тешко да им се „продаде“ идејата за демократија на луѓето што толку многу пати беа принудувани да се повлекуваат пред нападите со крајно недемократски средства, навистина вреди и понатаму да се обидуваме. Доколку политичките елити и понатаму имаат проблем со остварувањето на демократијата и со нејзината демократизација, треба повремено да им се испраќаат потсетувања оти претставничката демократија, сепак, не е единственото средство за остварување на власта и дека, исто така, легитимен начин за донесување одлуки е и непосредната демократија

Можеби не во толку голем број како порано, но во земјава, исто како и насекаде низ светот, веројатно, сѐ уште постојат оние што веруваат дека е возможно власта да произлегуваа од народот и дека треба да биде во негова служба, дека повиците на одговорност до претставниците на власта и институциите не би смеело да остануваат без одговор, дека правда е бавна, но достижна, дека корупцијата можеби не може целосно да се искорени, но може да се санкционира и да се сведе на пониско ниво… Многумина, во меѓувреме, се откажаа од овие уверувања и тргнаа по сопствениот пат, но оние што им останаа верни на своите убедувања секојдневно се соочуваат со разочарувања, кои не можат да се измерат со ниту еден индекс и чија перцепција на ниту еден начин не може да биде претставена.
Разбирливо, донекаде, е тоа што и микро и макроопкружувањето сега се исполнети со наплив на проблеми, кои се многу померливи од нивото на демократија, поради што изгледаат и многу поконкретни, посуштествени. Но само донекаде и само во кризни ситуации, како што се случи со избивањето на пандемијата, на пример, кога некои слободи и права мораа да бидат ограничени заради заштита на јавното здравје.
Но процените за такви ситуации подразбираат и високо ниво на одговорност, а не склоност кон свесно продуцирање нови кризи заради расчистување пат за непречено владеење, нешто што во моментов може само да се насети, а не и да се докаже во Македонија. Меѓу другото и затоа што многумина се откажаа од обидите да ги докажат нештата.

Уште повеќе обесхрабрува што работите не изгледаат подобро ниту од глобална перспектива. Во изминативе неколку години светот како да тргна по надолница кога станува збор за демократијата. Само за потсетување, во мошне релевантна студија на Центарот за иднината на демократијата при универзитетот „Кембриџ“, од пред извесно време беа понудени сериозни докази дека демократијата е во рецесија дури и во системите што претходно важеа како модел за демократија. Веројатно, затоа, и сѐ поретко може да се слушне зборот „демократија“ во обраќањата на светските лидери. Нивната неспособност адекватно да се справат со повеќеслојните кризи во изминативе години не е единствената, а можеби не е ниту главна причина за загубената верба. Многу попоразително влијае нивната неспособност или, можеби, незаинтересираност за решавање на напластените системски проблеми. Некои го именуваа тоа како криза на лидерството, иако таа многу посилно удира врз пошироката јавност отколку врз тие што упорно опстојуваат на лидерските позиции.
Сето тоа збунувачки изгледа од позиција на просечен граѓанин, силно му ги потресува утврдените позиции и му ја замаглува перспективата, така што, иако во дадениот момент звучи можеби и несоодветно или излитено, не би било лошо деновиве, по повод Меѓународниот ден на демократијата, и да се повторат некои лекции, да се освежи колективното паметење за еден од најблагородните идеали на човештвото – демократијата.
Не дека нема простор за набројување и критикување на сето она во што идејата за демократијата се трансформирала, но тоа само ќе им ја олeсни работата на сите оние што имаат задача да се занимаваат со нејзиното инструментализирање, деградирање, компромитирање, ликвидирање…

И затоа треба да се потсети оти нејзиниот пат никогаш и за никого не бил рамен и осветлен, туку полн со свијоци, дупки и тумби, налик на повеќето македонски патишта и дека токму поради упорните обиди за надминување на сите тие пречки, борбата за демократија отсекогаш била сметана за мотор на историјата. И колку, сега, да изгледа тешко да им се „продаде“ идејата за демократија на луѓето што толку многу пати беа принудувани да се повлекуваат пред нападите со крајно недемократски средства, навистина вреди и понатаму да се обидуваме. Доколку политичките елити и понатаму имаат проблем со остварувањето на демократијата и со нејзината демократизација, треба повремено да им се испраќаат потсетувања оти претставничката демократија, сепак, не е единственото средство за остварување на власта и дека, исто така, легитимен начин за донесување одлуки е и непосредната демократија. Тоа, впрочем, е едноставна политичка геометрија. Треба само да се сврти триаголникот и одлуките, искажани на јасен и недвосмислен начин, да почнат да се проследуваат од најниското кон највисокото ниво. Историјата нуди доволен број успешни примери.

[email protected]