Исплашени од референдум што ќе бил неуспешен

Претпразнично, минатата недела, по летните консултации, ВМРО-ДПМНЕ ја формулира и поднесе својата иницијатива за референдум поврзан со Договорот за добрососедство со Бугарија. Иницијативата за референдум на ВМРО-ДПМНЕ треба да се согледа во сегашниот контекст во Македонија. Прво, негативните последици по Македонија од Договорот за добрососедство со Бугарија стануваат видливи и јасни и само ќе се влошуваат. За тоа стигнуваат јасни пораки од Бугарија. Второ, јавноста е јасно против францускиот предлог, последица на Договорот за добрососедство со Бугарија и последователното вето. Трето, сето ова не беше содржано во ниту една изборна програма на политичка партија за да се тврди дека има легитимитет од граѓаните. Оттука, бидејќи владините политики по ова прашање немаат јавна поддршка, неопходно е директно изјаснување на граѓаните на референдум.
Формулацијата на референдумското прашање е „Дали сте за престанок на важењето на Законот за ратификација на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка меѓу Македонија и Бугарија објавен во ‘Службен весник’ од 18.1.2017?“ Прашањето е формулирано во насока на јасност за што е, како и исполнување на законските критериуми за кои прашања може да се распише референдум. Референдумот е за Договорот за добрососедство, но бидејќи референдум може да се распише за прашања во надлежност на Собранието, прашањето е за Законот за ратификацијата на истиот договор, како надлежност на Собранието. Првата последица на успешен референдум ќе биде дека Собранието ќе треба да ја укине ратификацијата на Договорот за добрососедство со Бугарија, што претставува рамка за Владата за напуштање на Договорот и повторно преговарање со Бугарија.

Вака поставеното прашање јасно укажува дека е за Договорот со Бугарија, а не за преговарачката рамка со ЕУ, не е за ЕУ и во ниту една смисла не е антиевропско. Ова е особено важно, бидејќи Владата и владејачките партии ќе се обидат да го минираат референдумот со ширење страв дека референдумот е анти-ЕУ е антиевропски. Покрај тоа што тоа не е точно, и односите Македонија – ЕУ мора да се постават во контекст на состојбите на ЕУ. Јасно е, и според изјавите на Макрон, претседателот на Франција, и на Шолц, премиерот на Германија, дека доколку има воопшто ЕУ-проширување, тоа ќе биде откога ЕУ ќе се реформира. Така, нашето членство во ЕУ зависи од ЕУ-реформите. Понатаму може да ги мобилизираме силите во ЕУ што се противат на вклучување билатерални прашања во ЕУ-преговори. И во 1992 година ја одбивме Лисабонската декларација, па односите со ЕУ продолжија. И сега ЕУ ќе ја почитува демократски донесената одлука. А кон Бугарија ќе испратиме јасна порака за нашите црвени линии. Дали тоа ќе отвори нов круг на поларизација зависи од нивното политичко водство.

Покрај очекуваните напади за анти-ЕУ и антиевропскиот карактер на максимален погон се шири дефетизам дека референдумот нема да биде успешен бидејќи „немало шанси 900.000 граѓани да излезат на референдумот“. Дефетизмот се поткрепува со бројки на излезност на локални, претседателски или други избори. Јасно е дека кога една од партиите не поддржувала референдум не се постигнувала доволна излезност. Но ова е прашање од кое не се засегнати само гласачите на една партија, на ВМРО-ДПМНЕ, туку се засегнати сите гласачи, така што во овој случај се очекува соодветна излезност.
Кога се зборува за неуспех на референдумот, неговите најголеми опонент, не говорат за резултат на референдумот туку за излезноста. Оттука, самите опоненти признаваат дека големо мнозинство граѓани се против францускиот предлог и негативните последици на Договорот за добрососедство. И додека нѐ уверуваат во неуспехот на референдумот, власта веќе одлучи да не го допушти референдумот и, преку Талат Џафери, тврди дека е противуставен. Доколку референдумот биде неуспешен, од што е исплашена власта? Бидејќи неуспешен референдум ќе биде голем удар за иницијаторот ВМРО-ДПМНЕ. Дали спречувањето на референдумот говори за исплашеноста на власта дека референдумот ќе биде успешен и ќе има јасна одлука на граѓаните? И јасен мандат и за Владата, и за ВМРО-ДПМНЕ да се спречат негативните последици од Договорот за добрососедство.

И начинот на спречување на референдумот многу говори за исплашеноста на власта. Власта, преку ДУИ и Талат Џафери, претседател на Собранието, го суспендира Собранието, каде што две собраниски комисии и пленарното заседание се единствени надлежни за одлука за иницијативата, и се прогласува за Уставен суд, бидејќи само Уставниот суд може да цени уставност. Суспендирано Собрание и Уставен суд нѐ поместуваат од хибриден режим во д(у)иктатура!

Авторот е аналитичар*
*Член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ / Ставовите се лични
Блог www.megjutoa.mk @sklek