Фото: „Нова Македонија“

Бугарија како некогаш Атина – дипломатска војна против Македонија

  • Еден од последните поголеми дипломатски скандали се случил на крајот на април во Дубровник каде што иако требало да допатува и македонска делегација, таа не дошла – причината е што Бугарија преку дипломатски меморандум ги известила членките на Иницијативата на трите мориња дека ќе стави вето на македонската апликација за придружно членство
  • Германија сега е во напредна фаза на изработка на механизам со кој треба да се блокираат апсурдни вета какви што ни поставува Бугарија. Според тој механизам, специјална арбитражна комисија би оценувала дали некое барање (на пример дали Гоце е Македонец или Бугарин како услов за членство во ЕУ) е според Копенхашките критериуми или не

На 28 и 29 април годинава, Дубровник беше домаќин на состанокот на Иницијативата на трите мориња. Станува збор за една геостратегиска трансверзала што ги опфаќа земјите од Балтичко, Црно и Јадранско Море, проект поддржан и од Америка, познат и како Оска север-југ. Во таа група земји од Балтикот до Медитеранот настојува да влезе и Македонија како придружна членка.
Сѐ беше подготвено на тој состанок Македонија и формално да поднесе барање да стане дел од иницијативата, но тоа не се случи, иако претходно и вицепремиерот Александар Николоски го најави тоа на еден форум во Стопанската комора во Скопје. Зошто?
Одговорот може да биде кус, но, сепак, налага поопширно објаснување зашто има нешто што се вика дипломатска стратегија. Ако веднаш си помислите дека сега сме во некоја нова фаза слична на таа кога Атина на меѓународен план нѐ „фиромизираше“ и ни поставуваше сопки и блокади, трговски и дипломатски закани и заврши со вето, во право сте – Бугарија денес игра токму на таа карта!

НА СЦЕНА ВЕТОИЗАЦИЈА

Според наш висок дипломатски извор, кој инсистираше на анонимност, иако македонските владини претставници биле подготвени да заминат во Дубровник, тоа не се случило затоа што претходно Бугарија по дипломатски канали испратила меморандум во кој објаснува дека таа ќе стави вето на таква одлука. Секако дека тоа е објава на дипломатска војна, затоа што важи секаде каде што Македонија има намера нешто да прави во свој национален интерес.
Хрватска, како претседавач со иницијативата, искрено барала македонските претставници да дојдат во Дубровник, но македонската страна решила да не патува таму каде што за некого не е добредојдена. Секако дека случајот добил и меѓународен дипломатски скандал, но сега станува појасно дека Бугарија нема намера да ја спушта топката и да влече потези во насока на градење добрососедски односи, туку ќе ги користи сите расположливи средства за блокада на својот сосед.
Ова не е само притисок за отворање на македонската Пандорина кутија наречена „уставни измени“ туку има пошироко влијание, затоа што Софија добро знае дека виси на конец фамозниот втор протокол од меѓувладината средба потпишан од тогашниот министер Бујар Османи.
Нашата редакција немаше можност да го види целиот бугарски објаснувачки документ, туку слушаше делови од него што нашиот извор ги читаше.

ВО СКОПЈЕ НИШТО НЕ Е ДОГОВОРЕНО ЗА УСТАВНИТЕ ИЗМЕНИ

Ова се совпаѓа со едно тврдење што кружи во дипломатски, новинарски и во бизнис-кругови, дека наводно сегашната влада на чело со Христијан Мицкоски се согласила на уставните измени, кои треба да се донесат до ноември. Во таа насока нашите извори велат дека требало и да се читаат повиците упатени од европскиот амбасадор Михалис Рохас „за национално обединување“. Тоа обединување треба да биде само и само за прифаќање на уставните измени и за влез на Бугарите во Уставот, но и за редица други работи спакувани сега во „пакет во десет чекори“.
Но дали се можни тие чекори кога Софија ја постави оваа сопка, токму сега кога се заговараат сериозно реформи и во ЕУ? Кога Македонија влегува во забрзано реформско движење, особено во пресметката со корупцијата и подземјето, интересно опозицијата реши да го кочи тоа. Дали постои некаков дослух со некого или тоа е нивна автентична политика?
– Ништо не е договорено – вели нашиот извор замолен да ги коментира тезите дека постои договор за уставните реформи.
Изворот додаде дека нашата дипломатија извесно време сериозно е посветена на објаснување на македонските позиции и особено за штетноста од протоколите, особено вториот, кои и не можат да бидат дел од нашиот уставен поредок. Впрочем, веќе една година тој случај се наоѓа на оценување во Уставниот суд и многу е извесно дека тој може лесно да биде анулиран.

ГЕРМАНСКИ МЕХАНИЗАМ ЗА СПРЕЧУВАЊЕ АПСУРДНИ ВЕТА

Од друга страна, смета нашиот извор, европските соговорници сѐ повеќе ја разбираат нашата позиција. Ова особено се однесува за дел од германските пратеници, кои работат на нов механизам на одлучување кога се во прашање интеграциите.
Првиот важен скок се случува со барањето на известителот Томас Вајц, кој се реши да го испрати вториот протокол на длабоко скенирање во правната служба на Европскиот совет. Вториот се однесува на изработката на нов гласачки механизам што го подготвуваат Германците. Клучната поента е давањето важност на Копенхашките критериуми. Доколку некој во иднина во текот на процесот, како што сега го прави тоа Бугарија, постави некое барање што не е во согласност со одредените принципи на Лисабонскиот договор, тогаш тоа прашање ќе оди на арбитража – дали едно барање е според Копенхашките принципи или не. Арбитражниот процес би се одвивал со соодветна динамика за да не се дозволи предолго чекање без потреба. Со овој механизам, кој е веќе во напредна фаза на изработка, би се избегнало и заглавување во однос на тоа дали ќе се воведе гласање со квалификувано мнозинство, затоа што членките не сакаат да изгубат еден за нив важен инструмент, кој на извесен начин и ги штити.

СОФИЈА НЕ САКА ДИЈАЛОГ СО ПОСРЕДНИЦИ

Она што исто така е интересно е дека Софија не сака разговори со Скопје преку посредник, како што на претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, му предложила македонската страна.
– Ние му предложивме на Кошта да договори средба на нашиот премиер со бугарскиот премиер. Тој самиот се уверил дека Софија не го прифаќа тоа – истакнува нашиот извор.
Ова е потврда дека Бугарија смета дека ја завршила работата со Македонија. Дека француската рамка е готова и за навек и очекува Скопје да игра по тие ноти. Меѓутоа, сегашната влада е решена, како што истакна неодамна премиерот Мицкоски, да оди кон ЕУ по потешкиот пат. А според нашиот брифер, јасно се гледаат и некои прозорци на можности. Еден од нив е што може да се очекува германски притисок и на повисоко ниво, можеби и директно од Мерц до Румен Радев. Златната акција на Мерц е воениот комплекс, кој Берлин забрзано го развива и во кој има место и за бугарската наменска индустрија. Еден од големите воени проекти ги води „Рајн метал“, кој влегува во Бугарија, но токму тука се гледа можноста за притисок врз Софија. Главата причина е што Берлин сака да ги затвори сите црни дупки, па и на Балканот, и интегративниот процес да биде со многу појасни контури во 2027 година како едно од европските безбедносни прашања.


Бугарска дипломатска провокација за во учебник

Во дипломатијата честопати се испраќаат пораки што не се по протокол, но од таквите постапки се кажува повеќе отколку во дипломатски ноти. На пример, ќе се постави намерно погрешно знаме или ќе се интонира погрешна химна. Познати се случаите кога за амбасадор на земја што не ви се допаѓа нема столче, па ќе седи на троножец…
Каква дипломатска сопка поставила Бугарија е за во учебник и добро е да се анализира како нѐ гледа нашиот географски сосед на истокот. На 6 ноември лани во погранично Ѓуешево, министрите Александар Николоски и неговиот бугарски колега Гроздан Караџов го потпишаа договорот за завршување на меѓуграничниот тунел на Коридорот 8. Потписите се ставени во старата железничка станица, каде што требало да има и пригоден коктел, но нашите извори велат дека до тоа не дошло, а еве ја и причината. Претходно бугарската делегација доцнела сериозно, а во Ѓуешево стигнала со воз произведен во Германија во 1937 година, кој сега служи како туристичка атракција, или за приватни забави. Случајно или не, бугарската делегација дошла на воз произведен во нацистичка Германија, и тоа во времето на Цар Борис Трети Сакскобурготски.